Кој е достоен?

А штом влезете во некој град или село, распрашајте се кој е во него достоен и таму останете, додека не си отидете. И кога ќе влезете во некоја куќа, поздравете ја говорејќи: „Нека е мир на таа куќа!“ И ако куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа, ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир нека се врати при вас! Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши! Вистина ви велам: полесно ќе и биде на земјата Содомска и Гоморска во судниот ден отколку на тој град.

Матеј 10, 11-15

Во град сум или село во кои сум го поминал целиот досегашен живот и не знам како да запрашам кој е достоен. Прво, се плашам за моите способности за проценка дали е некој тоа, земајќи го само во обзир личното убедување дека достојноста е прифатливост од Бога на дете – врвен кандидат за Царството небесно или маж кој го оставил детинското, но ниту една од заповедите Господови. И второ, верувам дека ќе добијам различни одговори од ближните во рамките на широк дијапазон од тоа дека богатникот е достоен да нагости со млеко од пиле па сè до властодржецот е достоен да вдоми во бели миризливи постели. Ќе бидам збунет, но таму ќе останам додека не си отидам.

Кога ќе влезам во некоја куќа, ќе ја поздравам и ќе ѝ посакам мирот да биде во неа. Ќе ѝ раскажам за сè што Бог ми доверил и како сето тоа поттикнува радост. Таа ќе ме праша зошто соседната е многу богата и повеќе среќна иако не заслужува? Ќе ме праша дали синовите во неа ќе се оженат со принцези, и дали ќерките нејзини ќе имаат фустани како оној на Пепелашка? Ќе ме праша зошто таа нема базен како онаа на синот од оној од партијата или доволно соби за секого кој лут на останатите посакува да се осами? Ќе ме праша зошто смртта ги посетува толку рано нејзините домаќини за разлика од патолошката заборавеност кај соседите? Јас повторно ќе ѝ раскажам за сè што Бог ми доверил и како сето тоа поттикнува радост, неочигледно вознемирен како воопшто не сум бил сфатен. Си заминав со тежок товар од мирот кој се врати при мене, чие место овојпат не беше само во мојава душа преполна со желба да го подели со ближните.

Кога ќе застанам пред некоја куќа, ќе ја поздравам и ќе ѝ посакам мирот да биде во неа. Ако не ме примат и не го слушнат мојот поздрав, јас ќе заминам и ќе го истресам правот од нозете мои. Но каде би одел? Нели во нивните очи го видов истиот пркос кој долго време го забележував во огледалото додека се насладував на мојата надворешна убавина? Слични беа нивните раце кои ме оттурнуваа, со ист замав како мојот кој пречесто беше користен да ги отстрани пророците кои ја кажуваа вистината, непогодна за моите уши. И нивните усти полни со прекор ме потсетуваа на не толку одамнешните бури од зборови, невернички, бунтовни и саркастични, наменети за пророците кои ја кажуваа вистината, нетрендовска за моите ставови. Ги гледав нивните силуети со испреплетни сенки од заканувачки гестови и сомневања, но не колебливост дека можеби човекот-јас и нешто добро изустил и знаев дека тоа е дежаву на истиот настан со мојата личност во него. И, каде би одел? Да се вратам и обидам уште еднаш да раскажам за сè што Бог ми доверил и како сето тоа поттикнува радост.

Бидејќи вистина ни беше речено дека полесно ќе им биде на земјите Содомска и Гоморска во судниот ден отколку на таа куќа. Таму немаше ниту десет праведници кога беше донесена пресудата. И Господ излеа од небото дожд од сулфур и оган, ги сосипа градовите, целата околија, сите жители и растенијата и завршија во пламен и чад како од печка. Потешко ќе ѝ биде на таа куќа отколку на непослушните градови, но не многу повеќе од ужасот кој го чувствувам при замислата на сето тоа. Затоа да се вратам и обидам уште еднаш да раскажам за сè што Бог ми доверил и како сето тоа поттикнува радост. Барем две уши да ме сослушаат, две очи поверуваат и една душа ќе биде спасена. Таа ќе биде прелетна од радост и нема да мириса на чад и пламен повеќе.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz