Како треба да се однесувам кон мојот ближен?

Недела по Воздвижение на Чесниот Крст

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Денот кога се сеќаваме на Крстот, повикани сме да обрнеме особено внимание на она што е Божествената Љубов. Бог толку го возљуби светот, што го предаде Својот Единороден Син на смрт, за ниту еден, ниту еден да не биде заборавен и оставен настрана.

Ако тоа е така, тогаш како треба да гледаме еден на друг и да се однесуваме еден кон друг? Ако секој еден е толку значаен за Бога, ако Тој секој еден го љуби онолку за и животот Свој да го даде за него, и смртта Негова да ја прими – како треба да се однесуваме кон својот ближен?

Има луѓе коишто ги сакаме природно, кои ни се сродни по нарав, по душа – но, дали е тоа љубов? Дали тоа значи дека ја љубам оваа личност како да е најважна во очите на Бога и најскапоцена во моите очи, зашто сакам да сум со Бога, да ги делам Неговите мисли, Неговиот став кон животот?

А колкумина се пак, оние, кон кои се однесуваме занемарливо: не им посакуваме зло – но тие не постојат за нас! Да погледнеме наоколу, тука, во оваа црква, сега, и недела по недела, и да се запрашаме – Колку ми значи оваа личност мене? Николку; тоа е само некој кој доаѓа во истата црква, кој верува во истиот Бог, кој ја прима истата причест; забораваме дека сите оние кои се причестуваат од истиот путир стануваат дел од Телото Христово, дека Самиот Бог во нив живее, и дека треба да се свртиме кон нив, да погледнеме во нив и во нив да видиме храмови на Светиот Дух, продолжеток на Воплотувањето.

Фрескопис, Богородица Перивлепта
Фрескопис, Богородица Перивлепта

Да си поставиме себеси остри, значајни прашања за начинот на кој се однесуваме кон ближните, на кој им служиме на ближните. Да ја посветиме целава седмица размислувајќи за секој еден од нас, овде, прашувајќи се дали во нас има љубов за него. Не (дали има) сентиментална љубов, туку таква љубов која во очите Божји ја прави оваа личност скапоцена, скапоцена до оној степен што јас би требало да бидам подготвен, на крајот од краиштата – да, да го дадам својот живот за оваа личност. (Можеби) ова не се бара од нас секој ден, но што ако тоа што се бара е да покажеме малку топлина, малку сочувствителност, разбирање, малку признание за постоењето на оваа личност. И кога следната недела ќе дојдеме на исповед, меѓу другото, и ова да Му го принесеме на Бога: дали мојот ближен постои за мене? Кој е тој за мене? За Бога, тој е сè; ако за мене е ништо, на што личам јас пред Бога?

Амин.

Митрополит Антониј Сурожски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz