Човекот – литургиско битие

Обично, човекот го обележуваме како словесно (логосно, логичко) и слободно битие. Овие белези се точни, но тие непотполно го отсликуваат човекот.

Од литургиското искуство чувствуваме дека човекот пред сè е литургиско битие. Створен е за да литургисува, да се принесува самиот себе и сиот свет на Бога со благодарење, славословење и служење. Створен е за во ова непрестајно принесување – на жртва – на Литургија да се соединува со Бога, да се осветува, да живее.

Словесноста, слободата и другите основни својства дадени му се на човекот токму за да може да се најде во литургиска врска со Троичниот Бог. Во литургиското принесување човекот дејствува како битие кое е создадено по лик [икона] Божји и кое се возвишува во подобие Божјо.

Човековиот живот во Рајот бил Божествена Литургија. Со Ангелите ѝ сослужувал на Света Троица. Со падот во егоцентризмот, [тој] ја изгубил способноста да се принесува себе си и со благодарност да го принесува светот кон Бога, да има удел во Солитургот на Рајот.

Самиот себе изгонувајќи се од рајската Литургија, се срушил на земјата како нелитургиско битие. Она што го имал по иконичност Божја не дејствувало. Во него останале само остатоци и искри од литургичноста која ја имал пред падот. Токму тоа го придвижувало да прави жртвеници, за да принесува служба на Бога.

Во најдобар случај неговото служење било едно делче, сенка, шаблон, бидејќи не го пренесувало во совршената заедница и единство со Бога. Ова служење не му Го дарувало Светиот Дух, не го спасувало од смртта. Меѓутоа, ова служење му ја развивало желбата за вистинска Месијанска Литургија. Оваа желба и ова согледување му влевало надеж на човекот кој стоел во темнина и сенка смртна.

Љубовта на Небесниот Отец не можела да го остави човекот како нелитургиско битие. Според планот на Икономијата остварено е Воплотувањето на Логосот. Исус Христос, Великиот Архиереј, го започнал сослужувањето на Новиот Завет.
Служењето на Новиот Завет единствено можел да го започне Исус Христос, затоа што само Тој единствено можел потполно да Се принесе Себе Си и сиот свет на Троичниот Бог. Приносители на жртви постоеле и во Стариот Завет. Но жртви, сепак, не постоеле. Исус Христос бил совршена жртва и истовремено совршен приносител на жртва. Бил беспрекорна Жртва. Агнец Божји Кој ги зема гревовите на светот…

Нелитургискиот човек и нелитургискиот свет како такви потпаднале под власта на ѓаволот и смртта. Исус Христос со Својата Крстна смрт и Воскресение го искупил човекот од ова ропство, и му подарил можност да учевствува во сослужувањето на Новиот Завет… Му ја дал можноста себе да се принесува на Бога, да Му благодари на Бога и да Го прославува Бога.

Принесувајќи се себе си, и принесувајќи Му со Христа сè на Бога, човекот дејствува како битие по лик Божји. Вистински бива човек.

Литургијата на Новиот Завет е на многу повисок степен од Литургијата во Рајот. Сега Првосвештеник е Самиот Син Божји. Богородица и Светиите, заедно со Ангелите сослужуваат и ја славословат „со непрестајни гласови, незамолчиви славословија“ Светата Троица.

Во ова сослужување удел има и секој покрстен православен христијанин, кој умира за да живее. Во него [во сослужувањето] човекот ја наоѓа својата вистинска природа и вистински одмор, се наоѓа вистински себе си по лик Божји создаден. Надвор од ова сослужување човекот може да биде homo sapiens и homo economicus на социјалистичкото или капиталистичкото општество, но не и цар на сета твар, посредник меѓу тварниот и нетварниот свет, битие по лик Божји.
Божествената Литургија на Новиот Завет започнала со Воплотувањето на Словото и непрестајно се продолжува од страна на Великиот Архиереј. Секоја Божествена Литургија која се врши на овоземни жртвеници е, овде во времето, учевство во надвременската вечна Литургија. „Со овие блажени Сили, човекољубив Владико, и ние грешните извикуваме и говориме: Свет Си и Сесвет…“

Секој Архиереј и Ереј кој служи на жртвениците кои се на земјата „ја служи светињата Христова во Црквата“ (Канон на Картагинскиот собор). Не постои посебно, свое свештенство. Секое свештенство учевствува во единственото Христово свештенство.

Најголемиот наш грев денес, е тој што не служиме, што не го принесуваме светото и себе си на Бога и на ближните. Во минатото се сметало како навреда кога некој би бил опишан како нелитургиско битие. Денес, наспроти ова, поради неверувањето и скаменетоста на срцата, ова се смета за природно, а за неприродно и чудно се смета кога некој човек служи.

И кога современиот човек оди во Црква, проблем е дали тој навистина литургисува (служи), дали зема удел во Соборната Тајна Евхаристија и Црква. Значи, тој не треба да ја замислува Светата Евхаристија како една религиозна или општествена обврска, туку како принос и жртва на сè на Бога, во Христа. Меѓутоа, возможно е и некој како ереј да ја соврши Светата Литургија, а суштински да остане нелитургиско битие, доколку себе не се принесе, и не принесе сè на Бога. Нелитургиските христијани, оние во клирот и лаосот, суштински не живеат. По зборовите во Откровението:„Носат име дека се живи, но се мртви“ (Отк. 3,1).

Вистинито и богоугодно Му служат на Бога оние кои принесуваат „Твои од Твоите, за сите и за сè“. Тоа се оние кои сè што имаат го признаваат како дар Божји. Веруваат дека немаат ништо свое да принесат. Сè Му припаѓа на Бога и она што го добиваат Му го принесуваат на Бога, заедно со самите себе и со својот свет и сите врски со него. Не чуваат егостично ништо само за себе, и сè принесуваат несебично. Сè даваат за сè да примат. Умираат за да живеат. И сè принесуваат во Христа и поради Христа за сите (секогаш) и за сè (за сите дарови Божји).

Така живеејќи, сиот човечки живот (и после Божествената Литургија, и во самата црква) постанува Литургија, принос, вознесување, жртва, заедница, благодарење. Животот се осветува и се преобразува во богочовечки живот.

Двочасовната неделна Литургија постанува дваесетичетиричасовна Литургија. Зборувајќи како православни за литургискиот живот, ние на ум го немаме само времето поминато „на Литургија“, туку и сиот наш живот кој, имајќи почеток во литургиските дела во црквата, во целост постанува литургиски и богослужбен.

Православниот христијанин не е схизофрен. Тој не живее литургиски во црквата, а надвор од неа – нелитургиски. Тој живее што е можно повеќе часови во црквата (Литургија, богослужби) за да може и надвор од црквата да живее што е можно поблиску до духот, климата и етосот на Божествената Литургија. Преку црковните богослужби животот се калеми на богочовечкиот живот и овој живот може потоа да ги преобразува сите области на човековиот живот.

Литургискиот христијанин живее во единство на верата и животот, божјото и човечкото, тварното и нетварното, живите и упокоените, сегашниот и векот кој доаѓа, својата личност и другите личности. Во ова единство живеел и нашиот православен народ кога црковниот живот бил нагласен. Во нашата благословена татковина сè уште се сочувани преданиски луѓе и заедници, кои го живеат ова единство. Центарот на севкупниот живот преданиските Православни населби (села, населби) била парохиската црква, како што е [случајот со] Соборната црква во манастирите. Раѓањето, смртта, крштевањето, бракот, училиштето, работата, општествените односи, радостите и жалостите, сите манифестации на општествениот живот поминувале низ Литургијата и Црквата. На крајот, сè постанало Црква. Така некои служби во животот на верните го наоѓале своето единство и поредок во Светата Евхаристија.

Онолку колку што нашиот народ се оддалечува од своите православни корени, од животонсното свое, православно Предание, дотолку и различните служби во неговиот живот престануваат да бидат поврзани со Светата Евхаристија, а поради тоа и престануваат да функционираат правилно, да го обединуваат човекот и да му помагаат да дејствува како битие кое е по лик Божји [создадено]. Различните делувања надвор од Светата Евхаристија ја расчленуваат човековата личност, што особено се согледува во неговата основна животна функција – генеративната. Оваа функција се преобразува во Светата Литургија и во Црквата, се облагодатува, така што придонесува во допотполнувањето на човековата личност. Надвор (од Евхаристијата и Црквата) таа води кон ропство на егоизмот, ја разорува личноста и ги мачи луѓето. Современиот човек има горко искуство со овие состојби.

Православните општежитејни манастири се обрасци за правилно функционирање на човекот и неговите заедници. Центарот е Соборната црква и сè се организира околу неа (конаци, послушанија). Појдовна точка е секојдневното извршување на Светата Евхаристија. Целта е служење на Бога и принос на сиот живот на Христа. Токму поради тоа и животот може да биде заеднички, верата и љубовта соборни, и смртта да се победува, сè ново да се твори и да се обновува во чудна и највелелепна промена.

Кога Православните се накалемуваат на литургискиот дух на општежитејството, кој е литургиски дух на Православието, се спасуваат од силните и разорнувачки струи на секуларизмот. Профанизацијата во суштина е обид на организација на животот надвор од Литургијата и Црквата.

Христијанинот не е православен ако не живее литургиски. Светата Литургија и богослужбите не се само една „шанса“, нешто што е во програмата на неговиот живот, туку животоносен калем на кој се калеми и се преобразува севкупниот негов живот, средина, основа, почеток и крај. Само во „Твои од Твоите“ во Светата Евхаристија, човекот може да биде вистински човек, односно битие кое е икона Божја.

Архимандрит Георгиј Григоријатски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz