Исповед – билет за Причест?

Начинот на којшто живеела Црквата во 20-от или во 19-от век, многу малку наликува на начинот на којшто Таа живее денес. Во 19-от век, преовладувала таква формализација, што состојбата била доведена до апсурд. Четири пати во годината човек требало да ја помине шемата: пост, иповед, причест. Се сметало дека ако постиш и се исповедаш, значи сè е во ред, ти си совесен граѓанин на својата земја.

Периодот на гонење покажал сосема различен однос на свештениците и нивните духовни чеда. Во тоа време парохиската исповед воопшто не се јавувала како основен дел на пастирската грижа.

Може да се каже дека исповед немало ни во 60-70 години на минатиот век, кога не останале многу јавно делатни храмови. Тогашните распространети заеднички исповеди, кога пред толпа постари жени свештеникот чита список со гревови, секако, не одговараат на евангелската идеја за покајание, преку примерите за дисциплината свето покајание, која реално постои во илјадолетната Црква.

Во тој период, кој е познат како преродба на Црквата, кога почнавме постепено да стекнуваме сложено искуство во изградба на парохискиот живот, односот кон исповедта кај младите свештеници беше приближно еднаков. Имаа книгички, набројување на гревовите според свети Игнатиј (Брјанчанинов), имаа општа претстава за тоа, дека исповедта е пропусница за Причест. И тоа беше доволно.

Денес може да забележиме во што се претвора сличната пракса, како таа го опустошува човековиот живот и ја одзема смислата на исповедта, како луѓето повеќе не разбираат што се случува со нив. Неделната згрченост преминува во формализирање на сè, дури и на самата Причест. Човекот веќе не живее свесно, сè се претвора во форма, своевидна игра, во правила кои на сите им се добро познати.

Отец Павел тоа многу добро го има напишано: „Имаш ли листенце со гревови?“ – ја прашува една жена другата. Денес технолошкиот напредок ја упростил задачата: ќе притиснеш едно копче и принтерот ќе ја испечати одамна подготвената идна исповед за следната сабота. Каков кошмар ми претставуваат таквите печатени исповеди!

Кога се обидувам да ги убедам моите парохијани да не се исповедаат пред секое причестување, во нивните очи гледам страв: зарем не треба така? Поудобно е да правиш нешто што те тера да мислиш дека кај тебе сè е во ред.

Список за во пералница

Ваквите списоци со набројување на гревовите ме потсетуваат на пополнета потврда која се добива во пералница: валкани чаршафи – 3, навлаки – 4, пешкири – 1. Ќе го донесеш списокот, ќе го прочиташ. И веднаш сè е спокојно, безбедно. Веќе уверено можеш да кажеш дека се причестуваш според правилата, според каузата.

И нашата исповед веќе не е исповед, туку здодевно набројување бесполезни работи, кои не го прават човека ниту подобар, ниту полош. Таквите исповеди претставуваат пречки за духовниот раст, а секако луѓето немаат никаков однос кон покајанието.

Дури и повеќе од тоа. Тоа е опасна стапица за духовниот живот. Ваквата пракса го менува и односот на човекот кон Причеста. И го претвора во некаква форма на, ајде да не звучиме грубо, „духовно гориво“. Односно причестувањето не се разбира како средба со Христа, не како Негово лично присуство во нашиот живот. Духовно се поткрепив и продолжувам напред. До следно видување!

Пристапувајќи кон Чашата, не се плашиме да се приближиме толку близу до Христа, не ја разбираме средбата со Него како наш суд. Каков суд? Сите проблеми ги решивме на исповед, разрешено ни е. Единствено може да се обеспокоиме доколку не сме ги прочитале до крај молитвите пред Причест. А ако до крај сме го прочитале целото правило и сме се исповедале, тогаш немаме никакви прашања за тоа што со нас се случува во моментот при средбата со Христа.

Сè треба да биде нормално, загарантирано. И уште да ни биде од полза.

Ако не сме го исполниле препишаното, тогаш сме се причестиле „за суд или за осуда“. А ако сме го исполниле препишаното, тогаш сè е во ред, нема потреба да се плашиме од тој свет миг.

Изразот со кој ние им го подаваме на парохјаните Телото и Крвта на Спасителот е „за исцеление на душата и телото“. И ние почнуваме да мислиме дека пред нас се наоѓа добро лекарство.

Какво лекарство, кога во Чашата пребива Распнатиот Христос!?

Затоа никаква успокоеност не може да имаме кога се приближуваме кон Чашата! Треба да има тревога, ужас, страв, трепет.

Повторно во круг?

По својата суштина духовниот живот на свештениците, монасите, лаиците, мажите и жените се развива еднакво. Тоа е потрага по Христа, тоа е твојот живот во согласност Евангелието. Тоа е молитва на човекот, негови разговор со Бога. И покајанието не е процес кој се случува од сабота во сабота, тоа е процес кој трае доживотно. Тоа е патот по кој човекот оди за да стигне до Христа. И кога човекот оди по тој пат, тој духовно созрева. Во одреден момент, човекот кој Го следи Христа, кој се труди да Му се приближи Нему, веднаш ќе го види во себе она што порано не го гледал, не го забележал. Тоа што во човекот засветила светлината на Христовата љубов, осветлувајќи го делот од душата во кој претходно човекот и не погледнувал, ја полни неговата душа со ужас. И токму тогаш се случува вистинското покајание, тогаш е неопходна исповедта и тоа е знак дека човекот се движи кон Бога.

Наместо тоа, наместо придвижување кон Христос, се случува одењето во круг, за кое јас веќе толку пати пишував и зборував. Од исповед до исповед, од Причест до Причест, од пост до пост. Живееме среќно и удобно.

Откако свештеникот ќе го искине листето со набројаните гревови, значи може да бидеме спокојни и после една недела или две да донесеме ново листе со истата содржина. А кога некој друг човек, кој приоѓајќи на исповед види дека на човекот пред него, свештеникот не му го искинал листето, почнува да се грижи: „Што ли не е во ред?“ Како во самото листе да е покајанието. Како самото листе да е пропусница за Причест. Ако билетот ти го искинаа, смело можеш да поминеш.

Поминувајќи така од исповед на исповед, некои луѓе паѓаат во униние, прекинуваат да се причестуваат. Чувствуваат дека причестувањето е нешто сериозно, и дека за да дојдеш до него не е потребна пропусница.

Духовниот живот, исповедта, подготовката за Причест не може да е она што се става на производствена лента, она што е построено по шаблон. Не може да се почувствува покајание по распоред, со редовна периодичност…

Меѓутоа, многу луѓе се навикнуваат и токму така, производствено, почнуваат да го сфаќаат духовниот живот. Затоа што „така е правилно, така треба, така е воспоставено“. Поудобно е ако наместо смисла, имам замена за смислата. И ако некој се потруди тоа да го промени, веднаш бива обвинет од своите собраќа: „Што, да не сакаш промени?“, „Да не си католик?“ и слични безумни зборови.

Кога слухот престанува да работи

Да, доколку не се даваат „пропусници“ во вид на исповед, постои ризик дека кон Причеста ќе приоѓаме заедно со толпата и луѓето кои воопшто не ја разбираат нејзината смисла. Задачата на свештеникот е да не дозволи тоа да се случува. Кога се формира парохиски живот, тој треба да има можност со некаков пример дисциплинарно да ги воспитува новодојдените луѓе во храмот. И со нив некој пат на исповед да позборува и да објасни што е што, како треба да се моли и така натаму. Но не исповедта да се претвори во пропусница!

Ако му требаш на некој парохјанин за исповед, тој ќе дојде и ќе ти каже за тоа. И тогаш ти за него ќе одвоиш време. А не три минути од таа бесконечна редица, кога е невозможно некого да исповедаш, кога е невозможно да го ислушаш некого! Мене, како на свештеник, после дваесет набројувања престанува да ми работи слухот, кога за половина час стоење ќе ме натоварат со пустоштини. И кога ќе пријде човек со душевна болест и проблеми, ризикувам да не го сослушам.

Луѓето кои ќе отстојат во редицата за исповед, кои ќе го прочитаат со ред листето „од пералницата“, искрено мислат дека се покајале пред Бога. Дури потоа настапува најсериозната духовна криза. Човекот одеднаш мисли: зошто е толку многу години во Црквата, но никого не љуби, не сака да се моли, не ги сака постите, чека што поскоро постот да заврши? Нему му е неподносливо да го чита правилото пред Причест, од година во година, од деценија во деценија, секоја недела, едно те исто…

Ако ги замениме Божјите заповеди со човечки приказни, ќе бидеме сведоци на катастрофа. Катастрофа која, во принцип, уште од сега се наѕира.

Отец Алексиј Умниски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz