Како ангели на небесата

Исус им одговори: ‘Се лажете, оти не ги познавате Писмата, ниту силата Божја, зошто при воскресението луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а ќе живеат како ангели Божји на небесата.’

Матеј 22, 29-30

Како ќе продолжи животот на небесата, кој кому ќе припаѓа, како ќе се подели радоста… една од најстрашните теми за размислување, помалку само од помислата на температурата на водата во Огненото езеро. Организацијата на престојот овде на земјата донекаде ја направивме со помош на нашиот разум и согледувања, волја и вера, совест и навика, и сè некако тече плански со ниска реализација понекогаш, но сепак се одвива. Се колективизиравме во помали групи, банди, заедници, политички партии, семејства, и сè со цел да ги пополниме сопствените недостатоци со привилегиите на групата и едноставно се чувствуваме поудобно во глутницата. Но, каде води интересот и неговите суетни карактеристики не верувам дека може да опстојува, речиси колку период на оздравување од една вирусна кивавица, да опстојува доволно долго, да го надмине животниот век на една куќа на песок. Дури и еден обичен разговор помеѓу истомисленици не би можел да заврши со цврста констатација поради пост размислите, чеда на зависта, кои упорно ги протураат сè уште прелиминарните факти дека сме во право.

И навикнати на секојдневното помирување, ќе речеме дека средбите мора да се случуваат без оглед на исконските придобивки од тоа. Маж ќе сретне жена и ќе основаат свое семејство, ќе го уништат постоечкото или подмолно ќе поткопуваат заборавајќи дека Таткото ги знае и скриените тајни во срцата. Ќе се сретнат пријатели, ќе ги обзнанат сумите на сметките во странство, ќе го радуваат сопственикот на кафеаната или ќе ги опишуваат долно соблазнително атрибутите на многу познатите дами. Ќе се сретнат пријателки, ќе ги испразнат трговските центри од стоката разочарувачки понеквалитетна од облеката на полските кринови, ќе го озборуваат сопствениот сопруг неспособен да го стекне богатството на Доналд Трамп во почетокот на своите триесетина години, ќе кокетираат со своите полупластични и получовечки органи и ќе се надвикуваат со глас обезвоздушен и исцрпен од напорот да се каже сè. Ќе се сретнат роднини и набрзо разделат после несогласувањата околу поделбата на една паричка, полуразрушена куќичка, местото пред скалите, големината на прозорецот, воздухот помеѓу нивите, сметот пред гаражата, вревата на децата наутро, тонот на телевизорот навечер. И, многу средби кои многу не ветуваат. Во малку од нив го забележав исполнувањето со вистинска радост, полетување на душата кон недофатливост и очи полни со солзи кои не познаваат тага туку среќа која копнее да биде прославена.

Рио

Се лажеме и не ги познаваме Писмата и силата Божја ако не разбереме дека при воскресението луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе живеат како ангели Божји на небесата. Можам да се сетам дека ангелите ја имаат својата светост и вечност и својата задача да му служат и го прославуваат Бога на престолот. Немам идеја, секако според границата до која ми е позволено да разбирам, какви се нивните меѓусебни односи и на што се темелат, секако освен на сеопфатната љубов која царува на Небесата. Дали ако би бил ангел, и против сопствената волја да внимавам да не направам нешто непромислено, ќе можам да ги контролирам чувствата кои тогаш ќе бидат наполно синхронизирани со Божјата желба, и нема да се осмелам да ги барам со поглед и немир длабоко во срцето најближните лица, оние кои толку ми значеа на земјата што понекогаш од сонот си одделував за да измолам за нивните судбини? Нема ли да чекорам по бреговите на светата река довикувајќи ги нивните имиња по кои им беа познати на моиве усни овде на земјата, да го прашувам дрвото на животот како тоа да е таму поставено да го утеши неспокојот на мојата потрага, и да се туркам помеѓу луѓето во бели облеки како да ќе има толкава веројатност да ги препознаам според начинот на прославувањето со маслиновите гранчиња? Многу голема среќа во сите мои прашања без одговор е верата во тоа дека таму ме чека нешто што човечки ум не може да го замисли. И јас не можам да замислам како некои очи повторно би се сретнале.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz