Кој се удостоил да се види себе си…

Веќе неколку векови пред Христа, „Спознај се самиот себе“ бил натпис кој стоел во Делфиското пророкувалиште со цел непрестано да ги предупредува оние кои влегуваат внатре обидувајќи се да дознаат нешто повеќе за себе и својата иднина. Сигурно, искуството на човекот уште многу векови пред почетокот на грчката култура, како и во останатите цивилизации од стариот свет, било запознаено со тешкотиите на самоспасението, па некоја мудра глава ги собрала сите тие милениумски сознанија за човекот и ги преточила во кратка, полна и повеќесмислена изрека, речиси заповеднички: „Спознај се самиот себе!“

Неракотворен образ на Господ Исус Христос

Неопходноста и важноста на оваа вистина која се втиснува трајно во човекот – вистинотрагател во сите култури и религии во светот, била прифатена од грчките философи (му била припишана на Сократ) и многу пати потврдувана. Сите религиозни мислители, философи, психолози, уметници, па и научници, поаѓале од императивниот позив на животот: „ Најнапред спознај се самиот себе, па потоа манифестирај се!“ Од кои длабочини потекнува ваков призив кај човекот? За верниците тоа претставува повик на Бога во човекот, така што Боголикото создание, примајќи Го Бога со сето свое битие, постанува и самото Бог. Овие се Божји зборови упатени до човекот во Давидовите Псалми („Јас реков: Вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот“, 81 псалм), а подоцна и преку Христовата уста во Евангелието.

Не делува необично тоа што и материјалистички ориентираните луѓе (меѓу нив и научници и философи) во потполност ја усвојуваат потребата човекот да се спознае себе си, гледајќи ја како биолошка неопходност на човекот во неговата борба за опстанок и што е можно поточно спознавање на природните закони (тоа всушност науката го прави низ вековите). Но уште пред науката и научниците, луѓето сфатиле дека за рабирањето на природата и нејзино рационално користење, пред сè е потребно подобро познавање на самите себе. Не само поради тоа што и самиот човек е дел од природата, туку и развојот на неговиот мисловен процес (од конкретно кон апстрактно) овозможил и сè повеќе овозможува пронаоѓање на такви технички орудија, кои со мала потрошувачка на човекова енергија, постигнуваат во природата и со природата големи резултати. Во оваа прилика нема да навлегуваме во оправдување на расправата по повод човековото отуѓување од природата, човековото насилно однесување кон природата и неговите еднострани постапки во себеспознавање само како материјално, физичко битие, занемарувајќи ја (за подоцна и потполно да се откаже) сè повеќе потребата од Бога.

„Сите твои научни откритија“, вели епископот Николај Велимировиќ „само бледо те потсетуваат на невидените откритија и сознанија во близина на Бога“. Претерано екстравертната Западна цивилизација, маѓепсана од досегашните научни откритија и уверена дека истите во иднина ќе бидат уште поуспешни, ги заборави „невидените откритија и сознанија“ во многуликото, а пред сè Боголикото човечко битие. “Спознавањето на самиот себе“ веќе одамна меѓу научниците на Западот се преобразило во идејата дека, првенствено, треба сè повеќе да спознае природата, како би можел човекот потполно да ја совлада. Па така, природата ја истражуваат оние луѓе за кои самата природа и животот се воопшто плод на „случајноста“ и законот на еволуција, а со кои никој не управува. Оттаму, сите го признаваат законот на природата, но не и Законодавецот.

Во книгата Изреки Соломонови се вели: „Почеток на мудроста е стравот Господов“. „Кој не почнал правилно“, прашува епископот Николај, „како правилно ќе доврши?“ Отфрлувајќи ги двата единствени мудри стравови, стравот (или поточно стравопочитта) пред Бога, и биолошкиот страв кој го штити од опасности, човекот значително зголемил други два стравови, психолошкиот и социјалниот. Денес, за разлика од порано, човекот многу помалку се плаши од природата, а сè повеќе од другиот човек и – од самиот себе, од своите нагони, своето несвесно и од сè злобно во себе. Совладувајќи еден дел од природата, на штета на себеспознавањето, или барем со паралелното спознавање на себеси и природата, човекот остварил чуда во техничката совршеност, притоа не пратејќи го моралниот закон во себе, така досегнувајќи до почетокот на можниот крај – еколошка планетарна катастрофа.

Академик Владета Јеротиќ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz