Јуродивост заради Христа: светост или болест?

Јуродив човек

Православниот живот од секогаш се доживувал како лудост за овој свет, затоа што, по зборовите на св. Апостол Павле, „телесниот човек не го прима она, што е од Божјиот дух; за него тоа е безумие, и не може да го разбере, оти тоа треба духовно да се испита“ (1Кор 2,14). Меѓутоа, иако вистинските христијани не живеат по мерата на овој свет, поради што и често се сметани за „луди“, сепак јасно се разликуваат од јуродивите заради Христа. Инсистирањето на духот на „лудоста“, сопствената исклучивост, необичност, живеењето „надвор од светот“ – [сето тоа] не одговара на духот на јуродивството заради Христа.

Чекор понапред, [тоа] говори за еден нехристијански дух, гордост и недостаток на љубов, додека вистинскиот христијанин е повикан на заедничарење и соборност. Злоупотребата на јуродивоста ја имало од секогаш, во таа облека често се облечени психичките нарушувања и социјалната невскладеност на поединецот, со нагласување на различни „виденија“ и „надумни состојби“. На тој начин, човекот привидно се ослободува од личната и општествена одговорност, останувајќи во духовна незрелост, бегајќи во духот на отпадништво и фанатизам.

Погрешни толкувања

Во современиот живот на христијаните постои уште еден вид на злоупотреба или погрешно толкување на поимот јуродивост. Имено, популарни се посетите на манастирите кај определени духовници за кои, со речиси конспиративен тон се говори дека се „прозорливи“, „видовити“, дури и „јуродиви“. Тука се создава простор за опасни манипулации, [создавање на] магиски однос кон животот, идолатрија, застранување од Христовиот пат, па дури и [застранување] од здравиот разум. На таквите духовници им се припишуваат различни „јавувања“ на небесни сили и светители, „чудесни исцеленија“ и „пророштва“. Доколку пројавуваат уште и чудни облици на однесување и изразување, обично погрешно се сметаат за јуродиви. По зборовите на блаженоупокоениот патријарх Павле, „вистинската ревност е разумна, евангелска, како таа што ни ја покажа Спасителот. Таква ревност треба и ние да имаме, ревност по разум. Доколку ја имаме неа, ќе избегнеме секој вид на фанатизам и секое претерување“. Имено, расудувањето и личната одговорност се предуслови за здрава религиозност.

Кон јуродивството заради Христа нè воведуваат зборовите на св. Тихон Задонски: „Сите би сакале со Христа да се прослават и да триумфираат. Меѓутоа, малку се оние кои би сакале со Христа да го носат крстот, да бидат навредени, понижени, иссмеани и да трпат незгоди“. Примерите на јуродивост не се повик на лудост која сама по себе е цел, туку [повик] на бескрајна љубов кон Спасителот, која надминува сè земно и минливо. Самиот поим јуродивост значи „да се правиш луд“, да се биде „луд по Христа“, неодоливо да се копнее по Него. Според силата на тој копнеж, јуродивите можеле да ги претрпуваат сите подвизи и страдања, живеејќи бездомно, по ѓубришта и гробишта, под отворено небо, по најсилни мразови и горештини, без храна и облека, презрени, злоставувани, исмеани, прогонети. Нивниот живот до крајност ја исполнувал Господовата заповед: „Не грижете се што ќе јадете, или што ќе пиете; ниту за телото свое, во што ќе го облечете. Најпрво барајте го Царството Божјо и правдата Негова, и сè друго ќе ви биде дадено“ (Матеј 6,25-33).

Јуродивоста заради Христа се смета за најтежок подвиг, како поради физичкото трпење за совладување на страстите и плотта, така и поради одрекувањето од умот, како основно човечко достоинство. Тежината на подвигот на јуродивост ни покажува колку е тешка и жилава борбата со страстите и гордоста. Надворешниот, телесен човек треба да се распадне во најтешки маки, за новиот, духовен [човек] да нарасне во Господа. Бидејќи јуродивите целосно се предале на Бога, Тој ги исполнувал со силата на Духот Свет. Преку Него ги трпеле надчовечките подвизи. Преку Него ги претскажувале настаните како помош кон ближните, ги укрепувале луѓето во верата, го разобличувале богоотпадништвото, давале брза помош во неволји. Криејќи ги овие благодатни дарови, го примале подобието на безумните, се изразувале во загонетки и алегории, правеле луди нешта, но [нешта] кои имале длабок смисол, разбирлив само на луѓето со силна вера, чисто срце и голема љубов.

Рускиот историчар Георгиј Федотов, кој многу се занимавал со темата на јуродивоста, наведува: „Јуродивите заради Христа се видлива и постојана опомена на аскетскиот монашки живот, [кој е] најмногу загрозен од гордоста. Затоа уште во најраните манастири во египетската пустина, во 4 век постоеле „свети лудаци“, и нив само ретките, просветлени духовници ги разспознавале во манастирот. Останатите монаси и монахињи ги навредувале, ги понизувале и ги тепале ваквите „свети лудаци“. На тој начин јуродивите се опомена и на мирјаните против гордоста и прелеста – духовниот живот не се состои во надворешните манифестации, туку е сокриен и само од Бога знаен.

Поради злоупотребата и лажните безумства, Руската Црква привремено престанала со канонизација на јуродивите. Уште св. Серафим Саровски остро ги разобличувал и прекорувал оние кои се обидувале да ги подражаваат јуродивите преку надворешниот живот – преку носење на вериги, талкањето и безумното однесување. Позади тоа Старецот согледувал гордост, отсуство на одговорност за животот, како и психички проблеми. На таквите им советувал брзо враќање во секојдневниот живот, молитвата, семејството и работата.

Јуродивството останал недоволно истражен од страна на православните психијатри и стручњаци. Очигедна е една извесна, двојна природа на јурдивите, која навидум потсетува на схизофренија, но јасно се разликува од неа. Имено, јуродивоста воглавно претставува свесен избор на превземање на луд надворешен живот, заради прикривање на светоста на внатрешниот живот. Јуродивите биле вистински носители на Светиот Дух, пламена вера и љубов, додека религиозноста не е честа меѓу схизофрените, иако ја има. Схизофрениците најќесто се луѓе со натпросечна, па дури и генијална интелигенција, со исклучителни умни и интелектуални способности, може да важат и за многу угледни граѓани и стручњаци во своите области; склони се кон пренагласено инсистирање на хигиена, себични во своите барања, со длабоки оштетувања и расцеп на личноста, неспособни за вистинска љубов.

По зборовите на д-р. Јеротиќ, „кога говориме за јуродивите во православните земји, но и кога се осврнуваме на нивната долга историја, се поставуваат, особено пред нас, психијатрите и психолозите, сериозни прашања за присуството на некоја вистинска душевна болет или душевна заостанатост кај овие луѓе. На ова наше и денес актуелно прашање (поради скоро зголемените знаења за потеклото, текот и исходот на поедини душевни болести), Георгиј Федотов, зачудувачки, има јасен и едноставен одговор: вистинското лудило или менталниот дефект не е препрека за хистијанското светителство! Физичка или нервна болест може да постои во истиот субјект заедно со највозвишените состојби (примерот на св. Тереза Авилска), како што менталната дефицитарност може да постои согласно со едно чисто срце и дух на милосрдие во човекот“.

Примерот на блажена Ксенија Петроградска

Кога блажена Ксенија Петроградска, земајќи го на себе крстот на јуродивоста по упокојувањето на нејзиниот споруг, го раздала својот имот на сиромашните, нејзините роднини побарале стручно вештачење од лекарите, сметајќи ја за безумна. Но, тие заклучиле дека таа е потполно здрава и присебна. Преку привидното безумие, одрекувајќи се од себе си и секоја врзаност за земното, блажената во љубовта се претворила во молитвено ехо на својот сопруг, дарувајќи му нов живот во Христа, и исполнувајќи ги зборовите на апостолот Павле: „не живеам повеќе јас, туку Христос во мене живее“. На ист начин и нашиот повик во Бога не е подражавање на некое лудило, туку усвојување на духот на љубовта, најголемиот дар и чудо на кој се држи овој свет. Овие „свети лудаци“ нè учат дека, без разлика на изгледнот на нашиот надворешен живот, кон Бога нè вознесува единствено чистата љубов и потполната духовна ослободеност, како во зборовите на старец Паисиј: „Најубаво на светот е да немаш ништо, а сета вселена да е твоја“.

Ивана Радовановиќ

Оставете коментар

1 Comment on "Јуродивост заради Христа: светост или болест?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Ги молам сите да се молат за Бог да ме помрдне од умот со неговата љубов за да излезам од рамките на своето јас!
Старец Пајсиј Светогорец.

Ееех чудесно ПРАВОСЛАВИЕ!

wpDiscuz