Каде е бисерот?

Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери, па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава се што има и го купува.

Матеј 13, 45-46

Да бев трговец со бисери ќе бев пред сè разгален во животот со професија која ќе ми помагаше да ја откривам скапоценоста во нештата, со можноста секогаш да бидам во допир со најценетоста и да имам име кое изговорено помеѓу другите ќе значи почит и нетрпеливост да бидам сретнат. Ќе живеев на имот со синоним на раритет, со градина во која цвеќината немаше да ги мешаат мирисите помеѓу себе, себично издвојувајќи го сопствениот кој не смее да биде изгаден од некој друг испуштен од подолна сорта. Ќе ги допирав облаците од терасата, понекогаш помислувајќи дека тука кружат заради мене, прават дожд заради мене, па и умираат разбркани од сончевите зраци пак заради мене. И сето ова само заради мојата торба со неколку прегради во кои престојувале најубавите бисери во светот, кристални и сјајни до бесвест.

Но, скоро секој човек својата заслепеност ја поврзува со својот копнеж, професијата со сонот, илузијата со болката. Така се чувствував кога слушнав дека постоело зрно скапоцен бисер многукратно поубав и подрагоцен од сите оние кои барем една вечер преноќевале во преградите од мојата торба. Си ја ставив најотпорната облека, железните опинци и силен стап да ме придржува и како овчарот кон Кушкундалево наместо самовилата, тргнав да си го барам мојот бисер. Го нареков мој бидејќи го посакував во моја сопственост можеби не повеќе од конкуренцијата која е на истата трага, но многу повеќе заради одлученоста да биде мој, на најголемиот трговец со бисери. За чудо го пронајдов многу лесно за разлика од илјадниците други за кои копав до центарот на земјата и летав над озонот во воздухот. Всушност тој бил тука, секогаш пред мене, но со овие очила не можев да го видам.

biser

Царството небесно беше бисер сè уште затскриен во својата школка од каде ѕиркаше со својот блесок само малку, но доволно силно да ме привлекува да го слушнам. Прво започна со шепот на запознавање, на блиска средба со Синот Кој ветуваше многу милост и грижа кон кутрите ние измамени во отпадот. Ми го претскажа патот, кривулест и трнлив, но со ознаки кои на крајот завршуваат кај глетката која ниту едни очи не можат да ја замислат. Ми раскажуваше за наградата која е нераспадлив венец и ја добива секој кој ја завршува трката. Ми понуди и благ јарем кој не е тешко да се носи, секогаш и радосно дури и кога е натоварен со бреме. Никогаш не сум слушнал вакви деловни понуди кои ме натераа барем да размислувам за разлика од оние за кои пресекував без око да ми трепне. Вистината која ја дознав почна да го скокотка моето срце, кое сега поучено за прв пат дозна за стравот од последиците да се остане верен на светот. А, ме мачеше уште нешто, цената за понудениот бисер беше премногу висока, таква што никогаш не сум помислил дека ќе можам или пак ќе посакам да платам.

Ваква понуда се добива можеби повеќе пати во животот, но таа има свој рок на истекување. За да го запазам тоа се одлучив да продадам сè што имам и да го купам тој бисер. Не многу тешко се разделив од мојот имот и градина со најмирисни, но егоистични цвеќиња, утешен со тоа дека богатиот ќе го види Небото само ако камила се провлече низ иглени уши. Ја напуштив и терасата од каде ги допирав облаците со надеж дека тоа ќе го правам секојдневно при летот со ангелите. Ја фрлив и мојата торба со прегради и ниту еднаш не се завртив зад себе да погледнам дали другите бисери си ги измешале местата или се допреле помеѓу себе во неизворна љубов.

Еве, денес воопшто не сум пожалил дека го купив бисерот наречен „Небесно Царство“. Сфатив дека не ми требаат очила за да ги читам знаците и да верувам дека ќе ме однесат во Вечната земја. Уште ви должам да ви кажам каде се наоѓа таков бисер. Сигурно не е во местата со лукзуз и имиџ каде се провираат амбицијата, бескрупулозноста и суетата. Не е ниту во гневот, лутината и омразата. Најмалку пак кај страстите, похотта и во црното срце. Толку е блиску до нас, во смиреноста, трпението, скрушеноста и покојот. И во љубовта кон Јагнето.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz