Како старец Јосиф Ватопедски спасил еден брак од распаѓање

Следниов настан се однесува на една случка поврзана со мои блиски пријатели, и се случи на 2 јули 2009 година, ден после блаженото упокојување на старец Јосиф Ватопедски.


А. и нејзиниот сопруг во последните неколку години минуваа низ многу тежок период. Нивните проблеми потекнуваа од свекорот и свекрвата на А., од нивниот однос кон неа и нивниот син. Всушност, тие со сите сили се обидуваа да ги разделат сопружниците, кои веќе имаа четири деца, од кои едното беше уште доенче, преку кавги, клевети, злобни испади, па дури и преку пишување на клеветнички писма. Нивниот план делуваше успешно, зашто дури и другите роднини започнаа да потпаѓаат под нивно влијание. Сепак, бивајќи духовни чеда на старец Ефрем Вадопедски, младите сопружници на злобата возвраќаа со смирение и трпение, ревнувајќи да го одржат и запазат семејството.

Како и да е, сепак А. и нејзиниот сопруг беа луѓе, и многу страдаа. А. дојде до моментот кога мислеше дека сето тоа што им се случува е нејзина вина; штом сите беа свртени против неа, мора да има причина. Започна да очајува. Старецот ѝ велеше дека не треба да се обвинува и дека таа не е виновникот за ситуацијата во која се наоѓаат. Но, таа очајуваше и не можеше да се ослободи од овие помисли.

Денот по упокојувањето во Господа на старец Јосиф, возејќи ги децата на училиште во автомобилот на нејзиниот сопруг, и слушајќи радио, А. слушнала еден слаб, зарипнат глас кој набрзина рекол: „Не му дозволувај на сатаната да влезе во твојот дом. Мора да се ослободиш од него. Тој особено сака да растура бракови и семејства. Ова што се случува не е твоја вина. Токму сатаната е тој што сака да поверуваш дека е твоја вина и непотребно да се мачиш.“

Старец Јосиф Ватопедски

Штом се вратила дома, таа му кажала на нејзиниот сопруг дека на радио имало прекрасна беседа на некој старец со слаб, зарипнат глас, кој расудувал за нивниот конкретен проблем. Мажот влегол во автомобилот, го вклучил радиото и слушнал снимка на која старец Јосиф Ватопедски разговарал со репортерот на радиото на Лимасолската Митрополија, г. Лука Лука. Разговорот бил добар, но не станувало збор за проблем сличен на нивниот. Сепак, сопругот го исконтактирал радиото, и побарал снимка од разговорот што го емитувале на 2 јули 2009. Снимката му била испратена, и на пат кон бдение го вклучил во автомобилот. Повторно, во разговорот не било спомнато ништо од тоа што го слушнала неговата сопруга. Тој бил зачуден. Се сетил дека во тоа време, кога жена му ги возела децата на училиште, на радиото секој се емитувал пренос во живо од Литургијата служена во манастирот на Светите сили бестелесни. Ова му го потврдиле и од радиото, нагласувајќи дека разговорот со старецот бил емитуван после Литургијата. Она што се случило било надумно! Старец Јосиф ја советувал А. преку радио бранови, додека на радиото се емитувал пренос од Литургија!

За настанот бил известен старец Ефрем Ватопедски, кој воопшто не се изненадил од ваквото чудо, знаејќи го животот на старецот. За него, ова било потврда дека старецот нашол милост пред Бога, и дека чудесно интервенирал една побожна душа да најде мир од неправедното страдање и клевети, и тоа само еден ден по неговото упокојување! Нашиот Бог е Жив Бог; Тој не е теорија, ниту човечка измислица, а ние, Неговите созданија, се сомневаме во Него.

Слава на Бога!

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz