Јаировата ќерка

Денешното благовестие нè соочува со една чудесна евангелска глетка, која е сместлива во рамките на времето и просторот на планетава Земја и сообразна со секоја човечка генерација.

Управникот на синагогата Јаир паднал пред нозете Исусови и Го молел да отиде во домот негов. Неговата единствена дванаесетгодишна ќерка била тешко болна и умирала. Христос Бог, нашиот добар Пастир, подготвен да ја положи душата Своја за овците Свои, се согласил и заедно со Јаир, следени од многу народ и од светите апостоли, тргнал кон домот Јаиров. И додека народот се туркал околу Христа, една жена, која страдала од крвотечење дванаесет години и која сиот свој имот попусто го потрошила по лекари, Му пристапила на Христос одназад и го допрела крајот на Неговата облека. Крвотечењето веднаш ѝ престанало. Христос прашал кој се допре до Него. Петар бил зачуден од прашањето. Апсурдно било да се дознае тоа поради огромниот народ што Го опколил и Го притискал Христос. Исус повторно забележал дека некој се допрел до Него, бидејќи почувствувал како излегла сила од Него. Жената сфатила дека не може да се скрие од срцеведецот. Со страв Божји и благоговение пристапила и ничкум паднала пред Него. Пред сиот народ објаснила зошто се допрела и дека оздравела. Тогаш Христос ја охрабрил и ѝ рекол: „Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси! Оди ди до мир!“

И само што се беше случило прекрасното чудо на исцелување на крвоточивата жена, еден човек на управникот на синагогата пристигнал за да му ја соопшти на Јаир тажната вест за смртта на неговата ќерка. Христос веќе задоцнил. Попуста била посетата на Јаир. Мислењето на народот не го делел само Христос. Решително тргнал кон Јаировиот дом. И навистина, веста за смртта на девојчето ја поразила душата на народот. Тагата ги освоила присутните. Се чувствувале немоќни и поразени поради победата на смртта. Во една таква состојба на паднатост и очај, Христос им ја благовестел радосната одлука да отиде во куќата на Јаир. Христос на Јаир му рекол: Не плаши се, само верувај и ќе биде спасена. Штом пристигнале во домот, никому не му дозволил да влезе, освен на Петар, Јаков и Јован, како и на таткото и мајката на девојчето. Христос ги замолил да не плачат, уверувајќи ги дека девојчето не е мртво, туку дека спие. Присутните Му се потсмевале, знаејќи дека девојчето е мртво. Потем, Христос ги истерал сите, го фатил за рака девојчето и извикал: Девојко, стани! Откако ѝ се вратил духот, таа станала и ѝ принесле да јаде. Родителите занемеле од чудото.

Ќе треба ли да се уплашиме од тајната на смртта? Зашто, веќе чувме дека смртта не е крај на нашиот живот. Таа е нашиот најголем и последен непријател што треба да го победиме. Ова свето евангелие е навистина чудесно поради големата радост што ни ја благовести, поради големата утеха со која нè радува нас маловерните. Поголемиот дел од нас, живеејќи во овој свет, живееме како луѓе што чекаат сиот свој живот да го положат во утробата на земјата, да го запретаат в земја, соочени со бесмислата и бесцелноста. Христос во ова свето евангелие ги скрши контурите на одавдестраниот живот и нè соочи со вечниот и несмртен живот. Со него нè беше дарувал дента кога благоволи да нè повика од непостоење во постоење, да нè повика од небитие во битие, да нè повика од смрт во живот. Христос не нè дарува со воскресение за смрт, туку со воскресение за живот вечен. Амин.

отец Стефан Санџакоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz