Придонесот на Богородица кон обожувањето на човекот

Господ Исус ни ја даде можноста да заедничариме со Бога и да се вратиме кон првобитната цел, како што беше од Бога уредено за човекот. Поради тоа во Светото Писмо ни е објавено дека Тој е патот, вратата, добриот пастир, живот, воскресение, светлост. Тој е Новиот Адам, кој ја поправа грешката на првиот Адам. Првиот Адам нè раздели од Бога со својата непослушност и егоизам. Вториот Адам, Христос, повторно нè враќа при Бога преку Својата љубов и послушание кон Својот Отец, послушнание до смрт, „смрт на крстот“. Повторно нашата слобода се насочува кон Бога, на начин што се нуди за заедничарење со Него.

Значи, делото на новиот Адам претпоставува и дело на новата Ева, Пресвета, која самата ја поправи грешката на првата Ева. Ева го наведе Адама на непослушност. Новата Ева, Пресвета, придонесе кон воплотувањето на новиот Адам, Кој човештвото го поведе кон послушност пред Бога. Затоа Богородица, како прва човечка личност која го достигна обожувањето – на навистина исклучителен и неповторлив начин – во делото на воплотувањето не само што ја одигра главната улога, туку и суштинската и незаменливата [улога].

Доколку Пресветата не Му се понуди на Бога со послушност, и, според св. Никола Кавасила, голем богослов од 14 век, не Му беше кажала „да“ на Бога, Бог не ќе можеше да се воплоти. Оти, Бог Кој на човекот му ја дари слободата, не би можел да ја прекрши [да изврши насилие над неа]. Не ќе можеше да се воплоти, доколку не се беше нашла така чиста, пресвета, отворена душа како онаа на Богородица, која сета своја слобода, своите желби, и целата себе си не Му се беше понудила на Бога, така што преку себе си би Го привлекла за нас.

Многу ѝ должиме на Пресветата наша Владичица. Затоа Црквата ѝ оддава толку голема чест и ја почитува Богородица. Затоа св. Григориј Палама, сумирајќи го светоотечкото богословие, говори дека Пресветата за нас е веднаш после Света Троица, оти е бог после Бога, граница меѓу создаденото и несоздаденото. „Поглавар на спасените“, според еден друг прекрасен израз на еден богослов на нашата Црква. Св. Никодим Агиорит, најновото чисто светло и учител на Црквата, наведува дека ангелските чинови сјаат со светлоста која ја примаат од Пресветата. Токму затоа и во нашата Црква ја благословуваме како „почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите“.

Воплотувањето на Логосот и обожувањето на човекот е голема тајна на нашата вера и богословие.

Нашата Православна Црква секојдневно ја живее оваа реалност преку своите сведочење, химни, икони, преку сиот свој живот. Дури и архитектурата на православниот храм го сведочи ова. Црковниот свод, преку кој е иконописан Пантократорот [Седржителот], го символизира симнувањето на небото на земја. Оти Господ ги „наведна небесата и слезе“ (2 Самуил 22,10). Оти Бог постана човек и „се всели меѓу нас“, како што пишува и Евангелистот Јован (Јован 1,14).

Бидејќи преку Богородица не настанал човекот, Богородица ја изобразуваме во конхата на храмот, за да покажеме дека преку неа Бог дојде на земјата и меѓу луѓето. Таа е „мост преку кој слезе Господ“ и пак „она која приведува од земјата на небесата“, поширока од небесата, сместилиште на Несместливиот, која во себе Го сместила Несместливиот Бог, поради нашето спасение.

Понатаму, нашата Црква ни укажува на обожените луѓе. На оние кои постанаа богови по благодат, оти Бог постана човек. Поради тоа, во нашата Православна Црква на иконите можеме да Го изобразиме не само воплотениот Бог, Христос и Неговата Пречиста Мајка Владичица Богородица, туку и светите, околу и под Седржителот. На сите ѕидови од храмот ги иконописуваме последиците од Божјото воплотување: светите и обожени луѓе.

И, исто така, кога влегуваме во еден Православен храм и ги гледаме прекрасните фрески, веднаш се стекнуваме со едно искуство: спознаваме кое е делото што Бог го направи за човекот, која е целта на нашиот живот.
Сè во Црквата говори за воплотувањето Божјо и обожувањето човечко.

Архимандрит Георгиј Капсанис Светогорец

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz