Како судиме? (1)

Тајната на меѓуличносните односи се крои со оценките кои им ги даваме на другите луѓе, а и на самите себе кога општиме со ближните. Ако одлучно ставиме етикета на другиот човек како понизок, послаб или несправедлив во однос кон нас, тогаш тешко дека нашиот однос со него ќе биде гладок и рамен. Ако пак во него го видиме светлото и доброто, се разбира дека поголеми ќе бидат шансите да имаме и светол и добар однос со него. Не случајно писателот Максим Горки советува: „Никогаш не му се приближувај на човека, мислејќи дека во него се крие повеќе зло одошто добро“.

Всушност, кога зборуваме за нашите судови, Господ ни заповеда никому да не судиме (Мт. 7, 1-5). Ние не сме судии, туку сме обвинети и затоа не знаеме каков е овој или оној човек по природа, не знаеме зошто во една ситуација постапил добро, а во друга лошо. Понекогаш, нашиот поглед кон другиот, дека тој се огрешил е длабоко лажен и несправедлив пред окото Божјо кое сè гледа.

Еднаш, старец Пајсиј Светогорец го посетил човек кој просел молитви за неговата болна ќерка. Старецот му рекол: „Добро, ќе се помолам, но и ти направи нешто за здравјето на детето, ако веќе не можеш да се молиш. Барем, остави го пушењето, барем на тоа принуди се“. Тој веднаш ги оставил цигарите и запалката на старчевата стасидија во црквата. Кратко време после тоа, некој посетител кој ги видел цигарите си помислил дека старецот пуши, и се дерзнал да запали цигара надвор од ќелијата на старец Пајсиј. Кога старецот еднаш му забележал нешто, тој се возмутил: „Те видов јас тебе со цигарите. Ти во црква пушиш, а мене надвор не ме оставаш?“ Така и секој еден од нас суди за другиот според мерата на сопствената гнилост.

Во таквите моменти ние сме целосно уверени, дека нашата претстава за другиот, нашето внатрешно чувство соодветствува на вистината. „Се восхитија луѓето од Судот мој“, му рекол Господ за таквото однесување на еден стар подвижник. А старец Пајсиј прави споредба: пчелата, влетувајќи во нечиј двор, одминувајќи ја нечистотијата и ѓубрето, безгрдуго ќе најде убав цвет, а мувата пак, влетувајќи во убава градина со прекрасни цветови, бездруго ќе најде нечистотија. „Токму така, секој суди за другите според чистотата и расположението на своето срце. Така едни може да спаѓаат во муви, а други во пчели. А вие, каде спаѓате?“

Средба
Средба

Во приказната на В. Каверин „Два капетана“ после стрелањето на санитарниот ешалон ранетиот офицер во шумата чекал по него да се вратат и војниците и медицинските сестри, кои заминале да ја подговат дресината. Тој чекал, затоа што верувал во луѓето. Но никој не дошол. И ние веруваме во луѓето, но нашата вера не секогаш е оправдана. Но она што е необично е нешто друго. Животните околности се местат така што човекот не може да помогне, па дури и ако сака, а ние веруваме во него како тој да е семоќен. Кога споменатиот офицер, тргнал надвор од шумата сам видел дека една од сестрите е убиена: значи тие не можеле да се вратат по него. Во животот сè си доаѓа на свое место, кога ќе престанеме себеси и нашите потреби да ги издигаме на прво место, кога околу нас ќе забележиме онакви луѓе какви што сме и ние самите, со исти проблеми, немоќни и жедни за нечија помош.

Понекогаш ни се чини дека другиот се однесува нељубезно и грубо кон нас. Веднаш помислуваме дека тој не ги чувствува душите на другите луѓе, не ги љуби. А можно е тој да е повлечен во себеси, затоа што веќе многу преживеал. Поради сите тие неволји кои го опкружуваат, тој не успева да најде сили за да сочувствува со другите. Не треба да го обвинуваме таквиот човек, туку да го поддржиме и да се помолиме за него – ете тоа треба.

Постои едно запазување. Во судот за другите се пројавува личноста на судијата што суди. Како? За жал, често судиме за другите според себе. Како по правило, во својот суд човекот им доделува на другите сопствени карактеристики – или негативни или позитивни. Во овој контекст, може да се напише нова поговорка: раскажи ми за твојот ближен, и ќе ти кажам каков си. Значи, многу зависи од нас што ќе видиме во другата личност – добро или лошо.

Преподобен авва Доротеј вели: „При средба со луѓето, најмногу треба да се избегнува сомнежот, од кој произлегува погубното осудување. Има многу примери, кои докажуваат дека секој суди за другите согласно својата душевна состојба. На пример, некому се случило да се најде навечер на улица и покрај него да поминат тројца луѓе. Гледајќи го човекот како стои, еден од тројцата ќе помисли дека тој најверојатно очекува некого за блудна средба; вториот ќе помисли дека несомнено човекот е крадец; а третиот ќе помисли дека најверојатно се договорил со некого да одат во црква да се помолат, па затоа стои и го чека. Така, тројцата го виделе истиот човек на едно исто место, но сите поинаку помислиле за него. Очигледно ова е соодветно расположение на секој од нив. Како што кокалестите тела, сета храна која ја примаат, макар била и најполезна, ја претвораат во штетни сокови, така и душата со расипана нарав има штета од сè она со коешто доаѓа во контакт, дури и од најдоброто. А оној кој има добар нарав е сличен на оној со здрав организам, кој што и да внесе, па и нешто не толку полезно, претвора сè во добри сокови. Така и ние, ако имаме добар нарав и се трудиме во таа насока тогаш од секое дело ќе имаме духовна полза“.

Во Прологот се раскажува, како еднаш кај свети Јован Милостив патријархот Александриски, наклеветиле некој монах дека шета по градот со убава девојка. Тој поверувал во клеветата, наредил да ги казнат и да ги заклучат во затвор. Таа вечер, монахот му се јавил во видение и покажувајќи му ги раните од тепањето му рекол: „Зарем ова е во ред? Зарем апостолите вака раководат со стадото Божјо? Поверува на клеветите и ме казни, иако сум невин“. Кога се разбудил, свети Јован го повикал кај себе монахот, и гледајќи го, не можел да проговори ниту збор: познал дека е тоа истиот монах кој му се јавил на сон. Побарал од него да му го покаже неговото тело, за сосема да се увери во невиноста на казнетиот, кој му го раскажал следново: „Кога бев во Газа на поклонение кај светите маченици Кир и Јован, ме сретна таа девојка и паѓајќи покрај моите нозе, ме молеше да и дозволам да дојде со мене. Јас ја оттргнав и побегнав; тогаш таа, брзајќи по мене извика : ‘Те заколнувам во Богот Авраамов, кој дојде да ги спаси грешниците, не оставај ме!’ Тогаш ја прашав што бара од мене. Ридајќи ми рече дека е еврејка и дека сака да ја остави татковата зла вера и да биде христијанка. ‘Не оставај ме, отец! Спаси ја душата моја, која сака да поверува во Христа!’ Кога го чув тоа, се исплашив од судот Божји, ја зедов со мене и почнав да ја подучувам во светата вера. Кога дојдовме до гробот на светите маченици, јас ја крстив во црквата и одам сега со неа со простотата на срцето, додека не ја воведам во женски манастир“.

Слушајќи го ова, свети Јован со силна болка побарал прошка од него и сакал да го награди, нудејќи му златници, но монахот одбил велејќи: „Ако монахот верува дека Господ се грижи за него, тогаш не му треба злато; а ако го сака златото, тогаш не верува дека Бог постои“. Од тогаш, свети Јован уште повеќе почнал да внимава да не осудува и им говорел на другите: „Деца! Престанете да осудувате, затоа што за двоен грев сте виновни. Првиот грев: ја престапувате Божјата заповед за судењето на грешниците; вториот: клеветење на братот, не знаејќи дали тој сè уште греши или веќе се покајал“.

Многу луѓе, почнуваат да ги осудуваат другите, подготвени во својата фантазија да урнат сè по ред, да ги искиват сите и сè, тие болно реагираат на туѓите недостатоци и како резултат на нивната мислена расправија доаѓаат до целосна внатрешна изнемоштеност.

Валериј Духанин
(продолжува)

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz