О, каква среќа што сме Христијани!

Христос, Христос… О, како точно Тој се нарекува Спасител! Што би било со нас, кога би ја немало верата во блискоста со Отецот Небесен, Кој знае што и зошто прави и допушта! Оваа вера и молитва спасуваат. Погледнуваш таму, во синилото на небесата, се вознесуваш во мислите и срцето кон Него, Најслаткиот наш Отец и Пријател, воздивнуваш пред Него со длабока воздишка на покајание, смирение, молба за сочувство и помош, и одеднаш така јасно го чувствуваш Неговиот сладок глас таму, внатре, во срцето: „Зошто се сомневаш, о маловерен, зар Јас однапред не реков дека во светот ќе имате неволји, но бидете бодри, зашто Јас светот го победив, и кој издржи до крај, тој ќе се спаси, за да не бидете како оние кои во добро време веруваат, а во време на напасти отпаѓаат; Јас Сум со вас до крајот на векот“.

+ + +

О, од ништо не се плашам, па дури и сите адски сили да дојдат против нас, дури и да останеме и мало стадо, но зборовите на Спасителот: „Не плашете, Јас Сум со вас“ – никогаш да не ги заборавиме. Подалеку, од нас подалеку бегај униние, направи место за верата, надежта, љубовта. Амин, – некој кажува во душата – и мирот слегува во срцето и ете ја повторно насмевката на лицето. Слава Ти Господи, за сè во нашиот живот. О, каква среќа што сме Христијани!

од дневникот на преподобно-исповедникот Сергиј Сребрјански

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz