Кратко житие на свети Константин Кавасила

Светиот Константин Кавасила се родил и живеел во една бурна епоха на постојани војни и борби за превласт помеѓу христијанските владетели на распарчената Источна империја. За неговиот живот и дело до нас е стигнат мал број податоци. Се родил во Драч, во познатото семејство Кавасила. Како припадник на благороднички род, свети Константин уште од младоста се стекнал со солидно високо образование, како во областа на световните науки, така и во сферата на духовните знаења. Околу 1220 година бил хиротонисан за Струмички епископ. На струмичката катедра напишал два молебни канона за светите Петнаесет Тивериополски маченици, кои се негови први химнографски творби. Благодарение на неговата посветеност во служењето на народот Божји во Струмичката епархија, бил забележан духовен процут на епархијата, за што епископот Константин бил пофален од самиот архиепископ Охридски Димитриј Хоматијан. Како ревносен пастир, свети Константин набрзо бил унапреден со митрополитско достоинство во градот Драч. На митрополитската катедра во својот роден град останал сè до неговиот избор за Охридски архиепископ, малку пред 1250 година. Трудољубиво служејќи, свети Константин целосно се посветил на Охридската Архиепископија, градејќи цврста градба на основите поставени од страна на неговите славни претходници – светите Климент, Наум, Теофилакт и другите. Како архиепископ на најсветата Охридска Архиепископија, тој составил еден молебен канон за свети Климент Охридски и два во чест на свети Наум Охридски.

Св. Константин Кавасила
Св. Константин Кавасила
Поради бурните политички премрежја кои следеле по Четвртата крстоносна војна и падот на Константинопол под власта на Латините, во 1257 година архиепископот Константин Кавасила бил заробен и заточен во Никејскиот затвор. Сепак, по периодот на заточеништво, севастократорот Јован Палеолог го вратил на светиот архиереј на Охридскиот престол и продолжил бескомпромисно со грижата за црковниот живот на Јужните Словени. Исто така, се спротивставил на обидот за склучување на Лионската унија со Латините, без претходно да бидат решени клучните догматски прашања. Особено го вознемирувало римокатоличкато учење за исходењето на Светиот Дух и од Синот, што претставува суштинска разлика и главна причина за расколот со Латините. Кавасила на секој начин се трудел да го заштити вистинското учење на источната православна Црква. Дури и иконографската програма во повеќе храмови градени во негово време, содржи композиции, кои уште повеќе го потврдуваат неговиот став против обединувањето.

Свети Константин се упокоил во Охрид на 18 октомври по стар, или 31 октомври по нов стил, предавајќи ја својата душа во рацете Христови, и бивајќи воспеан од устите на неговите духовни сираци со зборовите: Како сребро вжарено во печка и како злато испитан многупати во многу искушенија победа си понел; храбро си се борел, не против плотта и крвта, туку за противник имајќи го началникот на мракот; така како достоен награди си примил, богомудри Константине, кога заспа со блажен сон.

По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе помилуј нѐ.

според: Ликот и делото на свети Константин Кавасила, Архиепископ Охридски – Виктор Недески

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz