Кој ќе Го предаде?

И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам,еден од вас ќе Ме предаде.“ Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“ А, Он им одговори и рече: „Оној што ќе макне со Мене во чинијата, тој ќе Ме предаде. Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе се предаде, добро ќе беше за тој човек ако не беше се родил.“

Матеј 26, 21-24

Уште кога јадеа, Јагнето им кажа дека некој ќе го предаде. Да не сум јас, Господи? Уште одамна, од кога сум ја утврдил својата свесност и можностите истата да се преокупира и со посвети нешта отколку само со валканиците на страстите, ја паметам нејзината средба со Јагнето и првата љубов кон Таткото и креаторот на сѐ и сешто. Беше нешто наивно и нешто невино и сѐ уште непознато во рангот на сеприфатените преданија од народот за постоење на високи сили, духови, појава на светци и гонење на злодуси. Тропаше тогаш Исус на портата, а јас сум отворил и примил од Словото доволно за да го поделам светот на добро и зло, дури и да започнам со подготовките за патот кој воопшто не наликуваше на дотогашниот. Ако тогаш си го бев поставел прашањето да не сум бил јас, ќе прифатев и потврден одговор поради мојата немудрост да го анализира однесувањето кое поради неискуството во војната со силите на злото можеби и пропуштило повеќе аспекти од гледиштето кон гревот. Ќе прифатев дека сум предавникот, но сепак крајно сомневајќи се во фазите кои довеле до тој исход, убеден дека навистина сум се променил во добар, освен ако тоа беше уште една од моите фатаморгани на лесно самоубедување.

За посигурно, предавникот е оној што макаше во иста чинија со Јагнето. И тоа сум го сторил земајќи го во обзир учеството во сѐ каде Тој се отсликуваше. Зрелоста, колку уште во поголеми гревопади, ме втурна и во светли мигови на просветление за вистинскиот пат и вкусување на благоста на јаремот кој треба да се поднесе за Него. Еден од тие мигови беше и спознанието за неминовност да се биде Божји образ, копија во сѐ што е запишано и дошепнато од Утешителот. И може ли еден војник, сериозно подготвуван да биде имитација на Творецот, истовремено да биде и предавникот? Веројатно да, пред сѐ поради изневерувањето на каузата потврдена со макнувањето во истата чинија. Сум завидувал на ближниот, сум се гневел и на птиците, сум крадел негодни помисли, сум ја убивал насмевката на кротките, сум се лажел себеси… Зар тоа не е предавство и тоа она од најдолен вид, кое уште еднаш ќе ги поттикне солзите на Распнатиот, кое ќе ме прави тажен поради тоа и на крајот ќе ги довлечка и слугите на Мамона за да ме предизвикуваат онака раслабен. Веројатно да, тоа е предавство, но сѐ уште не толку трагично како деновите кога сѐ оди толку добро, се чувствува мирисот на небото, во храмот се угостиле Светата Троица, утрото е светло, а ноќите не се мрачни, желбите се исполнуваат брзо како трепнувањето на светилките од ореолот на ангелите, ти доаѓа да извикаш и ги надвишиш планините, душата ти е полетна и сака да се оддели и брза кон висините… и наеднаш разговор со змијата, непадење на нејзините понуди, слабост и грев.

predavstvo

Синот Човечки си отиде, и тешко му на оној човек преку кого Тој ќе се предаде, и добро ќе беше за него ако не беше се родил. Ако сум предавник добро ќе беше за мене да не бев се родил, да не сум го вдишал првиот воздух од атмосферата полна со надежни честички, да не сум го повикал името на Таткото кога ми било најтешко, да не сум се помолил кога очајот ме потопуваше, да не сум се расплакал за да ја растопам грутката и да не сум се заколнал на послушност. Подобро да ги пропуштам сите овие благодети само да не бев споменуван како Јуда кој после бакнежот си ја продаде душата. Подобро да останам надвор од портите заедно со кучињата и блудниците само Јагнето да не ме погледнеше како Петар после третото одрекување. Подобро да си ја пресечам раката или извадам окото кои ме искушуваат само да не го изневерев Оној кој цело небо го поттикнуваше да се радува за спасениот покајник. Имам блуткав вкус во устата кој не верувам дека се поттурнува со ништо друго освен длабоки воздишки кои треба да се претстават пред Него, да го уверат дека бев слаб кога погрешив, дека има многу добро во мене кое не можам да го направам и дека верувам дека сепак не сум бил роден толку залудно.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz