Како судиме? (2)

продолжеток од првиот дел

Од каде постои ова во нас, да го забележиме кај другите луѓе најнапред лошото? Причината за осудувањето се крепи на нашето самољубие. Ако се љубиме себеси повеќе од другите, се разбира дека кај нив најнапред гледаме недостатоци, а во себе – само достоинство, само за да кажеме дека ние сме подобри од другите. Какви средства му се дадени на христијанинот за да го надмине ова искушение?

Средство број еден: „Не судете, за да не бидете судени“ (Матеј 7,1). Свети Теофан Затворник вака вели: „Пресудата Господова за овој грев е строга и цврста. Нема оправдание, за оној кој ги осудува другите. Како да се заобиколат несреќите? Цврсто средство против осудувањето се состои во тоа да се сметаме самите себеси за осудени. Кој се чувствува осудено, нема време да им суди на другите. Само ќе повторува: ‘Господи помилуј! Господи, прости ги моите согрешенија!’“

Во древниот Патерник читаме за тоа како еднаш монасите се собрале за да рассудат за постапките на еден брат и го поканиле авва Мојсеј. Мојсеј ставил песок во вреќа, ја ставил на грбот и тргнал да му суди на грешникот. Браќата кои го среќавале старецот го прашувале: „Што значи твојот товар?“ Вразумени од овој одговор, браќата се откажале од својот суд над грешникот.

Навистина, ако ги знаеме своите недостатоци и совеста не ни дава мир за тоа што сме постапиле неправилно во нешто, ќе обрнеме ли внимание на пропустите на ближниот? Ќе го осудуваме ли другиот за нешто, знаејќи дека не еднаш самите сме постапиле нехристијански?

Преподобен Јован Лествичник раскажува за монахот кој небрежно го поминал својот живот. Кога се приближил часот на неговата смрт, тој го пресретнал со праведничка насмевка. Браќата го прашале за причината на таквото утешение, на што тој одговорил дека целиот негов живот посветен на Бога никогаш никого не осудил и никому не му посакувал зло. На крајот, во часот на смртта, Бог му дал утеха и спасение.

И навистина, простувајќи им ги гревовите на другите и не обвинувајќи никого за ништо, ние внесуваме мир во нашата душа. Господ, според Неговите Сопствени зборови, не им суди на оние, кои не им судат на другите.

Средство број два: да не ги исмеваме ближните. Кај многумина ова стана дури и потреба – барем за нешто да им се потсмееш на другите. Меѓутоа оваа навика само навидум се чини невина разонода, а всушност во себе има злорадост и суровост, а ближниот го става на најниско ниво. Ако искусуваме задоволство во потсмевањето врз другите, тогаш тоа е сигурен знак за вообразен, неблагоговеен, и во некаква смисла, непријателски однос кон ближниот. Впрочем, секое потсмевање го повредува и понижува другиот, според тоа, исмевајќи го ние може и без да размислиме, му штетиме, му нанесуваме зло. Подбивајќи се ние си штетиме само на самите себе, а подбивањето во присуство на ближниот, него може да го ожесточи и озлоби.

Подбивањето е признак за внатрешната нечистота, кога гласот на совеста веќе не се слуша, и затоа таквиот човек ги повредува другите со своите зајадливи зборови. Тој се смее, ако некој лошо постапи, се смее и ако некој добро постапи. Се смее кога слуша весела историја, но и ако слушне за туѓи проблеми повторно се смее. Во душата на таквиот човек, нема ништо длабоко, сериозно, вистинско.

„Тоа се моите гревови кои сам не ги гледам а сепак одам да судам на друг за неговите гревови, кои ги забележувам.“
„Тоа се моите гревови кои сам не ги гледам а сепак одам да судам на друг за неговите гревови, кои ги забележувам.“

Како да се однесуваме кон оние кои се подбиваат со нас? Најсилното оружје е да не обрнуваме внимание на потсмевањето. Ако останеме ладнокрвни, значи тие не ги постигнуваат своите цели и ќе престанат да се подбиваат. Нели, најчесто ги задеваат оние кои покажуваат слабост. Бидете рамнодушни кон потсмевот, и никој нема да поверува.

Средство број три: непотребно е да се откриваат туѓите слабости, гревови и недостатоци. Прво, нам не ни се познати мотивите на многу постапки на другите луѓе: зошто во одредена ситуација постапиле токму така, а не инаку. Второ, често се случува добиената информација да не соодветствува на вистината, а ние веќе брзаме да раскажеме на своите пријатели „што направи тој“. Трето, сето ова е штетно за душата, која после таквите презборувања доживува внатрешен срам, непријатност и пустош.

Еден човек го запрашал својот духовник:
– Знаеш што ми кажа денес твојот пријател за тебе?
– Почекај! Она што сакаш да ми го кажеш, најпрвин нека помине низ три сита.
– Што значи тоа?
– Пред што било да кажеш, потребно е три пати да го просееш тоа. Најпрвин, тоа треба да помине низ ситото на вистинитоста. Сигурен ли си дека она што сакаш да ми го кажеш е вистинито?
– Не, јас тукушто слушнав за тоа.
– Во ред. Значи, ти не знаеш дали тоа е вистина или не. Тогаш да го просееме низ второто сито – ситото на добрината. Сакаш ли да ми кажеш нешто добро?
– Не.
– Значи, сакаш да ми кажеш нешто лошо, а притоа не си сигурен дека тоа е вистина. Сега да го просееме низ третото сито – ситото на ползата. Потребно ли е да го знам тоа што сакаш да ми го кажеш?
– Не, не е навистина неопходно.
Значи, во тоа што сакаш да ми го кажеш нема ни вистина, ни добрина, ни полза. Тогаш, зошто да зборуваме за тоа?

Секој од нас, пред да рашири презборувања и гласини за ближните, нека ги помине зборовите низ трите сита – на вистината, добрината и ползата.

Дури и при очигледна негативна постапка на ближниот, ние немаме право да го осудуваме. Моралната одговорност за постапките не е еднаква кај сите луѓе, кои живеат во разни животни околности. На пример, во приказната на А. Приставкин, се зборува за две деца од сиропиталиште, родeни браќа, принудени во гладната 1944 година да крадат леб како би преживеале уште еден ден. Нивен е тој грев, или пак на директорот на детскиот дом, кој не им давал дневен оброк, доволен за да го преживеат денот?

А преподобен авва Доротеј раскажува приказна за две мали девојчиња; едната била посвоена од благочестива девица, а другата од развратна жена. Авва Доротеј размислува за нивните судбини: „И двете беа мали, двете продадени, не знаеја ни самите каде одат, и едната замина во рацете Божји, а другата падна во рацете на ѓаволот. Може ли да се каже дека Бог подеднакво бара и од едната и од другата? Ако и двете паднат во блуд или во инаков грев, може ли да се каже дека и двете ќе бидат подложени на истиот суд, затоа што и двете направиле исто согрешение? Можно ли е тоа? Едната знаела за судот, за Царството Божјо, дење и ноќе се поучувала од зборовите Божји; другата пак, несреќна, никогаш не видела и не слушнала ништо добро, напротив, сè скверно, сè ѓаволско – како е можно и двете да бидат судени со ист суд? Затоа никој не може да ги знае судовите Божји, само Он единствено знае сè и може да суди за согрешенијата секому, како што Нему единствено му е сè познато“.

Така, понекогаш во животот ни од далеку не секогаш е така како што тоа нам ни изгледа. Затоа, подобро е пресудата за другите луѓе да ја оставиме на Бога, да обрнеме внимание на решавањето на проблемите во нашиот духовен живот и надминување на сето она за коешто ние самите можеме да бидеме осудени пред Срцезеркателниот Бог.

Валериј Духанин

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz