Крај реките Вавилонски

Според православното предание, во очи на Великиот пост се пее 136-от псалм – „Крај реките вавилонски“. Овој псалм говори за Израилот, за неговото пребивање во Вавилонско ропство, кое се случило шест века пред Христовото рождество. Кога Израилците биле одведени во ропство, се повторила веќе познатата историја. Луѓето се навикнале, почвата таму била плодна (Месопотамија или Меѓуречие е плодна рамнина), климата – блага, тие не биле навредувани, и секој имал своја нива. Снаодливите Евреи набрзо започнале да се занимаваат со трговија, па наскоро дошло и до подем. Општо кажано, започнале да ја забораваат својата татковина, но не само тоа, туку почнале да забораваат и на Бога, да се поклонуваат на локалните, многубожечки идоли.

Заради сето тоа, пророците со сета сила настојувале да ги разбудат од дремката: „Не спиј! Запомни дека овде си поробен, колку и да ти е добро! Ова не е твојата земја! Не заборавај Го Бога – твојот повик е поинаков! Допрва треба да дојде Месијата – Искупителот на сите!“ Така настанал и 136-от псалм, кој завршува со страшните зборови: „Ќерко вавилонска, опустошителко, блажен е оној кој ќе ги зграби и од камен ќе ги разбие децата твои“. Каква крволочност! Токму затоа, очигледно е дека овдеб и требало да обрнеме внимание токму на духовниот смисол на овие стихови.

Ние, христијаните, сме Новиот Израил, но и ние сме поведени под ропство. Нашиот Ерусалим не е градот што се наоѓа меѓу Средоземното и Мртвото Море, туку тоа е нашето срце. Црквата со овој псалм, во очи на Великиот пост нè потсетува: Ние сме заробеници.

Да ѝ погледнеме на вистина во очи: во текот на годината, ја изгубивме пасхалната радост, тоа прекрасно чувство дека сме синови, а не слуги. Да погледнеме околу нас: каде се наоѓаме? Се испоставува дека сме стигнале во Вавилон, и дека нè поробиле нашите страсти и гревови. Затоа, време е за востание, кое треба да започне од свеста дека не можеме да живееме на овој начин.

Значи, штом човекот сфати дека е заробен, тој мора да започне и да се бори за својата изгубена слобода – за слободата да биде христијанин, за слободата да живее според својата совест. Преку овој псалм ни са дава и совет како да се здобиеме со таа слобода: разбиј ги „децата“, што значи дека тие вавилонски „деца“ се – символи на гревот. Во тој случај, што би бил каменот? Каменот на верата е – Исус Христос. Преку молитва кон Христа се разбиваат гревовните помисли. Ако почувствуваш дека во твојот духовен простор влегол крадец и разбојник – викај! Повикај кон Христа: „Господи, помогни ми“. Тоа ќе значи дека ти не му допушташ на гревот да те зароби, и дека можеш да се избавиш од него.

Отец Стефан Фримен

Оставете коментар

1 Comment on "Крај реките Вавилонски"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Крај реките Вавилонски […]

wpDiscuz