Пренесено: Интервју со Г. Пимен

[Интервју дадено за Press24]

Ако предлогот на Николиќ беше сериозен немаше да дојде преку ТВ-интервју

Г.Пимен е еден од шестмината млади владици во МПЦ. Европската епархија под негово раководство неколку години доживеа комплетно воздигнување. И е пример за епархиите од дијаспората. Како причини за затвореноста на црквата, отец Пимени ги посочува нејзината неподготвеност да се носи со денешниов брз проток на информации од една страна, но и од медиумскиот простор кој и се дава за презентирање на своите позитивни проекти.

ПРЕС24: Изјавата на Српскиот претстедател, Томислав Николиќ крена многу прашина и во македонската и во српската јавност. Реално ли е да се очекува како решение на деценискиот спор МПЦ – СПЦ, да биде еден вид трампа, слободна за Јован, Томос за МПЦ?

МИТРОПОПОЛИТ Г.ПИМЕН: Како што споменавте, станува збор за еден повеќедецениски спор помеѓу двете цркви, а случајот со Јован не е толку стар и како таков не бил причина за истиот па аналогно на тоа е нереално и трампата да се гледа како решение. Сакам да кажам дека и покрај тоа што се дигна голема прашина околу изјавата на претседателот Николиќ, ниту Петседателот има мандат да преговара во име на Српската црква, туку само може да се заложи околу продолжување на дијалогот, ниту пак ние како Синод, на кој индиректно му беше упатен предлогот имаме власт да ослободуваме затвореници. Ние како Синод можеме само да се заложиме пред надлежните институции не за ослободување туку за помилување односно намалување на затворската казна. Доколку беше сериозен предлогот сметам дека имаше и поинакви можности да се соопшти на оние на кои им беше упатен, а не вака посредно преку ТВ интервју, па сега сите да сме експерти околу толкувањето што точно требаше да сфатиме.

ПРЕС24: Прифатливо ли е за МПЦ, вмешување на државата во црковниот проблем?

МИТРОПОЛИТ Г. ПИМЕН: Ако ставот на г. Николиќ дека станува збор за политичко прашање а не за црковно го земеме како конечно признание на Српската црква, тогаш и ние слободно можеме решавањето понатаму да и го препуштиме на државата. Но, сепак сметам дека тоа прашање треба да го решаваме двете цркви меѓусебно како што тоа се правело низ историјата а согласно светите канони на Едната Света Соборна и Апостолска Црква па колку и долго да потрае тој спор. Последнава изјава дадена од еден државник само потврдува дека вмешувањето на државите и политиката во меѓу црковни спорови може дополнително да ги обременат истите.

ПРЕС24: Поминаа речиси десетина дена од оваа изјава на Николиќ, но МПЦ се уште нема официјален став? Зошто? Единствено во јавноста се појавија само поединечни ставови на некои владици?

МИТРОПОЛИТ Г. ПИМЕН: Изјавата се случи во време кога ние како црква бевме ангажирани околу хиротонијата на новиот епископ па не беше веднаш свикана синодска седница. Потоа на истата се видовме владиците меѓусебно ги анализиравме поединечно соопштените ставови од наша страна но и на великодостојниците од Српската црква и донесовме некои општи смерници за тоа како ќе постапиме понатаму.

ПРЕС24: Десет години откако СПЦ ја создаде паралелната црква во Македонија, речиси и да нема никакви официјални контакти на двете цркви. До кога ќе опстои ваквата статус кво ситуација во разговорте МПЦ-СПЦ?

МИТРОПОЛИТ Г.ПИМЕН: Од наша страна неколку пати досега сме испратиле официјално барање до соборот на СПЦ за продолжување на дијалогот за конечно надминување на спорот, но за жал секогаш нашите барања беа или игнорирани или условувани па така продолжуваше статус кво ситуацијата. Ниту некогаш сме ги ескивирале преговорите ниту пак некогаш еднострано сме ги прекинале. Српската црква едноставно само испра раце кажувајќи пред останатите православни цркви дека тие направиле се за надминување на спорот и дека ПОА е начинот на решавање на истиот, што за нас како црква беше понижувачко и неприфатливо. Годиниве наназад покажаа дека проектот ПОА е неуспешен и е далеку од вистинско решение, па од таму очекуваме дека повторно ќе седнеме заеднички на преговарачката маса за надминување на спорот.

ПРЕС 24: Постои ли неофицијална комуникација?

МИТРОПОЛИТ Г.ПИМЕН: Некои од нашите постари архиереи имаат во клирот на Српската црква архиереи со кои заедно студирале па се во повремен контакт, потоа контактите на ниво на преговарачки комисии раѓаа и лични пријателства, понекогаш проверувањето на вистинитоста на некои информации кои повремено се лиферуваат во јавноста се проверува преку телефонски контакти, па така слободно може да се заклучи дека неофицијални контакти постојат. Како потврда на ова би ја споменал и неофицијалната средба ова лето на митрополитот Амфилохиј кога беше во посета на нашиот Архиепископ г.г. Стефан.

А токму преку овие не официјални контакти се мери пулсот на двете цркви за продолжување на дијалогот.

ПРЕС24: Во која насока го гледате решавањето на црковниот спор МПЦ-СПЦ? Низ продолжување на дијалогот со Архиереите во Белград, или пак преку други цркви?

МИТРОПОЛИТ Г.ПИМЕН: Постојат два концепти познати на православната црква за решавање на ваквите спорови. Првата е да се бара признавање на автокефалниот статус од Цариградската патријаршија како прва по чест Патријаршија во православниот свет, а втората е истото да се бара, народски кажано, од мајката црква односно од црквата која последна имала јуриздикција врз одредена територија. За време на кралството СХС Српската црква имала јуриздикција на територијата каде што денес се протега нашата црква. По автоматизам и за време на повоена Југославија продолжила српската јуриздикција и нашето прогласување на автокефалност значело отфрлање на нивната јуриздикција па од таму и потребата да водиме разговори со СПЦ. Ако се земе предвид дека Цариградската патријаршија е Црква од грчка провиниенција на која и смета нашето име, додека не се реши истото ни останува да очекуваме продолжување на дијалогот со СПЦ.

ПРЕС24: Едно време постоеше идеја за сојуз со непризнатите православни цркви, Украина, Царна Гора, Естонија, Белорусија… Има ли меѓу архиереите на МПЦ приврзаници на оваа идеја?

МИТРОПОЛИТ Г.ПИМЕН: Повремено се појавуваше таа идеја во јавноста за правење на противтежа со од вас споменатите цркви, имаше и конкретни предлози за тоа од истите, но меѓу архиереите никогаш оваа идеја немала приврзаници бидејќи нашиот и нивниот проблем не е од иста природа. Некои од нив немаат ни канонски клир на пример. Ние веруваме дека единствено црковно канонско решение е само продолжување на преговорите со канонските православни сестрински цркви и веруваме дека нам како црква единствено таму ни е местото.

ПРЕС24: Мала надеж дека во СПЦ сите не мислат идентично кон црковното прашање беше изјавата на Лаврентиј, отворено се изјасни дека на МПЦ треба да и се даде автокефален статус, но веднаш беше укорен од портпаролот на САС на СПЦ, г.Иринеј. Какви се Вашите проценки постои ли желба во СПЦ црковното прашање во Македонија да се затвори со решение кое ќе подразбира автокефален статус?

МИТРОПОЛИТ Г.ПИМЕН: Според она што можевме да го чуеме од изјавата на епископот Лаврентиј евидентно е дека не се сите архиереи во СПЦ со идентичен став како на епископот Бачки Иринеј, што охрабрува. Исто така можевме да видиме од реакцијата на г. Иринеј дека тој не одбираше зборови како да го омаловажи својот не истомисленик, што растажува, бидејќи се знае фактот дека истиот овој српски великодостојник е член на преговарачката комисија на СПЦ. Па искрено, и покрај добрата волја на дел од српските архиереи, не верувам во скоро решение со кое би се потврдил нашиот автокефален статус. Тоа прашање ќе биде затворено од страна на идните генерации кои ќе бидат ослободени од национализам.

ПРЕС24: Четири и пол децении трае црковниот проблем. Во тие години МПЦ ја изгради својата црковна структура. Како Вие го оценувате развојот на црквата во овој период?

МИТРОПОЛИТ Г.ПИМЕН: Враќањето на младите луѓе во црквите преку духовната преродба, бројноста на кандидатите за свештеници во време кога поедини цркви имаат криза за кандидати, возобновувањето на монаштвото и манастирите, бројната преведена како и се побројната авторска литература, зголемувањето на бројот на високиот клир е развој на кој можат да му позавидат многу православни цркви. Сето тоа е плод на нашето колективно покајание низ сиве овие четири и пол децении. Оттука можам развојот на црквата да го оценам како многу позитивен, но и да споменам дека има уште многу да се работи на пастирски план.

ПРЕС24: Во Синодот на МПЦ сега има 13 Архиереи. Шестмина од нив се од помладата генерација. Јавноста и верниците очекуваат внесување една нова свежина, еден нов пристап во практикување на црковниот живот. Имате ли моќ како помлади Владици да ја измените сликата и сегашната перцепција кон некои работи во Црквата, кои не се баш најсвето прифатени?

МИТРОПОЛИТ Г.ПИМЕН: Само преку постојаното сведочење на православната духовност можеме да се надеваме на изменување на сегашната слика и перцепција, а не во нашата моќ за промени. Сепак се трудиме да внесеме некоја свежина преку отвореноста на црквата кон народот и разбивањето на оној стереотип дека ние клирот сме избрана каста која живее одтуѓено од народот. Наше е и понатаму да се трудиме, а историјата од некоја временска дистанца ќе покаже дали сме се труделе доволно и дали биле здрави темелите врз кои што сме граделе.

ПРЕС24: Ги прифаќаат ли постарите браќа Архиереи Вашите сугестии, предлози?

МИТРОПОЛИТ Г.ПИМЕН: На моменти е дури зачудувачки како нашите постари браќа Архиереи се отворени за нашите предлози и сугестии па дури многу современи сугестии и предлози потекнуваат токму од нив, а ние како претставници на поновото време само асистираме на истите објаснувајќи како некои од нив може технички да се изведат.

ПРЕС24: Црквата по дефиниција е затворена институција. Зошто толкава затвореност?

МИТРОПОЛИТ Г.ПИМЕН: Затвореноста на црквата првенствено произлегува би рекол од нејзината неподготвеност да се носи со денешниов брз проток на информации од една страна, но и од медиумскиот простор кој и се дава за презентирање на своите позитивни проекти. Соочена со чести напади и обвинувања се оградува и се повеќе се затвора. За надминување на овие фактори кои придонесуваат за нејзината затвореност веќе се почесто се размислува за отворање на свои медиуми преку кои ќе можеме да изградиме еден многу поотворен однос со нашиот верен народ.

ПРЕС24: Колку е богата Македонската православна црква? Ве прашувам затоа што перцепцијата во јавноста е дека свештениците, а особено владиците живеат во луксуз?

МИТРОПОЛИТ Г. ПИМЕН: Откако е започнат процесот на денационализација МПЦ станува се побогата преку враќањето на имот или обештетувањето преку обврзници. Тој процес според моите сознанија е реализиран можеби само половина и е во тек, па така црквата ќе се богати уште повеќе. Секако тоа не значи дека само нашата генерација е повикана да живее во благодетите од денационализацијата, туку дека треба сите ние одговорно да се однесуваме кон овие имоти и средства и треба да се најде начин за стопанисување со истите како би можеле дури и умножени да ги предеме на идните генерации.

Се согласувам со вашата констатација дека во народот е создадена перцепцијата за луксузен живот на свештенството и дека не чувствуваат како одделена богата и надмена класа, но врз што се темели таа перцепција? Ќе се обидам да дадам одговор преку прашања. Треба ли богатоста и луксузот да ги гледаме само преку возниот парк? Та нели денес автомобилот е повеќе потреба отколку луксуз? Треба ли да се генерализираат работите на пример дека сите свештеници се богати кога во руралните средини имаме и свештеници кои едвај заработуваат за живот? Не заслужува ли еден црковен великодостојник да има примања и почести како и секој вршител на јавна функција? Но во време на економска криза е разбирлив револтот на народот. Сепак, како што споменав и погоре на сите нас останува обврската да се обидеме да ја разбиеме оваа слика и тоа првенствено преку личен пример и сведоштво.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz