Јавувањето на Христа во слава

Воскресение

По Своето воскресение, Христос им се јави на жените мироносици и на Своите ученици. Некои се прашуваат зошто Христос не им се јавил на сите луѓе, а особено на Своите распнувачи и на оние кои го одрекуваа Неговото воскресение, за да ги натера да поверуваат во Него? Кога некој ја познава суштината на православната теологија, тогаш не може да поставува такви прашања, затоа што јасно знае дека јавувањето на Христа никогаш не се случува заради гледање или заради принудување на човекот. Јавувањето Божјо има одредена цел и длабока причина.

Најпрво треба да се нагласи дека Христос не сака никого да принуди да поверува. Потоа, јавувањето Божјо е еден критичен момент во животот на човекот. Во другиот живот, при Второто Христово доаѓање, сите ќе Го видат, но за подготвените и за очистените Бог ќе биде светлина, а за нечистите ќе биде пекол. Тоа би се случило и во овој случај. Затоа Бог од љубов и човекољубие не им се јавил наоние кои Го одрекуваа и кои Го распнаа.

Јавувањето на Христа во слава се случува само и единствено за да ги одведе оние кои се имаат соодветно подготвено кон обожување и кон прославување. Учениците биле подготвени, па затоа Христос малку пред да биде подложен на страдање, рече: „вие сте веќе чисти преку словото што ви го кажав“ (Јн. 15, 3). Учениците, слушајќи го словото Божјо, поучувајќи се во тајните на Царството Небесно и изгонувајќи демони, три години минувале низ процесот на очистување. Притоа станале соодветни за обожувањето и приемчиви за учеството во благодатта на Воскресението. Но пак, како што ќе видиме подолу, и со Своето јавување по Воскресението ги подготвува за нивниот влез во големиот степен на обожувањето и созерцанието, што требало да се случи на Педесетница.

Меѓутоа, Христовото јавување на учениците по Воскресението не бил настан само за нив, бидејќи знаеме дека оние кои минуваат еден соодветен степен на исцеление и очистување се удостојуваат да учествуваат во Христовото Воскресение и да Го видат Воскреснатиот Христос.

Во овој случај треба да го видиме и случајот на апостолот Павле, кој ја има сигурноста дека и нему му се јавил Воскреснатиот Христос. „А по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче“ (1 Кор. 15, 8). Познато е дека апостолот Павле за време на Воскресението бил Јудеец ревнител, кој кон Христа се обратил по Педесетницата, и затоа самиот тој во овој случај се осврнува на јавувањето на Воскреснатиот Христос по Вознесението и по Педесетницата. Овој случај покажува дека гледањето на Воскреснатиот Христос не е независно од духовната состојба на човекот и, секако, дека тоа продолжува во целокупниот живот на човештвото. Секогаш низ вековите постојат сведоци на Христовото Воскресение.

Митрополит Јеротеј Влахос
„Господовите празници“, СПЕ 2012
Превод: Отец Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz