Дали и денес постојат Старци?

Старци

Дали личности какви што се старец Паисиј и Порфириј постојат и денес?

Имавме среќа да ги знаеме овие навистина просветлени Старци, отец Паисиј и Порфириј и други отечки личности, кои ни покажаа што е Црква и како Бог преку неа се покажува на Своите пријатели. Многумина од нас ја почувствуваа Божјата љубов во нивна близина. Овие старци утешуваа илјадници луѓе и во многу случаи донесоа мир на најнемирните деца Божји. Мораме да се сметаме недостојни за ваквиот дар.

Меѓутоа, бидејќи Бог и Црквата постојат, и ваквите свети личности секогаш постојат. Како што и порано реков, светителите се плодови на Црквата, оти поминувајќи низ Крстот и Воскресението Христово, и Педесетницата, тие сведочат за новиот живот што Бог го носи на земјата.

Ако пак, нема такви личности денес, тоа би било како Црквата да престанала да постои или е јалова, та не може да раѓа. Навистина, кога ќе престане да постојат светители, тогаш ќе се случи Второто Христово доаѓање.

Денес на Света Гора постојат многу блажени монаси кои Го слават Бога и се прославени од Него. Света Гора и понатаму е голем светилник. И надвор од Света Гора, исто така, во манастирите и заедниците постојат благословени деца Божји, и Црквата ги просветлува оние кои го разбираат ова и имаат потреба.

Проблемот се состои во тоа што не ги гледаме светителите, не ги чувствуваме, не го чувствуваме мирисот на нивното присуство. Тоа затоа што немаме голем интерес, немаме духовни сетила да ги препознаеме и почувствуваме. Во овој случај можеме да ги примениме овие Христови зборови: „секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори“ (Мт. 7,8).

Оние кои вистински Го бараат Бога и Неговите светители, сигурно ќе ги сретнат, или денешните светители сами ќе ги пронајдат нив и ќе ги исполнат со дарови Божји. Таков е нашиот Бог. Тој доаѓа тајно, Тој сака да ги изигра сите логички можности, Тој Љубовта Своја ја покажува гласно, ненадејно и неочекувано на оние кои се повредени и Него Го бараат. Трезвено опиени се оние кои го бараат „доброто вино“, силното вино.

Митрополит Јеротеј Влахос

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz