За јудоимените

Духовден

Нека ни е честит и благословен сесветиот празник на пресвета Троица, празник на наитието на Светиот Дух врз светите апостоли и роденден на едната, света, соборна и апостолска Црква Христова. На денешен ден се роди Црквата Божја. Христос, во денот на Вознесението, ги утеши Своите ученици со ветувањето дека ќе им Го испрати сесветиот и животворен Дух. Десет дена подоцна, во Ерусалим, на денешен ден, третата Ипостас на пресвета Троица, Господ Свети Дух, наита врз апостолите во вид на огнени јазици и им ги осени умовите за да го разберат она што со свои очи го беа гледале и со свои уши го беа слушале. Денес апостолите станаа епископи и Црквата се роди.

Денес Христос, архијерејот по чинот Мелхиседеков, беше докрај познаен. Неговата богочовечка тајна беше осветлена и видена како златозарен исон на теофаниските собитија и зборови од евангелието. И токму поради видовитото гледање во тајните Божји и поради украсеноста со дарот на глосолалија, апостолите почнаа на сите јазици да го слават спасителот и да го прославуваат низ тогашниот грчко-римски свет својот сакан равуни, богочовекот Христос.

Од денот кога Логосот Божји се вотелови и се вочовечи и се роди од Марија Дева за спасение на човекот и светот, Христос стана и остана камен на сопнување за сите што не можеа и немаа сили да го признаат него, вистинскиот Бог наш. Не можеа да ги прифатат критериумите што тој ги постави во нашиот живот за наше спасение, па почнаа богоборно и дрско своите личности и идеи да ни ги подметнуваат како месијански и супериорни. За да не им пречи, верниците на религијата на секуларизмот одат дотаму што го распнуваат на крст и го убиваат и погребуваат секогаш одново и со надеж дека свирепо се пресметуваат со оној чија кроткост и смирение до денеска им пречи. Зборувам за синдромот на Јуда, генетски содржан во еден дел од луѓето низ сите векови. И денес постојат луѓе што за триесет сребреници го продаваат Христос, неговата вистина и правда, неговиот мир. Трансферот за пари јудоимените го извршуваат најпрво во срцата свои, а потем дрско го изнесуваат на срамните тезги од европскиот и светскиот пазар. Тие се одемонети и опеколени човечки разобличја со здив на смртта. Новиот Вавилон претставува своевиден пандемониум и пантеон што собира идоли пробисветски. Како и да е, Христос повторно се распнува заради нас и нашето спасение, но и ние му се сораспнуваме секогаш кога неподелено и моќно го љубиме. Жандармите светски се нашите џелати. Тие нè ставаат на крст, како што него го ставија. Ќе нè убиваат, сметајќи дека му принесуваат служба на Бога. Цена за смртта на христијаните ќе бидат: парите, моќта и славата.

Обоготворителите на државата и народот, или Унијата на Европејците, или новиот светски поредок и new age-от, нас христијаните нè сметаат за ѓубриште, за ништо, секогаш кога краткото паметење ги стига и галопирачката амнезија ги исфрла во гробната депонија на светот без Христа. Затоа, возљубени мои, потресната содржина на Василиевите молитви од нас денес читани, нека нè научи овде собраните, молитвено, кротко и смерно да го носиме крстот што ни е благословен од Бога. Со целиот живот свој, без остаток, него, живиот наш Бог, да го славиме низ сите вечности.

Амин.

Отец Стефан Санџакоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz