Каменот во аголот

А Исус им рече: „Зар не сте читале во Книгите: Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и чудесно е во очите наши. Затоа ви велам дека царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови. И кој падне врз тој камен, ќе се разбие, а тој врз кого падне, ќе го здроби.“

Матеј 21, 42-44

Секој од нас сака да си го изѕида својот дом со истата онаа визија и нетрпеливост да ја чувствува одново и одново неговата удобност, кои во скромна мера би ги нарекле структуирање на едно совршено суштество. Но, желбите се едно, а можностите се друго, како што често нè поучувал животот во светот. Така, многу малку внимание се обрнува на темелите, тие столбови кои треба да го издржат бремето на единката наречена човек, и воедно неисцрпни бунари на енергија со чии залихи се преживува еден обичен ден. Обично се прават позлатени, врз похотлива смрдеа или црна завист, и мамат со својот сјај кој длабоко ја крие подмолната порозност. А, Каменот што стана глава на аголот многу лесно е заборавен, игнориран и на крајот отфрлен. Неговата цврстина и безбедност да одолее на сите бури, иако доволно јасно разгласена со труби не е сфатена доволно несомничаво ценејќи правопропорционално со светоста на Гласот кој објавува. И поради тоа мракот го зазеде местото на светлината и апсурдно сакаше да се нарекува добар ѕидар.

И од оние кои го отфрлија каменот царството Божјо ќе се земе и ќе се даде на народ што ги принесува Неговите плодови. Тоа е народ кој живее во колиби со трошни агли освен оној еден со Камен во него. Секое утро се молат пред каменот за простување на гревовите од претходниот ден, за сила за победа врз искушенијата од денешниот ден и барем еден успешно завршен подвиг во утрешниот ден. Каменот со себе донел и трезвоумие, па секогаш навреме се дознаваат намерите на секој што ќе зачука на портата. Ако патникот е преправен демон во јагнешка кожа брзо ќе се отстранат помислите од неговата понуда и тој ќе биде испратен со гневот што се раѓа само при грев. Ако патникот е беспомошник брзо ќе му се укаже милоста која не прашува за жртви и цена. Понекогаш Каменот ќе ги потисне сите грижи кои ги прави светот со своето неподобие и нема да им даде ниту проѕирка во душата на оние кои внимаваат што трупаат во сокровиштето на своите срца. Секогаш Каменот ќе остане буден преку ноќта кога е ладно и темно за да ја одржува топлината на која започнуваат соништата за едно дрво чии лисја ги лекуваат сите немоќи и за една река кристално чиста и јасна како спокојот на нејзините брегови на кои се излетува со часови без промена на убавото расположение. И никогаш Каменот нема да ја промени својата позиција во аголот каде светлината е најобилна и од каде стражарницата е максимално подготвена да чува.

Санторини

А за оние кои го отфрлија Каменот, кој падне врз Него ќе се разбие, а Тој пак врз кого ќе падне, ќе го здроби. Ако некој стравот Господен го доживува како неискажлива помисла или паника од звукот и незапирливата сила на воденички камен кој меле и не простува на сè она што ќе потпадне под неговата патека, мислам дека се лаже. Апокалипсата предвидува и секако ќе ги донесе ветените случувања од Писмото, но постојат многу поголеми ужаси од разбивањето под еден камен, од собата во плач и крцкање со заби, од ројот скакулци и реки полни со крв, од земјотреси и вулкани врз похотни градови, од казани со зовриена вода и трозапци на лути демони кои разбркуваат наоколу, па дури и од огненото езеро со вечната смрт. Говорам секако лаички од името на човек со малку визија за Царството небесно, неговите убавини и казната за оние кои ќе го пропуштат. Затоа и си дозволувам гореспоменатите страданија да ги минимизирам наспроти мојата болка овде и сега. Тоа е мојот копнеж да се скрушам до нозете на Јагнето, таму да ги слушам со подотворена уста и задржани мисли Неговите зборови, да го подигнам Неговиот крст и понесам мојот, да бидам тврд оклоп за искушенијата, да одам по тесниот пат не проколнувајќи ги трњата, да го довикувам Неговото име и за покајание и за благодарност. А, копнежот не е болка додека не се изневери. А, и после неа има надеж во милоста што не престанува, бидејќи таа е од Господа и чудесно е во очите наши.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz