Св. Климент Охридски: Похвално слово на архангелите Михаил и Гавриил

Настапи пресветлото торжество на бесплотните сили, кое надминува секаков ум и разум, озарувајќи ја целата вселена со пресветлите зраци. Бидејќи тие не се со телесна природа, туку со недопирлива и несфатлива природа, тие зрачат со светлината на самото Божество. Тие со трепет стојат околу престолот, трепетно со крилјата покривајќи ги своите лица и со непрестаен глас вознесувајќи Му ја на Бога трисветата песна, говорејќи: „Свет, Свет, Свет е Господ Саваот, полна е целата земја со Неговата слава“.

+ + +

Похвалата за нив не може ниту јазик да ја изрече, ниту умот е во состојба да ги пофали како што треба. Но колку и да сме слаби, треба да го постигнеме барем она што за нас е можно. Полагајќи ја својата надеж на нив, да ја изразиме нивната неискажлива милост и застапништво во сите напасти. Зашто преку овие архистратизи, Господ го исполни небесниот свод со чудеса и пресветло ги украси основите на земјата. Преку нив небесните воинства, стоејќи трепетно на своите определени места, остануваат запазени. Преку нив четирите страни на земјата се пазат неразнишани.

Преку нив морската шир, по Божја заповед, не излегува од своите предели, и останува во своето определено место, без да се излева. Преку нив човечката природа останува неповредена од секаква страст. Преку нив се прогонувани бесовските полкови, и тие исчезнуваат. Преку нив од корен се разруши идолската измама. Преку нив светло украсените цркви правоверно и едногласно вознесуваат кон Бога трисвета песна. Преку нив се уништи секаква прелест и правоверието процвета, овенчувајќи ги правоверните исповедници. Преку нив се прогонуваат секакви напасти и страсти, и се исцелуваат болестите.

Пред нив едногласно поклонувајќи се, радосно со пофалба да повикаме, велејќи:

Радувај се, архистратигу Михаиле, кој по достоинство си прв војвода на бестелесните сили!
Радувај се, архистратигу Гаврииле, прв благовестителу на сите радости! Радувај се, архистратигу Михаиле, скиптроносецу на едносуштната и неразделна Троица!
Радувај се, архистратигу Гаврииле, вистински служителу на трибеспочетната Светлина!
Радувај се, архистратигу Михаиле, кој неискажливо засветли со зракот на трибеспочетната Светлина, озарувајќи ја со светлина целата вселена!
Радувај се, радосна похвало Гаврииле, кој со радост ја украси вселената и со благовеста за Јован Крстител неплодната природа ја направи плодоносна, и со венец ја украси староста на Захариј!
Радувај се, архистратигу Михаиле, кој го уништи началникот на темнината, и достојно стоиш пред престолот Божји!
Радувај се, архистратигу Гаврииле, достоен благовеснику на Божјото воплотување! Радувај се, архистратигу Михаиле, кој постојано светиш со неприкосновената светлина на трисолнечното Божество!
Радувај се, архистратигу Гаврииле, пресветол благовеснику на беспочетното Слово – Светлината на Отецот! Зашто преку твојот глас целата земја засветли од радост; од твојата вест пречистата и непорочна Богородица се исполни со радост и бессемено, на неискажлив начин, Ја зачна Светлината на Отецот!
Радувајте се, вие, еднодушни и топли застапници за сите оние што прибегнуваат под ваша закрила, зашто вие ги скршивте смртните вериги и ги извадивте гробните катанци, на жените мироносици им ја благовестивте радоста на воскресението, откако претходно ги поразивте во гробот адските сили и повикавте: „Подигнете ги порти горништата свои, и ќе влезе Царот на славата!“ А тие, здрвени од страв и лежејќи како мртви, говореа: „Кој е тој Цар на славата?“ И пак овие двајца големи архистратизи, заедно со бестелесните сили, им одговорија: „Крепкиот и силниот Господ, силниот во војна Господ. Тој е Царот на славата!“

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ СОБРАНИ ДЕЛА: СЛОВА, ПОУКИ, ЖИТИЈА
во редакција на протопрезвитер Јован Таковски
во издание на САС на МПЦ-ОА, 2012

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz