Како се плете една бројаница?

Според црковното предание, некаде околу четвртиот век по Христа еден монах сакал да направи волнени бројаници за да ги брои своите молитви, но ѓаволот постојано му ги расплетувал јазлите што тој ќе ги сплетел. Откако усрдно се молел, бидејќи демоните го попречувале и не можел да го извршува своето молитвено правило, му се јавил ангел Господов и му ја открил вештината на плетењето бројаници. Тој го научил монахот да плете јазол што се состои од седум вплетени крста, односно секој јазол се состои од седум крстовидни внатрешни мали јазли. Тоа е еден од најсложените јазли што воопшто постои. Ваквите бројаници ни ѓаволот не може да ги расплете.

Бројаниците имаат симболичен карактер. Нивната боја е црна, што упатува на потребата од постојано покајание. Сепак, во денешно време, бројаниците можат да бидат во најразлични бои. Се плетат од свиленкаст конец или од чиста овча волна, како сеќавање дека сме словесни овци на Добриот Пастир Господ Исус Христос, Кој, како Јагне Господово, пострадал за нас и нè избавил од вечната смрт. Малите бројаници имаат 33 (триесет и три) јазли. Има и поголеми бројаници со 50, 100 или 300 и повеќе јазли.

Добро е молитвата да се кажува редовно, во одредено време на денот, наутро и навечер. Тоа помага умот полесно и побрзо да се концентрира на зборовите од молитвата („Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“). Можеме да се молиме секогаш и насекаде, а тоа да не го знае никој друг освен нашиот Господ на Кого и Му се молиме. Молитвата треба да се извршува во покајание и смирение, „во тајната одаја на срцето“.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz