Излекувањето на слепиот и глувиот

Евангелското четиво од првата недела по Педесетница ни ги покажа Божјите заповеди според кои живееја сите светители на Црквата. Овие заповеди се како скалила до Небесното Царство. А Царството Небесно Бог го подготви за сите нас. Тоа значи дека сите овие чекори водат дотаму; овие Божји заповеди важат за сите нас. И токму со таа цел Светата Црква ни ги предава и нам.

А сега, минативе неколку недели, Светата Црква започна да ни го покажува не она што треба да го развиеме во себеси, туку сето она што треба да го одбегнуваме, она со коешто треба да се бориме. Овие (евангелски) читања ни говореа за силата на злото, за демоноопседнатоста, за страстите, гревовите, робувањето на гревот, телесната фатеност која е последица на гревот; а сето тоа нè научи на нашата духовна фатеност, која секогаш е последица на гревот.

На истиот начин, денешното Евангелие ни раскажува: „А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по Него двајца слепи… Додека тие излегуваа, ете, доведоа при Него еден човек нем и бесен“ (Мт. 9, 27, 32). И Христос ги излекува сите. Да, постои физичко слепило, но постои и духовно слепило. Тоа е нашето неверување, нашата закоравеност на срцето. Таквата состојба може да биде времена, како бура од облаци која наидува и поминува, со Божја помош. Тоа е ужасното чувство на богооставеност, една ужасна осаменост. А постои и една друга состојба: кога можеме да зборуваме за било што, освен за духовни нешта, за Божји нешта. Или, кога пред нас страда нашиот ближен, кој преживува големи жалости, а ние немаме утешни зборови. Или пак, состојба на умот кога не можеме ниту да се помолиме. Зарем не се ова знаци на духовна глувост? Единствено Христос може да нè исцели, да ја исцели нашата слепа и глува душа. Но, како се случува тоа?

За да одговорам на ова прашање, би сакал да се осврнам на еден пример, едно лично искуство од мојот живот: ќе го раскажам ова искуство онака како што е впишано во моето срце. Се работи за еден мошне тежок период од мојот живот. Изгледаше како да нема излез. Црквата во Ромни (град во Украина, заб. на прев.) беше затворена, јас бев изгонет од Ромни, моето семејство (во тоа време блаженоупокоениот архиепископ Андреј бил оженет човек – протоереј Адријан, заб. на прев.) беше препуштено на милоста и немилоста на судбината. Невозможно беше да се појавам во ниту една црква во Киев, освен тајно, криејќи се во некое ќоше во олтарот. А не секоја црква допушташе некој прикриен свештеник да влезе во олтар. Ми се чинеше дека пред мене има непробојна темнина. Губев вера. Се чувствував духовно слеп и глув.

Тогаш ми дојде една светла мисла: „оди во Лаврата, во пештерската црква на св. Антониј, на рана Литургија“. Сакав да верувам дека можеби таму, кај моштите на светителите ќе падне превезот од моите очи и ќе можам да ја согледам Божјата промисла за мене. Се прикрадов во лаврата ноќе, кај еден мој близок пријател. Во три часот изутрина удри камбаната; набрзина се облековме и излеговме. Надвор владееше целосна темнина. Но, од сите страни се проткајуваа линии на мала светлина; монасите, држејќи фенери во своите раце, одеа на богослужба во пештерата. Сè беше тивно, трепетливо, таинствено. Се вовлековме меѓу народот. Започнавме да се спуштаме во пештерата. И, како што се спуштавме, мене сè повеќе и повеќе ме мачеше нешто.

Литургијата започна. Видов дека сите се молат. А јас… јас не можев да се молам. Нешто ужасно се случуваше со мене; како пештерата да се урна врз мене. Се гушев. Не толку физички, колку духовно. Нешто како да ми го гризеше срцето. Да можев да побегнам, ќе побегнев. Но, со надчовечки волев напор се принудив, макар надворешно, да останам на богослужбата. Бев слеп и глув. Минутите ми изминуваа како саати. Чувствував како да исчезнувам, како некој кој е нем, без зборови. Во своето срце извикав: „Господи помилуј!“, без да го разбирам значењето на тие зборови. Доколку Литургијата траеше една минута подолго, немаше да издржам. Но, дојде крајот. Едноставно побегнав од пештерата, на површината.

И тогаш се случи чудо. Сонцето високо грееше, тревата, дрвјата, покриени со утринска роса, изгледаа како да се проткајани со дијаманти. Во далечината гледав како синее реката Днепар, а во тоа синило се прекршуваше сјајот на изгреаното сонце. Оваа рефлексија беше како злато паднато од небесата; позади Днепар беа полињата, шумите – светот Божји! Дишев длабоко. Пред мене имаше надеж. Бог го тргна каменот од моето срце. Бев слеп, но одеднаш прогледав: сите овие убавини сега беа символи за мене – символи на неземната убавина и Животот Вечен. Сакав да живеам за вечноста, и сакав да ја споделам оваа радост со тие околу мене. Глувоста помина и започнав повторно да зборувам со луѓето околу мене кои ми беа мили. Видете како Бог ја исцелува нашата духовна слепост и глувост!

Да појдеме по Неговиот Пат. Да истраеме. Да ги следиме слепите луѓе (од Евангелието). После сè, тие не Го гледаа Христа. Уште повеќе, тие никогаш немале видено човечки лик; но тие знаеле дека Христос бил таму, близу, и верувале дека може да ги исцели. Ова е класична слика на молитвата. Православната вера никогаш не создава слики при молитвата, туку единствено знае дека Христос е тука, и е близу, и може сè да направи.

Но, да бидеме внимателни, затоа што Тој и нас ќе нè напраша: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ (Мт. 10, 28). Тогаш да Му одговориме: „Да, Господи, веруваме!“

Архиепископ Андреј Римаренко

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz