Кризата на современоста

Како се вика христијанинот чијшто ум е толку оформен, што верата во Бога е речиси невозможна?

Одговор: модерен човек.

За кризата на модерноста наговестив во еден текст кадешто се повикав на терминот на Флоровски, трагедијата на Западното Христијанство. Кризата не е финансиска, и покрај тоа што финансиските пречки откриваат некои културни слабости кои се присутни во современоста. Во многу земји, многу малку е потребно за да се исполнат улиците со насилни протести (иако најчесто самиот протест е без јасно водство или намера).

Во оваа трагедија на Западното Христијанство често запаѓа и Источното Христијанство: a таа трагедија е неуспехот на Црквата. Секако, верувам во Христовите зборови дека ни портите адски нема да ја надвладаеат Неговата Црква. Таа не исчезна, и покрај трагичните падови.

Голем дел од христијанското живеење денес го достигнува индивидуализмот на современоста. Христијанскиот живот, како вообичаениот живот кој се живее само во контекст на Христовото Тело, Црквата, за многумина претставува концепт кој покрај чувството на другарување со другите христијани, и нема некаква голема содржајност. Ваквото прилагодување на христијанството ја покажува верата како една од многуте модерни избори на „животен стил“. Затоа и не изненадува фактот дека многу „животни стилови“ кои се традиционално отфрлени од Светото Писмо се лесно прифатени во христијанството, кое постои само како збир од „избори“.

Раните Христијани ја разбирале вистинската природа на Црквата и ја практикувале во контекст на непријателската, паганска култура. Современите Христијани, дури и оние кои ја восприемаат Црквата правилно во нејзината полнота како Тело Христово, го прават истото во многу чудно општество – секуларен свет кој е повеќе „пост-христијански“, одошто само пагански и непријателски.

„Пост-христијанските“ аспекти на нашата култура ја прават верата во Христа (традиционално предадена во нејзината полнота од предците и Црквата) речиси невозможна. Да се каже дека Христијанството е „начин на живот“ не е исто со изјавата дека Христијанството е „избор на животен стил“. Многу модерни Христијани тешко би можеле да ја објаснат разликата.

Одговор: изборот на стил на живеење е збир на постапки базирани на одлуки кои ги носи поединецот. Начин на живот (во вистинското значење) се однесува на фактот дека вистинската заедница со Христа е единственото (можно) средство за вистинско постоење – сето друго е смрт или движење кон непостоење.

Во пост-христијанскиот свет, институциите станаа кусовечни, во најдобар случај базирани на грубата принудна моќ која тие ја поседуваат. Тоа што папата можеше да го натера светиот римски цар (Хенри IV) да падне на колена во снегот сега е приказна од минатото. Христијаните зборуваат, даваат изјави по разни владини тела, најчесто без никаква полза. Црквата нема силно влијание врз јавното мислење.

Да се пристапи кон христијанството како кон „начин на живот“ значи да се отфрли самиот пост-христијански свет – да се препознае празнината на секуларизмот – и да се стави животот на човекот на место коешто нема некое особено јавно значење во светот во кој ние живееме. Да се препознае Христос како сам Извор на нашето постоење и благосостојба значи да не се стави ништо пред Него, или во споредба со Него. Значи да признаеме дека нашиот вистински живот е конституиран од љубовта кон Бога, љубовта кон соседот и љубовта кон непријателот. Сè останато е второстепено и од помало значење. Значи да се стави нашиот живот под судот на Крајот на сите Нешта, а не во кое било друго време или место.

Светот којшто ние сега го нарекуваме „модерен“ е едноставно еден од многуте културни уредувања кои луѓето ги користеле за нивното секојдневно општење. Во него нема ништо добро само по себе, ниту вистинско во неговиот состав, ништо кое ја бара нашата лојалност. Иако на „бог“ му одредиле место во секуларниот свет, таквото место Бог не го зазема; го заземаат само работи кои се ставаат под зборот бог, и кои поради тоа се модерни идоли. Вистинскиот Бог е крај на сите секуларни проповеди.

Кризата на нашиот сегашен светски поредок се состои во тоа што тој нема посебна врска со Бога Кој Е. Сегашниот светски поредок се утврдил себеси како супериорен над сето останато и како судија на сите нешта. Како таков, тој не може да има вистински Бог.

Да се отфрли современоста и секуларизмот, за Христијанинот значи да се оди по пат на конфликти и потешкотии. Значи да се согледа современоста онаква каква што е (уште една човечка конструкција) и секуларизмот онаков каков што е (уште еден човечки напор да се потисне Бог до некоја релативна станица). Тоа е пат обележан со напнатост и борба и многу недоразбирања. Но, ова е борбата на нашето време, кризата и трагедијата кои припаѓаат на нашето доба.

Да ја имаме мудроста да го познаеме нашето време и да Го познаеме вистинскиот Бог помеѓу сета твар и да Го распознаеме Неговиот глас од сите заблуди кои соблазително нè повикуваат.

Отец Стефан Фримен

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz