Кога светот што ве опкружува е агресивен, се крши детската душа

Зошто децата стануваат сурови?

Мнозина сметаат дека децата се раѓаат како да се ангели. И затоа нашето запрепастување е толку големо кога ќе ја забележиме суровоста токму кај нив, децата. За тоа од каде потекнува детската суровост и како да се справиме со неа, гласно размислуваат свештениците Дмитриј Смирнов, Валериј Духанин и Сергеј Болобородов, исто така, и мајката на многудетното семејство Наталија Јалтанскаја, како и православниот психолог Људмила Ермакова.

+ + +

– Доколку се земе в предвид нашата лутина, во тој случај би требало да се констатира дека суровоста потекнува од суровост. Земете пример, како што детето во семејството постојано е поттиснувано од неговите постари браќа, и на училиште започнува сурово да се однесува со своите врсници од класот. Така, детето само го копирало моделот на однесување од постарите. Се покажа дека ова е одлучувачкиот фактор: кога светот што ве опкружува е агресивен, детската психа се крши. Тоа често бива испровоцирано од страна на родителите кога тие меѓу себе разговараат остро, на повисок тон, или ја истураат својата нетрпеливост врз детето, а детето пак, како противодговор, се озлобува.

Поради сето ова, лично мислам дека детската суровост во голема мера произлегува поради отсуство на топлина. Детето не примило љубов, не ја почувствувало топлината на љубовта и рано започнува да го восприема како непријател светот што го опкружува. Тоа како еже ги испушта своите игли и ги боцка оние што се покрај него затоа што навикнало да ја чувствува отуѓеноста и студенилото на околината.

Денес, во најголем степен, децата не ја вкусуваат љубовта до својата крајна полнота, ним малку им се одвојува внимание. Жените не го восприемаат раѓањето на децата како главна цел во животот, ниту како нивен основен животен повик. Треба да се има деца, но таму некаде, на втор план. За мажите презафатени со работа, децата стануваат нешто налик на живи играчки. Со нив можат малку да се поиграат за релаксација, но да се занимаваат со сериозно воспитување, на штета на себеси и својата удобност, ретко кој од нив тоа го посакува. Поради тоа, детето не го добива во целост должното внимание, и можеби затоа многу често бега во виртуелните игри исполнети со крвопролевање и деструкција или гледа цртани филмови со насилни и сурови содржини. А што друго би можело од него и да се очекува?

Неопходно е да се запомни дека сите ние ја наследивме паднатата природа

Доколку погледнеме од подлабока богословска перспектива ќе го забележиме влијанието на гревот врз децата. Неопходно е да се запомни дека сите ние ја наследивме паднатата природа – децата се раѓаат со неа, и затоа веќе во детството кога детето сè уште не може да биде одговорно за своите постапки, сепак, во неговата природа, се манифестира нешто гревовно: непослушност, самоволие, негодување.

Затоа, следните редови напишани од страна на преподобниот Варсонуфиј Оптински сведочат за вистинската тежина на суровоста: „Еднаш имав сновидение, го гледам пеколот и пеколните маки. Забележувам едно мало девојче, на возраст, 5-7 години и ѝ велам: ’Како пак ти се најде овде?’, а во себе размислувам: ’Какви ли можат да бидат гревовите на ова детенце кога таа е толку малечка?’. Таа ме гледа и ми одговори: ’Јас сум овде поради лоши мисли’. Се разбудив, и по некое време отидов кај мојот духовник и го прашав: ’Можно ли е сето ова?’. Тој ми одговори: ’Да, половината од пеколот се деца’.“

Лично, многу посакувам ова сновидение да беше само предупредување, а не реален факт. Но, затоа пак, пречесто можеме да видиме како уште во најрана возраст човекот започнува да се огрешува со омраза, гнев, суровост. Гревот – е секогаш агресија. Тоа е болест на нашата природа. Но, расипаноста на душата дополнително се провоцира однадвор, преку агресивната средина којашто не ја намалува, туку ја изострува расипаноста.

Што да сторат возрасните кога ќе се сретнат со суровост меѓу децата? Доколку суровоста се изразува на екстремен начин, во тој случај, секако таа мора да биде пресечена. Детето е должно да почувствува дека секое зло завршува со пораз. Сепак, она што се чини дека е најважно – не треба да се фатиме во стапицата на суровоста, да не се заразиме од неа и да започнеме со суровост да реагираме врз другите луѓе. Огнот со оган не се гаси. Всушност, ѓаволот и нема некоја друга цел, освен тоа во луѓето да се посее взаемна омраза. Треба да се научиме ова да го разобличиме.

Навираат спомени, во време на војната во Чеченија помеѓу нашите војници се најде ранет чеченски младинец. Тој беше сместен во христијанска болница каде што грижливо беше негуван од една добродушна медицинска сестра. Младинецот за сето време злобно провоцирал говорејќи од сето срце дека кога ќе порасне ќе ги коле Русите. Медицинската сестра го прашала: „И мене ли ќе ме заколеш?“ Младинецот којшто од неа добил толку многу грижа и помош, не очекувајќи вакво прашање, рекол: „Не, тебе нема да те колам.“ И повеќе не се ругал. Тоа само едно нешто може да значи, дека често зад надворешната суровост се крие топла душа, страдална, душа што копнее за љубов.

Во скриените длабочини на душата секогаш има копнежлива тага по неизвалканото добро, по чист однос кон блискиот, по искрена љубов. И тоа може да се разбуди од чија било љубов.

Еден познат историчар бил поканет да предава во едно училиште – интернат за проблематични деца. Бидејќи важел за добар и учтив човек, тој започнал спокојно да го држи предавањето. Но, децата на него реагирале со потсмев, шеги, кикот, и фактички го срушиле предавањето. После часот, учителот веднаш се упатил кај директорот и го известил дека си заминува. Тој не ги обвинувал децата за никаква злоба, просто не сакал да работи во таква атмосфера. Директорот едвај успеал да го измоли да остане барем уште некое време со зборовите: „Кај нас никој не сака да работи“.

Следниот пат, кога тој имал час, се случило чудо: тој на својата катедра видел ѓеврече и топол чај, а децата рекле: „Тоа е за вас. Ние се плашевме дека вие повеќе нема да се вратите“. Од тој миг, помеѓу нив се развиле прекрасни односи. Децата почувствувале дека тој добро се однесувал со нив. Изложувајќи некоја наставна тема, тој на следното предавање им покажал некој уметничко-историски филм и потоа со децата го проследил. Резултатите на неговиот добар однос биле такви што еден од неговите ученици,за кратко време отишол на духовна семинарија и станал свештеник.

Таму кадешто луѓето искрено веруваат во Бога, децата стануваат поспокојни и помалку се поводливи за манифестирање детска суровост.

Последно што би сакал да го кажам е: на гревот му противтежи благодатта. Сум видел разни училишта, и доколку некој би ги искритикувал православните гимназии за несовршенство, само можам да кажам дека во нив има сосема поинаква атмосфера. Таму каде што луѓето искрено веруваат во Бога, се молат, се покајуваат за своите гревови и се обидуваат да живеат според заповедите Божји, таму децата се поспокојни и помалку се поводливи за манифестирање детска суровост. Суровоста таму стивнува, а не се провоцира. Божјата благодат носи мир во душите, и тоа во изобилство им се предава на другите, особено на децата. Тоа значи, за да се изградат своите односи со децата треба да се започне со градба на самиот себе со посредство на собирање на благодатта Божја.

Свештеник Валериј Духанин, кандидат за доктор по богословски науки, проректор на духовната семинарија Николај-Угрешки

Превел од руски м-р Пантерлеј Кондратјурк
Со благослов на о. Горан Тасески

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz