Дали навистина Јуриј Гагарин не Го видел Господ во вселената?

Деновиве Русија го прослави Денот на космонаутите, со што ја одбележа годишницата од летот на првиот човек во космосот Јуриј Гагарин, извршен на 12 април 1961 година. Следи отсечок од интервјуто дадено од полковникот Валентин Василиевич Петров, предавач на Воздухопловната Академија Гагарин, дадено за Интерфакс во 2006-та година.

Валентин Василиевич, вие бевте блиски пријатели со Јуриј Гагарин. Според некои сведоштва, првиот космонаут бил верник, иако не говорел јавно за тоа. Може ли да се рече дека православната вера беше уште една премолчена врска меѓу двајцата Советски пилоти во годините на државен атеизам, години тешки за Црквата?

Јуриј Алексеевич, како и сите Руси, беше крстен; и, колку што знам, беше и верник. Заедничката посета на Троицо-Сергиевата Лавра во 1964 година, токму на триесетиот роденден на Гагарин, останува незаборавна за мене. Бивајќи жив по природа, Јуриј еднаш ме праша дали некогаш сум бил во Лаврата. Добивајќи потврден одговор од мене, ми предложи повторно да одиме. И веднаш, истата вечер тргнавме кон Лаврата, „маскирани“ во цивилна облека. Бевме многу смотани, бидејќи Гагрин не можеше да се маскира (се мисли на неговата популарност и препознатливост насекаде, м.з.). Штом пристигнавме во Лаврата, толпа луѓе се втурна кон нас, барајќи му автограм. Службата сè уште не беше завршена, кога сите започнаа да пристапуваат кон него. Таква беше љубовта на народот кон Јуриј, а тој пак, не можеше никому да му откаже.

Јуриј Алексеевич беше неповторлива личност: никогаш не се китеше со својата слава. Доколку некој му се обратеше, тој не слушаше и не гледаше никој друг освен него. Истото важи и за неговите деца, кои не беа (и сè уште не се) надуени од сознанието дека тие се децата на првиот космонаут.

Потоа, секако – намесникот ни притекна на помош, особено на Гагарин. Нè склони во неговата келија, каде според рускиот обичај, нè понуди со чашка. По третата чашка, ни рече: „Ете, кој би ми поверувал дека Гагарил бил во мојата келија?“ А Гагарин, шегувајќи се, му возврати: „Но, кој не би поверувал?“ Извади една своја фотографија, и на неа напиша посвета: „На отецот-намесник од Гагарин, со најдобри желби“, и му ја подари. Отецот му одговори: „Тогаш, да се напиеме уште по една за ова!“ И секако, се напивме!

Потоа намесникот ни предложи да го посетиме ЦАК. Ние зачудено му одговоривме: „Што зборуваш, оче, ние бевме во ЦАГ!“ Секако, ние мислевме на нашиот Централен Аеро-хидродинамички Институт (на руски ЦАГИ, м.з.). Се испостави дека тој говорел за Црковно-Археолошкиот кабинет (ЦАК) на Московската Богословска Академија. Појдовме таму, и тогаш се случи нешто што целосно ме потресе. Посегнувајќи кон моделот на храмот на Христос Спасителот, Јуриј се загледа внатре, и потоа ми рече: „Валентин, види каква убавина уништија!“ И остана уште долго време да зјапа во макетата…

На враќање од Лаврата, сето она што го видовме таму остави таков впечаток на нас, што возевме како хипнотизирани. И одеднадеж, Јуриј ми рече: „Валентин, размисли за овие зборови: КОЈ СИ НА НЕБЕСАТА“. Си широко отворени очи го запрашав: „Јуриј Алексеевич, зарем ти навистина ги знаеш молитвите?“ А тој ми одговори: „А ти мислеше дека си единствениот кој ги знае? Со сигурност си единствениот кој знае да молчи за тоа…“ Знаете, ова се случуваше во 1964-та година, кога Хрушчов ветуваше дека ќе „го покаже и последниот поп…“.

По враќањето, веднаш западнав во неволја поради патувањето: бев обвинет дека сум го „вовлекол Гагарин во религијата“. Но, Гагарин ме спаси, велејќи: „Како може еден капетан да вовлече полковник во религија?! Не ме одведе тој: појдовме со мојот автомобил“. Како резултат на тоа, бев само партиски прекорен за „воведување на Јуриј Гагарин во православие“, и денес сум многу горд на тоа.

Недолго по посетата, додека говореше на пленарното заседание на Централниот Комитет за младинско образование, Јуриј Гагарин отоворено предложи обновување на соборниот храм на Христос Спасителот, како споменик на воената слава и врвен дострел на православието. Истовремено го предложи и обновувањето на тогаш-разурнатата Тримфална Порта во Москва. Неговите мотиви беа едноствни: не можеме да го засилиме патриотизмот доколку не си ги знаеме корените. И доколку храмот на Христос Спасителот е паметник на воената слава, тогаш луѓето коишто ќе ја бранат својата татковина треба да го знаат ова.

Секако, ниту еден од присутните на заседанието не очекуваше вакво нешто од првиот космонаут: рекацијата беше потресна, и беше проследена со громогласен аплауз. Президиумот, секако, беше сериозно исплашен од ова, но не мора да нагласувам дека никој не смееше да рече ништо против Јуриј Алексеевич.

Но, што е со познататa изјава што му се припишува на Гагарин: „Бев во вселената, но Бога не Го видов?“

Тоа секако не беа негови зборови, туку зборови на Хрушчов! Тоа беше кажано во врска со пленарната сесија на ЦК на која се расправаше за прашањето на против-верската пропаганда. Тогаш Хрушчов ја зададе оваа задача на целата Партија и Комсомол-от (Комунистичката младина) – што помасовно да се шири ваквата против-верска пропаганда. Рече: „Што сте се фатиле до колку за Бога? Еве, Гагарин леташе во вселената, и не го виде бога“. По некое време, овие негови зборови започнаа да бидат ширени во поинакво светло. Беа цитирани не како зборови на Хрушчов, туку како зборови на Гагарин, кого луѓето го љубеа. Една таква мисла, кажана од него, вредеше многу, затоa што народот му веруваше. Но такво нешто ниту можеше да биде кажано, а и ниту беше кажано од Гагарин.

Оставете коментар

4 Comments on "Дали навистина Јуриј Гагарин не Го видел Господ во вселената?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Прекрасен текст што многу ме израдува

Одличен текст!

ХРИСТИЈАНКА!

СЛАВА БОГУ!!!!!!!!!!

[…] Агапи Rate this:Сподели:FacebookTwitterEmailPrintLike this:Like […]

wpDiscuz