Јас Сум вратата

Богочовекот е за човечкото битие – вратата во бесмртноста, и самата бесмртност, и храна за бесмртноста. Бидејќи Он е Спасителот: спасува од гревот, смртта и од демонот; и тоа, спасува со Својата Богочовечка Личност, затоа и на чело на сите Негови зборови стои: ‘Јас Сум вратата’.

Сè човечко што нема да влезе во Него, останува во смрт и во грев, умира постојано низ гревовите и се ничкосува во вечното царство на злото и на гревот: пеколот. Вон Богочовекот нема ‘врата’ на бесмртноста за човечкото битие; само со Него човекот се спасува. Да, со Него: со сè што е Он и со сè што е Негово – Светото Евангелие, Црквата. Во нив се сите сили и сите средства со коишто луѓето ги совладуваат гревот, смртта и ѓаволот. А Он – секогаш во сето тоа со севкупната Своја Богочовечка Личност.

Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси
„Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси“ (Јн. 10, 9)

До појавата на Богочовекот на земјата, овој наш земен свет беше без Врата, смртен затвор; Он е првата Врата од овој затвор во бесмртноста. Но севкупното спасение е условено и оградено со Него, со Неговата Богочовечка Личност: ‘Кој ќе влезе преку Мене = со Мене – ќе се спаси’. Секаде и на сè: Богочовек, Богочовек, Богочовек. Спасение – со Мене. Со Спасителот – спасение. Во подвигот на спасението е и вистинската безгранична слобода на човекот: ‘и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде’; преку спасението од гревот и од ѓаволот и од смртта расте слободата, бесмртна и безгранична. Бидејќи гревот и е оковот кој го поробува човечкото битие на злото, смртта и ѓаволот. При сето тоа човечката личност останува недопрена и ‘расте со растот Божји – во човек совршен, во мерата на растот на висината Христова’ (сп. Ефес. 4, 13; Кол. 2, 19): бидејќи нема ни грев ни смрт за да ја гуши, ограничува, стеснува. ‘Пасиште ќе најде’: сè со што се храни боголиката душа човечка и богокопнежливото битие негово; сè што служи како бесмртна храна за бесмртното битие човечко.

А тоа ‘пасиште’? – вечната божествена Вистина, и Правда, и Љубов, и Добрина, и Мудрост, и Милост, и сите останати божествени совршенства; на земјата: Евангелието = Црквата: Светите Тајни, светите божествени сили и светите добродетели.Тоа е ‘пасиштето’ кое секогаш го има во неограничено изобилие во Богочовекот = Црквата = Евангелието. Заради сето тоа – Богочовекот е единствениот вистински водач на човечкиот род. Водач кој ги изведува луѓето од смртта и ги воведува во бесмртноста. Оттука, само Спасителот – е Водач. И останатите Христоносци. Сите тие ги водат луѓето во бесмртност и живот вечен.

Преп. Јустин Келиски
Извор: „Тумачење Светог Еванђеља по Јовану“, гл. 10

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz