Како да го воспитуваме детето?

Премудриот Соломон вели: Кој ја жали прачката, тој го мрази својот син (Изреки. 13, 24). Е па, дали таа прачка секогаш можеме да ја потегнуваме, дали со полна свест и совест? Дали ќотекот што детето ќе го добие е плод на нашето расудување и трезвено одмерување на проблемот, или е одраз на нашата гневливост, несреденост, судир што сме го имале во текот на денот на работа или на улица? Дали ќотекот ќе следи како плод на длабоко промислување и како единствена мерка која ни преостанала, бидејќи претходно сè сме исцрпеле? Дали сме во ситуација да владееме со себеси, дали сме во добра духовна состојба за да ја употребиме прачката? Од друга страна, не треба да се оди ниту во другата крајност.

Не смее да му се подлегне на нездравиот сентиментализам и да му се дозволи на детето да прави што сака. Бидејќи, детето кое ќе почувствува дека секогаш му се „прогледува низ прсти” и дека секогаш му се попушта, станува саможиво и дрско – тоа што го прикриваме со изразот „размазено”. Таквото дете станува и себично, бидејќи мисли дека сè треба да биде устроено според неговите „потреби”.

Исто така е мошне важно кај децата да се развива христијанската свест, и да се учат да ги разликуваат вистинските и лажните вредности. Да се учат да размислуваат, да си поставуваат прашања на кои мораат и самите да дадат одговор. Не би требало децата да се уценуваат и на тој начин да се изнудува одредено однесување. Тоа, обично, е контрапродуктивно. Се сеќавам на еден случај во Белградската богословија: Учениците станаа за утринска служба. Доаѓа дежурниот да исконтролира дали сите станале и затекнува еден кој сеушта спие. Гневно му подвикнува:

Стани, ќе те казнам!
Не сакам.
Стани, ќе бидеш исфрлен од училиштето!
Не сакам.
Стани, нема да те казниме.
Е, сега ќе станам!

Секако, прашање е дали секогаш околностите се такви за да може вака да се постапува. Најдобро е кај детето да се развива свест за одговорност и да се доведува во ситуација самото да даде одговор: Па, добро, дете, се договоривме да постапуваме вака и вака… ти се однесуваш спротивно. Зарем мислиш дека е тоа добро? Секако, сето ова за што зборуваме треба да се земе условно и да се прилагоди спрема возраста на детето.

Понекогаш е потребно и полезно да се употреби прачка! Голема грешка е да ѝ се удоволува на секоја желба на детето. Таквите деца, ако не им се излезе во пресрет и поради најмали ситници, во состојба се да збеснат, удираат со нозете во под и вриштат, а родителите веднаш трчаат да ги успокојат. Тоа е грешка. На детето треба да му се даде и да јаде и да пие и играчки треба да му се купат, но да се навикнува уште на таа возраст на самоволие и саможивост – тоа е убиство! Родителите во такви ситуации, според својата родителска чувствителност, всушност пројавуваат и своевидна себичност. Не сакаат да признаат: Чекај, па тоа е нешто што мене ме успокојува, а дали на детето тоа ќе му биде од полза? И дали моите родителски чувства треба да го надвладеат разумот, над сè христијанскиот разум? Тоа се прашања на кои родителите често не сакаат да одговорат.

Архимандрит Паисиј Хиландарец
Извор: СПЕ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz