Ја воведуваат

Воведение на Пресвета Богородица во Храмот

Пречистиот храм на Спасот,/ многувредниот дворец и Дева,/ свештената ризница на Божјата слава,/ денес се воведува во Господовиот дом, благодатта сововедувајќи ја,/ Онаа што во Божествениот Дух е,/ Неа Божјите ангели ја воспеваат :// „Таа е Небесно престојувалиште“. (Кондак на Воведението на Пресвета Богородица)

Празникот Воведение на Пресвета Богородица во Храмот, што утре го славиме, најчесто се нарекува само Воведение, односно Воведување, водење на Пречистата Мајка Божја.

Навистина, сиот нејзин живот, Благословената меѓу жените била водена од и во Светиот Дух, на едно безмерно тешко, крстоносно патување, кое на крај ѝ ја „прободело душата“, како што прорекол св. Симеон Богопримец (Лк. 2,35). Водена онака како што нејзиниот Син „беше одведен на колење“, според пророштвото (Ис. 53,7), и како што служителите на Црквата ги воведуваат, под рацете на други, во олтарот при нивното ракополагање.

Празнувајќи го овој принос на нејзиниот живот во старателство и воспитување од Светиот Дух, да се потсетиме на огромниот крст што таа го носела за сите нас. Уште од детството, таа се разделува од нејзините возљубени родители, кои се упокоиле додека Пресветата била мошне млада. Подоцна била предадена на Јосифа, кого речиси и не го познавала (и не му ја открила тајната на Благовештението, та он се вчудоневидел штом узнал дека е бремена). И, макар што за време на ова тешко патешествие таа не знаела што точно значи сето тоа што ѝ се случува, секогаш ставала Бог да ја води.

А сепак, овој празник, како и празникот на Христовото Рождество што ни се наближива, е исполнет со светлина и победа. Тоа е светлината и победата на Крстот, на кого и Пречистата и нејзиниот возљубен Син биваат водени, послушно и волно. Затоа, нека таа, Преблагословената, нѐ штити и води на нашиот крстоносен пат денес, за да бидеме спремни да појдеме онаму каде што Бог сака да нѐ воведе.

„Радувај се, Благодатна, Господ е со тебе“, а преку тебе, и со нас.

Сестра Васа Ларин

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz