Како Русите ја празнувале Новата година пред Револуцијата

crkva1

Новата година не била главен руски празник пред советските времиња. Во Руското Царство, во раниот 20-ти век, околу Новата година се празнувале неколку празници.

Населението на царскиот Петербург се состоело од социјални слоеви поделени меѓусебно налик индиските касти. Само неколку пати годишно нивните животи се приближувале, без разлика дали се работело за членови од високото општество, работници, слуги, студенти или Германци.

Бидејќи четири петтини од населението на Петербург било православно, но и бидејќи католичките, протестантските и православните празници речиси се преклопувале, целото население заедно празнувало од Божик, па сè до Богојавление (25 декември – 6 јануари).

Божик

Божик се сметал за семеен празник на кој најмногу се радувале децата. На Бадник секој весник објавувал божикни приказни и песни во кои главниот лик бил чудесно избавуван од опасност токму на Божик. Во продавниците за играчки се поставувале кукли, цртежи, револвери, детска облека, макети на воденици, железници и автомобили. Кружеле и практични шеги кои децата ги правеле меѓусебно. Како бадникова вечера речиси секое семејство правело „ној врз јајца“ – овошен посен оброк (за тело на нојот бил користен кокос, вратот се обликувал од банана, а главата се правела од јаболко, а клунот од бадеми). Повеќето од христијаните постеле пред Божик, иако ретко кој се придржувал до строгите правила на постот. Секое семејство имало и божикна елка, обичај кој Русите го попримиле од Германците околу 1830 година.

Божикното утро било време кога децата од сиромашните области ги посетувале домовите на богатите Руси, честитајќи им го празникот на Рождеството, славејќи Го Христа и добивајќи подарок од нив – вообичаено, по неколку копејки. Слично постапувале и полицајците, оџачарите, ѕвонарите и ѓубраџиите, и секој од нив добивал по некоја копејка и водка.

И Царскиот двор ги почитувал ваквите обичаи, со таа разлика што тие украсувале по едно божикно дрво (елка) за секој еден член од царското семејство.

Нова година

Долго време Новата година не била сметана за празничен, туку обичен работен ден. Сепак, руските селани на тој ден го празнувале св. Василиј Велики, кого го сметале за заштитник на свињарите. Оттука се појавил и обичајот на тој ден да се јаде прасечко месо. Нештата се промениле на почетокот од 20-от век кога се појавиле и првите новогодишни обичаи. Први Јануари оттогаш се сметал за ден кога луѓето се навраќале на сработеното во претходната година. На новогодишната ноќ, пак, младите луѓе се забавувале во многуте ресторани и гостилници. Елитата, очекувано, одела на балови.

Деновите до Богојавление

Зимското празнување траело до Богојавление. Во очекување на Богојавлението, биле организирани забави за учениците. Украсени елки имало речиси на секој плоштад. После Новата година, неженетите млади луѓе биле насочени кон тоа да предвидат дали следната година ќе успеат да стапат во брак, неретко купувајќи ги услугите на разни предвидувачи и бајачи (за жал).

Празничната атмосфера завршувала со празникот на Христовото Крштение. На тој ден мноштво литии биле спроведувани во градот, кои тргнувале од црквите, а завршувале крај реките, каналите и ископаните крстовидни базени, во кои православните Руси влегувале да се искапат, сметајќи го тоа за голем благослов.

Лев Лури

Извор: Комерсант.ру

Оставете коментар

2 Comments on "Како Русите ја празнувале Новата година пред Револуцијата"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Пишува: Лев Лури /ПРАВОСЛАВИЕ.МК […]

wpDiscuz