Кој сака да Ме следи, нека Ме следи

Старец Ефрем Ватопедски

Модерниот човек живее во комфор. Удобноста е предмет на неговите желби. Целта во животот на современиот човек е да добие колку може повеќе материјални богатсва и да се наслади со нив, а сепак да го добие тоа со малку труд и борба. Трудољубието, како средство за добивање на духовни и материјални блага е ретка добродетел во нашите дни. Напротив, избегнувањето на трудот е карактеристика за секоја возраст и секој општествен слој.

Како таквиот човек може да ја разбере смислата на крстот? Како може да го спознае, да го возљуби Христа, игнорирајќи го Неговиот крст? Како може, да го вкуси своето спасение, ако се откаже од својот крст?

Спасението на човекот е безусловен дар од Бог, но тој дар се доживува низ опит, се доживува преку учеството во Христовите страдања. Свети Григориј Палама вели дека Христос како добар првообраз ни го оставил Неговиот живот – а Христос Својот земен живот не го живеел за Себе Си, туку за нас. Значи ние сме повикани да се соединиме со земниот живот на Христа, за да можеме да ја добиеме вечноста која е исполнета со љубов. Да го земеме крстот и да одиме по Христа: на Тајната Вечера, во Гетсиманската градина, пред лицето на Пилат, пред бичувањата, пред исмевувањата, на Голгота, во Адот, во смртта.

Соединувањето на христијанинот со Христовите страдања се случува на духовен начин – верникот го прима Господовиот крст, како сопствен крст – невидлив, но реален и познат само за Бога. Но, секоја тага, која христијанинот ја доживува исполнувајќи ги Божјите заповеди, всушност е крст.

Времето во кое живееме претежно е антихристијанско. Нашата епоха не е време на Византија, кога повеќето луѓе биле свесни христијани. Денеска е тешко да се живее како христијанин, но, од друга страна, честопати тоа е големо и значително дело. Во очите на современиот, постмодерен човек, вистинскиот христијанин изгледа како смешно и бесмислено суштество. Несправедливо го обвинуваат, клеветат, гонат, го ставаат во затвор зашто е Христов и зашто е способен да го подигне својот крст без никакво оправдување и без желба да се заштити себе си. Тој оди по стапките на победениот, прогонетиот, заклучениот и распнатиот Христос. За оваа состојба нема место во рамките на човечките разбирања.

По Погребението на Христа настапило Христовото Воскресение. Така и за христијанинот што претрпува маки и испитувања, по крстот ќе го добие своето лично воскресение. Подигајќи го доброволно својот личен крст, тој се присоединува во полнотата на Божјиот живот. Само преку крстот може да се преживее воскресението – дејствителната и неотуѓивата радост.

Символот на крстот, кој бил проклетство, преку Христа стана благослов. „Зашто преку крстот дојде радоста за сиот свет“. И ние, како браќа, во единство и љубов ја чувствуваме таа радост во нашите срца. По крстот следува Воскресение.

Се молиме Господ да ни ги даде Своите изобилни дејствувања (благодати) и Воскресението на целиот свет, на сите подложни на различни испитувања и на сите распнати луѓе.

Старец Ефрем Ватопедски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz