Како да се подвизуваме во светот?

Кога го прашале авва Сисој како можеме да се ослободиме од нашите страсти, тој одговорил: „За да си ја соблече старата кожа, змијата треба да мине низ еден отвор. Таа дупка, низ која по секоја цена треба да минеме – инаку не бива, таков е духовниот закон – за да ја соблечеме старата одежда на распадливоста, е отворот на аскезата. Но, ќе ми речете: „Оче, вие во манастирите сте добри, калуѓери сте, сте дале завети за девственост, послушание, нестекнување, правите бденија, едно, друго, но ние сме во светот. Како можеме да се подвизуваме?“

Се сеќавате ли што му рекол авва Лонгин на еден брат? Пушти крв и прими Дух! Задолжително, како што вели и св. ап. Павле во посланието до Евреите, без пролевање на крв, нема прошка. Во Новиот завет пролевањето на крвта на животни е укинато и праобразот ѝ го отстапил своето место на суштината. Сенката ѝ отстапила место на благодатта – ние треба да пролееме друга крв, т.е. (духовно) да се заколеме себеси, своите желби, што е најтешка жртва, тоа е нашето осветување.

Се разбира дека понекогаш нам самиот збор „подвиг“ ни предизвикува алергија и велиме: „каков подвиг да правам сега, каква е мојата мера – не можам ниту да постам, ниту да не спијам, ниту ништо!“ И без да побараме да ги видиме нашите можности и што можеме да правиме, очајуваме и отфрламе сѐ. На тој начин ниту себе се оправдуваме, ниту телото на Црквата, кое од нас очекува да се осветиме. Ние правиме неправда врз самото Воплотување на нашиот Господ и со животот и онтолошки се откажуваме од Него – зошто Христос станал Човек? Токму затоа што ние не сме можеле сами да ја соблечеме оваа одежда на распадливоста, Тој ја облекол нашата одежда на распадливоста без грев, за да ни помогне. Тоа е како кога дедото, којшто не може да оди, го фаќа ќерка му, син му, некој друг, којшто може – на ист таков начин Христос нѐ грабна под мишките – целата човечка природа – за да нѐ одведе до Својот Отец небесен.

Ние треба да го побараме начинот на којшто ќе се подвизуваме. „Само секој нека постапува така, како што му определил Бог, како го повикал Господ“ (1Кор. 7,17) – вели св. ап. Павле. Тоа е реалноста. Ние во манастирите се подвизуваме полесно и полесно можеме да ги победиме нашите страсти, зашто ги немаме надворешните околности да ни пречат и да ни ги врзат рацете и нозете. Вие, во светот, имате цел куп препреки; монашкиот живот не е тежок. Јас потполно верувам, и Отците го велат тоа – кој сум јас да верувам, но таква е реалноста, дека животот во светот е тежок – вашиот живот е тежок и побарува повеќе жртви. Ние не треба да жртвуваме многу нешта – само нашата волја. Вие кон колку световни работи треба да се подвизувате, за да ги отфрлите! Но и покрај ова, најмалиот подвиг што вие ќе го направите, богољубието коешто ќе го покажете, Христос ќе го прими како илјада наши подвизи. Еден ваш подвиг ќе биде еднаков на илјада наши. И со тоа едно нешто вие може да се спасите – со една лепта да влезете во рајот, а ние со илјади милиони лепти може да останеме надвор од рајот. Зошто? Зашто кој многу знае, од него Господ многу и ќе бара.

Јеромонах Атанасиј Симонопетриски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz