Да се љуби секој човек, значи да се љуби Христос

А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се доберат пре Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите; и ќе ги стави овците од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш царот ќе им каже на оние што Му се од десната стрна: ‘Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.’ Тогаш праведниците ќе му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те вивовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?’ А царот ќе им одговори и рече: ‘Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.’ Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‘Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.’ Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или во затвор и не Ти послуживме?’ Тогаш ќе им одговори и рече: ‘Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене се сте Ми го направиле.’ И тие ќе отидат во вечна нака, а праведниците – во живот вечен.” (Мт 25,31-46)

Во приказната која Христос ја проповеда за она што ќе се случи во часот на Страшниот суд, изненадени се оние кои не ја имале љубовта кон ближниот кога Судијата им вели дека кога на гладниот не му дале да јаде, ниту на жедниот да пие, и не го примиле непознатиот и не го облекле сиромавиот, или не го посетиле затвореникот, тие всушност Него, Христа не Го нахраниле, напоиле, облекле или посетиле. Но, и праведните се подеднакво изненадени кога Христос им вели дека кога тоа го правеле, Нему Му го правеле.

Ова изненадување е оправдано од причина што Христос не ја потврдува само тесната врска помеѓу Себе си и секој човек, или помеѓу секој човек и Себе си, туку Тој ја потврдува идентичноста, која би можела да воспостави забуна околу тоа каде се губи разликата меѓу природата (суштината, м.з.) и личноста.

Фактот дека и праведниците се изненадени ни посочува дека се работи за една тајна која никогаш во потполност нема да биде откриена до крајот на времињата, но фактот и дека преку оваа поука која ни ја оставил, нè повикува на неа, ни говори дека Тој (сепак) сака да нè запознае со оваа тајна.

Како да се разбере ова тврдење за поистоветувањето Христово со секој човек, и секој човек со Христа?

Светото Писмо и Отците по ова прашање ни даруваат скапоцени податоци. Првата книга Мојсеева и бројните светоотечки толкувања нè поучуваат најпрво дека човекот е создаден според Ликот Божји, што значи дека секој човек во себе од овој Лик (слика, икона) кој директно повторно го поврзува со Бога и Го прави Бога присутен во него. Отците, особено свети Иринеј Лионски, Ориген, свети Атанасиј Александриски, свети Кирил Александриски, тврдат дека Адам е создаден според самата икона на Логосот, Словото Божјо. Свети Никола Кавасила дури тврди дека човекот е создаден според Ликот на воплотеното Слово, Христа Богочовекот, Оној Бог Кој го промислил воплотувањето на Словото за сета вечност. Тука ја наоѓаме причината за потврда на секој човек со Христа.

Едно објаснување кое ни го дал свети Максим Исповедник може да ни помогне подобро да го разбереме ова тврдење. Приморан да ги протолкува двосмислените зборови на свети Григориј Богослов „Каква е оваа голема тајна? Ние сме честици Божји произлезени од горе“ (Беседа XIV,7) – свети Максим ни објаснува (во седмата глава од неговата Амбигва) дека сите луѓе се честици Божји, не затоа што биле богови во почетокот, пред искуството на падот, како што сметале оригенистите, туку како такви кои за цел имаат да станат богови по благодат. Овој план на Творецот, кој бил направен за секој човек дури и пред создавањето на светот се наоѓа впишан во логосот на човечката природа (или поинаку кажано, неговата духовна дефиниција која во самата своја структура ја изразува желбата или целта Божја), природа чиј носител е секој човек. Значи, секој човек е Бог по божествена цел и на можен начин (што значи дека е способен тоа и да стане по благодат). Понатаму, ни кажува свети Максим, логосите на сите битија се створени во Логосот, собрани се и своето единство го наоѓаат токму во Него. Ова објаснување ни го приближува тврдењето за светпотаинската идентификација на секое човечко битие со Христа, воплотениот Логос.

Третото објаснување на ова тврдење може да се најде во самото воплотување. Словото, воплотувајќи се, станувајќи човек, на себе ја зело човечката природа. И Словото ја превзело не просто човечката поединечна природа, туку севкупната човечка природа, вклучувајќи го целото човештво, што би значело – природата на сите луѓе од сите времиња.

На ова се повикува свети апостол Павле кога говори за обновувањето на сите луѓе во Христа, Новиот Адам. За ова исто така ни говорат и Отците, посебно свети Иринеј Лионски, свети Атанасиј Александриски, свети Григориј Нисски, свети Кирил Александриски и свети Максим Исповедник, чии зборови би можеле да ги наведеме: „Тајната сокриена во вековите и поколенијата сега е откриена вистински и преку потполното вочовечување на Синот и Бог Кој во Себе ја соединува по ипостас, без делење и слевање, нашата природа и самите нас со Своето свето тело ќе нè земе нас и нашето […], со Своето Вочовечување Тој се удостоил да створи една и иста твар со Него, според Неговата природа“ (Амбигва, 7).

Доколку е точно дека само христијанинот, покрстувајќи се, навистина станува дел од телото Христово и живеејќи во согласност со заповедите, се здобива со подобието Христово и навистина е „вохристовен“, тогаш заедно со апостолот Павле може да се рече: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“. Доколку е точно дека христијанинот во својата личност ја води Божјата икона кон довршување (исполнување, м.з.) и личносно го остварува крајот на својата природа впишана во нејзиниот логос, и доколку е вистина дека само христијанинот личносно се соединува со Христа Кој во Себе ја соединил севкупната човечка природа, дотолку не е помалку вистинито дека сите луѓе, без разлика какви се, христијани или не, во самата своја природа имаат извесна идентичност со Христа, Кој истото го објавува преку зборовите на светиот евангелист Матеј. Поради тоа светителите, имајќи го залогот на познанието кое ќе биде ни откриено и на сите нас на крајот на времињата, Го гледаат и љубат Христа во секој човек кого го среќаваат, и секој човек го љубат во Христа.

Жан-Клод Ларше

Оставете коментар

1 Comment on "Да се љуби секој човек, значи да се љуби Христос"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Да се љуби секој човек, значи да се љуби Христос […]

wpDiscuz