Како да се бориме?

Првиот чин, откако ќе се разбудите, нека биде изобразување на крстот, а првите зборови – зборовите на Исусовата молитва. Кога и да можете, кажувајте ја Исусовата молитва на бројаница, а кога сте зафатени со некаква работа, и без бројаница. Кога и да ве нападнат некакви фантазерски помисли, не противете им се самите, туку фрлете со камен на нив. А каменот е самото Име Христово, молитвата Исусова… Отфрлувањето на помисли не е во вашата моќ, но нивното непримање – тоа е во вашата моќ: нив ги отрфлува Името Исусово. Доколку понекогаш молитвата е невнимателна, рассеана, не треба да паѓате со духот. Во тоа време нашите усни се осветуваат со Името на Господа Исуса Христа. Постојано имајте ја Исусовата молитва: „Господ Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“. Исусовото Име ги руши сите демонски напади. Тие не можат да ја победат силата на Името Христово. Но, зошто е тоа така, и како се случува тоа, не знаеме. Знаеме само дека во реалноста така се случува.

„Доколку некој не се соедини со Господа Исуса овде, никогаш нема да се соедини со Него“, вели преп. Симеон Нов Богослов.

Има смртни гревови, и такви кои не се смртни. Смртен грев е секој оној грев, за кој човекот не се кае. Се вика смртен, затоа што душата по телесната смрт, оди во адот.

Секој човек мора да го претрпи времето на искушенија и борби – таа тешка и многу болна состојба. За тие неволји, во псалмите се вели: „Ме нападнаа болките, како жена која раѓа“. Секој човек, раѓајќи се духовно во нов живот трпи болки, додека не излезе на широчинка. Тие „болки“ се состојат од борбата со страстите. Ќе се кренат страстите на вас. Непријателот нема да ве остави. Овде е потребно смирение. Треба да се трпиме самите себеси, и да не го положиме оружјето, знаејќи дека тоа е неизбежно.

Постојаните неволји, кои Божјата Промисла ги испраќа на човекот, се знак за особената Божја Промисла за нас. Целта на тие неволји е различна. Тие се случуваат или поради запирање на злото, или поради вразумување, или поради што поголема слава во животот кој доаѓа, или пак, како поука за сторените гревови. И сите имаат своја корист.

На секое добро дело или му претходи, или му следи искушение. Во навалата на искушенија, треба да си речеме себеси: „Навистина, сите овие неволји ги заслужувам. Сите тие ми се потребни за да ме очистата од страстите, а најмногу од гордоста“.

Малку е само да ги поднесуваме искушенијата, потребно е да се погрижиме и да не го повредиме оној кој нѐ нажалува. Секогаш ќе има неволји, но внатрешната состојба на човекот ќе биде поинаква. Иако ќе има неволји, оној кој се стекнал со внатрешната молитва, лесно ќе ги поднесува, затоа што со него ќе биде Христос. Токму Тој ќе го исполни срцето на подвижникот со неизглаголива радост. И таа радост во Господа не ќе биде надмината од ниту една неволја и тага. Кога ве вознемируваат помисли на страв поради искушенијата кои ви претстојат, не треба да влегувате во дијалог со нив, туку едноставно да речете: „Нека биде волјата Божја!“ Тоа ќе ви го врати мирот.

Преп. Варсонуфиј Оптински

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz