Похвала за четиридневниот Лазар

од свети Климент Охридски

Ете, ни доаѓа напред светлозарното торжество, предвесник на Христовото воскресение. Ете, ни засветли светлозарниот празник на Лазар, кој ги отсликува Христовите чудеса. Ете, четиридневното воскресение Лазарево ги носи плодовите на тридневното воскресение Христово. Ете, вториот Претеча – Лазар, им се јави на оние што седат во мрак и во смртна сенка, навестувајќи Го Христа Избавителот, Дарителот на светлина. Денес се откри првата причина за уништувањето на адот. Денес Христос го исполнува светот со прекрасни чудеса. Денес Он, откако ја врза силата на смртта, воскреснува мртовец кој лежел во гробот четири дена. Денес Он го преднапишува образот на Своето пресветло воскресение, откривајќи им го на Своите ученици и на целиот свет преку овој четиридневен мртовец. Денес Јудеите, дојдени на гробот на Лазар, се собраа како за сведоштво, та, гледајќи ја Божествената власт и сила на Христа, што Он ја има над живите и мртвите, да не почнат да говорат: „Со каков знак ќе ни докажеш дека можеш да го правиш тоа?“ Но тие требаше да ја видат Неговата сила и Божествената власт, и да бидат готови да поверуваат во Христовото воскресение. Со тоа чудо Он повеќе сакаше да го убеди народот и да ги увери Своите ученици во Своето воскресение.

***

А древниот непријател, ѓаволот, им ги ожесточи срцата на противниците. Тие говореа: „Ако овој не умре, тогаш целиот свет ќе поверува во него“. И веднаш се собраа првосвештениците и книжниците и направија совет против Него, да Го убијат не само Исуса, туку и Лазара, заради тоа што поради него мнозина поверуваа во Исуса Христа.

Заради тоа ли, о беззаконици, вие станавте законоучитeли, за да се кренете против Законодавецот? Поради тоа ли се бунтувате против Бога, затоа што ве ослободи од Египетското ропство, откако го казни фараонот со многу неволји?8 Затоа ли, о беззаконици, ковете завера против Него, зашто ве преведе преку Црвеното Море и во пустината ве хранеше со небесна храна четириесет години? А вие, о престапници, сега го нарековте и измамник, затоа што и мртовец ни воскреснува и извршува секакви исцеленија. Затоа ли велите: „Измамник е“. А кога ви испраќаше храна од небото, тогаш Го благословувавте! Не се ли срамите, законопрестапници Јудеи? Наместо пофалба, ковете завера против својот Создател. А требаше да Му оддадете пофалба и чест, гледајќи дека Он воскреснува мртви, на слепите им дарува светлина, изгонува бесови, исцелува секакви болести – Оној Којшто дојде да го сапаси човечкиот род!

Но да го оставиме настрана јудејското беззаконие и безумие, и да го пофалиме Лазаревото благородство, зашто Лазар стана свето живеалиште на Пресветиот Дух.

Лазар – красна фиданка на Божјата градина.
Лазар – медоносна капка на Божјата мудрост.
Лазар – извор на духовната благодат.
Лазар – неовенлив цвет на рајската градина.
Лазар – високолетечки орел на вишната Премудрост.
Лазар – сокровиште на Божјото гостопримство, исполнето со љубов кон бедните.
Лазар – втор Претеча за оние што седат во темнина и во смртна сенка.
Лазар – лут посрамител на силата адова.
Лазар – мил љубимец на Христа.
Лазар – прв предобразител на тридневното воскресение Христово.
Лазар – светлозарен сожител на ангелите.
Лазар – строг изобличител на Јудеите.

Кога мноштвото народ го виде Лазара, воскреснат од мртвите на четвртиот ден по неговата смрт, поверуваа во Господа и Му ја оддадоа должната почит како на свој Создател. Едни ја постилаа својата облека по патот, а други кршеа гранки од дрвјата и викаа заедно со децата: „Осана! Благословен е Оној што иде во името на Господа, Царот Израилев. Мир на земјата и слава во висините. Благословен е Оној што дојде да ја обнови човечката природа, и да го спаси загубеното“. Осана во висините на Бога, славен во три лица заедно со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите.

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ СОБРАНИ ДЕЛА: СЛОВА, ПОУКИ, ЖИТИЈА
во редакција на протопрезвитер Јован Таковски
во издание на САС на МПЦ-ОА, 2012

Оставете коментар

1 Comment on "Похвала за четиридневниот Лазар"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Похвала за четиридневниот Лазар […]

wpDiscuz