Избор од мнозината

[pull_quote_left]Зошто, мнозина се повикани, а малцина избрани.[/pull_quote_left]
Матеј 22, 14

 

Чекаме ред пред шалтерите за плаќање сметки, пред бироата кои нудат непостоечки работни места, на гробиштата да си го пронајдеме привременото легло, пред медиумите да слушнеме кој се самоубил и зошто, на креветот да ја задоволиме похотливата страст, на трпезите да му угодиме на стомакот, на планинита да го замениме нечистиот воздух со свеж преку белите дробови полни со грижи… Насекаде мнозина беа повикани и мнозина избрани.

Да почекаме пред вратите на трпението од караницата со ближниот каде громовите на гневот ќе се испразнат во некоја кутра коприва и ниту една брчка од помрачено лице нема да ги допре струните на осетливоста на неговите чувства кои го тераа да плаче. Да почекаме пред заповедтта на блудот која го манипулира нашето тело нарекувајќи го предавник на сопствената природа копнежлива по максимум задоволства и неспомената тага. А што е со среброљубието, неговата сјајност и беда истовремено, желбата да се поседува, а да не се загуби, и парадоксалната немоќ да се задржи купот во обем и неговата висина да расте правопропорционално со исполнување на материјалните илузии кои се стремат да го потрошат. Или зависта која не позеленува додека го гледаме успехот на оној кој не го сметаме за подолен од себеси и ги претвора нашите помисли во рафално оружје кое без престан испукува отров и црнило. Насекаде мнозина беа повикани и мнозина избрани.

Повиканите

А, Гласот што во почетокот шепоти и повикува нè доведе до вознемирување слично на оние во уводот на која и да било световна зделка. Предизвика револуција, не може да се каже дека душата не се помрдна од својата летаргија, но беше нешто ново, позитивно и преполно со надеж. Ја градеше довербата од малечко семе синапово без ниту еднаш да изневери со сенка облаче врз означениот правец. Зборуваше тивко, но поцврсто од ветувањата помпезно најавувани со кимвал што ѕвечи, но посилно од ударот на атомска бомба врз ближната плот. А потоа, кога Неговиот глас стана пастир на помислите, столб неподмрдлив со темели од беспрекорна доверба и љубов, надежта одлучи дека нема да умре ниту последна како во изреките за охрабрување, а верата, таа пак ги отвори сите свои пори од каде сомневањето би се излачило и доби една нова димензија на поимање, повеќе слична на подготвеност да се погине за неа отколку само фарисејски да се устоличува пред масите кои не го сфаќаат значењето на елејот кој го снемува. Мисијата на Светиот Дух да го добие под закуп нашиот храм беше завршена и тогаш беше јасно дека мнозина се повикани, а малцина избрани.

Тогаш и започна најтешката задача на земјата, одржувањето. Патот е трасиран, оружјето подготвено, оклопот зацврстен, гардата од ангели пазители вечно разбудена и ниту една причина да не се стигне на целта. Освен сопствената волја и нејзината непостојаност од тврдокорен борец во арена со гладни лавови да те претвори во мрзлива вреќа полна со нечистотии која зависи од илузиите трајни во минутни интервали. Освен сопствената надеж која ниту со отворени очи може да го перцепира царството Небесно бидејќи единствено што може да види е бојата на парите и нивните последици. Освен сопствената вера, кршлива и колеблива кога се радува на исполнетите молитви, но и неправедно тагува кога искушенијата предвидени да воспитуваат се претвораат во благиот јарем и бремето лесно. Освен сопствената љубов која се стреми да остане сопствена и само кон себеси секогаш незадоволениот, со отворени прегратки и само кон оние кои ве милуваат како и митниците, со граници на нејзиното вознесување после кои таа малаксува немајќи веќе корист од љубените, и со селекција на објектите за распространување според местата на допадливост. Заради сопственото, одржувањето е најтешката задача на Земјата. Пиедестално поставеното „јас“ е големо скоро колку камилата која сака како и богатиот да се провнат низ иглени уши до царството на Небото. Само оние кои ќе се погрижат за другите ќе ги видат Престолот и Реката. Мнозина се повикани, а тие ќе бидат малцината избрани.

С. П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz