Колку да се прости?

Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: „Господи колку пати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“ Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум”.

Матеј 18, 21-22

За да се зборува за простувањето, исклучително е да се допрат најсензитивните делови од душата, оние во кои се случила траума од одредено однесување на ближниот, која ја зоврела точката на толеранција до степен на неопходност од преговори. Ближниот нешто рекол, сторил, погледнал накриво или се насмевнал недоволно искрено и навредата е тука, сурова материја која ги преполнува алвеолите на разбирањето со оган кој понатаму ќе се претвори во гнев или ќе се санира со простување. Иако болката најчесто ја дефинираме како последица од лоша постапка на грешниот, голем дел од статистиката се однесува и на чувство на повреда родено во лавиринтите на сопствената суета која високо издигната не дозволува ниту зрнце прашина да падне врз нашата праведност и способност да судиме за нештата. Раната е направена, простувањето е присутно и недостига еден силен баланс помеѓу нив за да можеме да говориме за идиличната слика на прегратка потоа, кога зборовите на помирување ќе се кажат и цело зло во вид на негодна завеса ќе се оддалечи од тие души кон бездната.

Фикос

Колку пати да им простам? Можеби до два пати кога се смееле за мојата физичка убавина и нејзините недостатоци. Или до седум пати за иронијата по мојата духовна убавина и нејзините празнини. Или до четиринаесет за тоа што ми го зедоа наследството, деградираа работната позиција или пресметаа поголема маржа на она што ми го продадоа. Или до триесет на оние кои погрешно паркираа пред мојата гаража, на старецот кој одвај ја преминува улицата додека јас се брзам за на утринското кафе и на бегалците од медиумите и нивната страшна судбина која ми ја расипува попладневната ужина. Или до педесет на политиката која нè извалка, на корисниците на нуклеарното оружје кои нè озрачија и на религијата која се користи како параван за пресекување на главите. Или до седумдесет и седум на дождот кој ми го расипува пешачењето, на ветерот кој ме плаши пред заспивање и на сонцето кое ме препекува. И повеќе не можам. Не остана место за мене. Да си простам затоа што сум го загубил трпението, што сум поверувал дека некој погрешил, кога сум заборавил дека на верните се добро им поминува, ако се расплакав надвор од покајанието, ако си замолкнав и после молитвата, ако се разгневив и после седумдесет и седум уверенија кој ќе остане надвор од портите…

Колку пати да ми простат? Можеби до два пати за проценката непромислена со греда во окото. Или до седум пати за зборовите неискажани кога некому жедно му беа потребни. Или до четиринаесет за погледот отсутен, па кога благодатта демоните одвај дочекаа да ја украдат. Или до триесет ако не успеам да го спасам светот барем со мисла во која сите се среќни и ниту еден нема во местото за плач и крцкање со заби. Или до педесет за мојата гордост да станувам спасител наместо Оној што дојде и да спасувам свет веќе прогласен за отпад. Или до седумдесет и седум за воздухот кој го дишам бесплатно, а не сум оставил траги за запис во Книгата на животот. И повеќе не можат. Освен Јагнето за Кој броевите се само нумеричка верзија на лекцијата за постанување син. Ми простил толку пати колку што има денови во мојот живот, и многу повеќе за оние во кои грешев повеќекратно. И си ветив дека наредниот ден нема да Го повредам. Тој ден не ја дочека квечерината за да ме означи повторно како негоден и беше копија по срамот и поразениот копнеж за исконското светло. И како маж свикнат на болки ќе го чекам новото утро со уште помала сигурност во сопствените сили за да се осветам. А Јагнето видел нешто што не можам да го дознаам и ми простува со онолку силна љубов што предизвикува каење од чистите допири по деловите од необновениот човек, за кои понекогаш мислам дека нема да престанат да изневеруваат.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz