Крит – Островот на св. апостол Тит

втор напис од серијата посветена на светиите од грчките острови

Крит е најголемиот грчки остров во Средоземното Море, кој уште од апостолско време се споменува како важно место на кое јудеите покрстени за време на првата проповед на св. апостол Петар започнале да го проповедаат Евангелието. Сепак, првата христијанска заедница на овој остров се родила на едно од патувањата на св. апостол Павле, кој го поставил својот сотрудник, светиот апостол Тит, за прв епископ Критски.

Критски Светители

Критските светители кои засветлиле во нивните подвизи се многубројни: на стотици стотици, и затоа не чуди фактот што секоја црква и манастир на овој остров изобилува со свети мошти. Покрај св. апостол Тит, и неговите наследници – светите архијереи Филип, Кирил и Евмениј, во византиската агиологија особено внимание им се посветува на Десетте свети маченици пострадани за време на царот Декиј.

Светиот Андреј Критски, меѓу другото, најпознат по неговиот Голем покаен канон што го читаме во првата седмица од Великиот Пост, исто така, за време на иконоборечката ерес, бил архиепископ Критски речиси цели триесет години. Значајно за споменување е и тоа дека светите отци од Седмиот вселенски собор Илија, Епифаниј, Теодор, Анастасиј, Мелитон, Лев, Теодор, Лев, Јован, Епифаниј, Фотиниј и Сисиниј своите катедри ги имале на територијата на островот Крит.

Подоцна островот потпаднал под арапска и венецијанска власт, но народот Божји останал верен на верата на своите татковци, за што сведочат бројните сочувани цркви и манастири од тоа време. Турскиот јарем уште повеќе ја отежнал положбата на поробениот Крит, но во тоа време Црквата добива и големи светила, митрополити и епископи – свештеномаченици: Герасим, Неофит, Јоаким, Јеротеј, Захариј и Калиник. Во тоа време своите животи за Христа ги положиле и немал број тајни Христијани (криптохристијани), преобратени во светлината на Христовата вистина од ислам, меѓу кои особено откриени се светите Емануил и Анезина, со нивните чеда Георгиј и Марија (со турски имиња Ибраим, Фатиме, Мустафа и Хатиџе).

Мајсторот на византискиот фрескопис од раниот шеснаесетти век, Теофан Критски, чиишто фрески красат голем број светогорски манастири, е по потекло Криќанец.

Предлози за посета

Соборната црква на св. апостол Тит во Хераклион

Секако, прв предлог за посета на овој остров е соборната црква на св. апостол Тит во Хераклион, на северниот брег на островот, кадешто од 1966 година е вратена и се наоѓа чесната глава на светиот апостол Тит, како и чудотворната икона на Богородица Месопандитиса.

Свештениот манастир Кудума

Свештениот манастир Кудума, на југот од островот, е основан од светите браќа Партениј и Евмениј, а по јавување и благослов на Пресвета Богородица. Како браќа по тело, по смртта на нивниот татко одлучиле да примат монашки потстриг, на што нивната мајка се противела и одбивала да им даде благослов. Смирени пред нејзината одлука, тие го почекале вистинското време за заминување. Еден ден, мајка им ги замолила да ѝ насечат дрва за да ја запали печката и да испече леб. Горејќи од оганот на монашкиот повик, браќата ја замолиле мајка си да им дозволи да го испечат тестото без да запалат оган. Откако мајка им го видела чудото, како настасаното тесто се пече во незапалена печка, се смирила пред желбата на своите чеда, и ги благословила да го започнат монашкиот подвиг. Преку нив Бог направил бројни чуда. Нивниот спомен помесната Црква го празнува на 10 јули.

Во декември минатата година, уште еден голем старец кој се подвизувал во овој свештен и свет манастир се упокои во светлината на Христовото Воскресение. Старец Анастасиј Кудумашки, кој според зборовите на Високопреосветениот Митрополит Јеротеј Влахос бил „собеседник на апостолите, не на Аристотел“, беше опитен богослов на Црквата Христова кој не завршил ниту основно образование. Сепак, тоа не го спречи старецот да чекори по патот на обожението, разговарајќи во својата келија со множество светители – според сведоштвата, на старецот му се јавувале св. Јован Златоуст и св. Григориј Палама, потоа блажените основачи на манастирот Кудума – светите Партениј и Евмениј, свети Пантелејмон и света Параскева, и голем збир други светители, бивајќи утеха на сите Христијани од овој век.

По молитвите на Критските светители, Господ Бог да нè помилува и спаси, како Бог Којшто е добар и човекољубив. Амин.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz