Какол или жито?

И друга парабола им кажа велејќи: Царството небесно прилега на човек, што посеал добро семе на својата нива, но кога спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеа меѓу житото какол, па си отиде. А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа? А он им рече: Човек непријател го направи тоа. Слугите пак му рекоа: Сакаш ли да одиме и да го исплевиме? Но, тој им рече: не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито, оставете нека расте и едното и другото заедно до жетвата, а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори, а житото приберете го во мојата житница.

Матеј 13, 24-30

Од кога знам за себе верувам дека сум жито. Без оглед на виулиците и беснилото низ животот и надежта дека спознанието е она вистинското, а љубовта скоро непогрешлива, се замислувам во форма на плод со златеста боја, неизгребана површина и впечатлива зрелост. И нема да се убедуваме дали сум или не барем поради мислата дека нема логика да сум бил роден, а подоцна предодреден за нешто друго, нешто понегодно. Неговиот сјај под сонцето толку ги преполнува очите што често дозволува да се занемари прашањето за безобличната трева околу и врз житото. Маѓепсан сум од таа убавина и често непретпазлив дека некој не спие ниту дење, ниту ноќе за да направи зло.

И така кога спиеја луѓето, дојде непријателот и посеа какол, па си отиде. Прво си мислев дека и тоа ќе биде плод како мене, убав и корисен. Со самото растење се уверував дека не е толку убав, ниту со некоја намена во која би се наѕрела доблест. Но, имаше многу поисполнет ден во секој случај, секој момент обоен со трагање по ново уживање и ниту секунда загубена во депресија за тоа каде е знакот за погрешно свртување. И, за жал нормално беше да се наметнуваат грижите за тоа што би правело сјајно зрнесто суштество како мене истуркано помеѓу своите собраќа во житницата, подготвено за однапред позната намена, но без предизвик нешто да се случува во оганот на страстите. И, повторно за жал, следи завист по таа просечна тревичка, која можеби и го нема своето латинско име и презиме, завист која можеби и ќе оди до таму што ќе формира желба, неизгаснат копнеж барем за миг да се стане какол.

[quote_box_right]Имаше доволно утра да му благодарам на Сонцето што ме погледнува и доволно ноќи да се покаам за презирот кон топлината на Неговите зраци.[/quote_box_right]Слугите вчудоневидени го прашуваа Сејачот од каде таа смеша на корисно и бесполезно и понудија злото да се исплеви. Но, Мудриот не го дозволи тоа поради штетата што би можела да се предизвика врз потребното, па нареди трпение до жетвата. Каква можност да се дружиме со каколот до Судниот Ден, до времето на одлука до кога сонливите како мене мислат дека е далеку и дека нема потреба да стражарат секоја ноќ до вратата, да не би ненадејно дошол Господарот. Меѓусебните контакти и поглед врз случувањата околу плевата ми ги проширија видиците кон обид за размена на похот со оние на кои им недостасуваат моите видови, денгубење во задоволства со краткотраен ефект и подзаборавање на Сејачот и Неговите инструкции. Таквиот промашен ôд си резултираше со сушење на вистинските животни функции, исцицување на енергетските сокови во неповрат и губење на возвишувањето кон Небото со прекршен пад во бездните. Со други зборови почнав да наликувам на тревата, не само по обезбоеноста и несвежината, туку многу повеќе по конструкцијата на омртвеност.

Жетварите започнаа да го собираат најнапред каколот и да го врзуваат во снопови, подготвувајќи го за да се изгори. Тогаш веќе, иако предоцна, сфатив дека вечниот оган не ми беше амбиција никогаш, посебно бидејќи од кога знам за себе верував дека сум жито. Но, жетвата започна и не е момент за пазарење за една толку важна одлука, сега длабоко непроменлива. Со насолзени очи ги гледам жетварите како го прибираат житото со златнина насекаде во Неговата житница. Колку ли им е убаво на малцината кои си се тркалкаат во безбедноста, во светоста и спокојот. Можеби требаше од кога знам за себе, да растам со помалку убедувања. Нивата е само привремено престојувалиште, а јас семе со несигурна иднина. Имаше доволно утра да му благодарам на Сонцето што ме погледнува и доволно ноќи да се покаам за презирот кон топлината на Неговите зраци. Ако имам уште една шанса сигурно би сакал да сум жито, па макар и зрно најмалечко, неугледно…

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz