Интервју со игумен Рафаило Бољевиќ

Во периодот од 27 јули до 3 август годинава се одржа Четвртиот семинар по византиско пеење на научно-истражувачкиот центар и Школата за византиско пеење „Троеручица“ од Атина во Подмаинскиот манастир во Црна Гора. На семинарот зедоа учество учесници од неколку земји од регионот, меѓу кои и од Македонија. Можноста да се запознаат одблизу со светињите на Црногорската земја, и да беседат со духовниците од манастирот беше искористена за правење на кратко интервју со игуменот на Подострошкиот манастир, јеромонах Рафаило Бољевиќ, кој на јавноста ѝ е познат по многуте предавања кои се достапни на интернет-презентацијата на манастирот (врска: Манастир Подмаине).

Благословете, оче. Еве за почеток, кажете ни нешто за верата, верата на нашите Отци, верата во Христа; всушност, што е тоа вера, жива вера во Живиот Бог?

Отец Рафаил: Жива вера во Живиот Бог: Е вера во Отецот и Синот и Светиот Дух, Троица Единосуштна, Животворна и Неразделна; Вера во тоа дека низ дрскоста на непослушанието отпаднавме од Неговата Блага и Животворна Волја, наговорени од отецот на лагата – Сатаната; Вера дека после падот никој од луѓето не можел да ни помогне, освен Синот Кој преку Светото и Надумно Овоплотување, од Светиот Дух по Благоволение на Отецот, а со дејство на Духот, се зачна во утробата на Пресветата и Пренепорочна Марија; Вера дека Он заради нас луѓето и заради нашето спасение, станачовек, и нè искупи со својата Животворна Смрт, пројавувајќи ја, преку неа, силата на Својата Љубов кон паднатиот човечки род, со тридневното Воскресение. А потоа вознесувајќи се на Небесата ни покажа каде е нивото на човечката природа. Таа и ден денес седи од десната страна на Отецот во ипостаста на Синот соединета со Неговото Божество, благодарение на Кого и ја примивме Силата на Духот Свет, Господа Животворецот – на денот на Неговото слегување врз светите апостоли, на денот кога нашата Православна Црква беше основана и со чие дество ние и денеска во Црквата веруваме во сето ова, во Отецот Безначален и во Синот Единосуштен. Таа вера е можна само преку делувањето на благодатта на Светиот Дух која во изобилие ја имаме во нашата света и апостослка Православна Црква.

Тоа е она што би можел вака накратко и површно и колку што е возможно со јазикот да се каже за нашата вера, а она што срцето (верно), очистеното срце може да прими, тоа ги надминува можностите на јазикот, тоа припаѓа во областа на длабоко молчење, исихија, безмолвие, кое, како што велат светите отци, претставува, и е јазик на идниот век.

Современиот човек денес е растргнат, работи трудејќи се да обезбеди егзистенција за себе и своето семејство; како што знаеме, нашите краишта не се во најдобра финансиска состојба. Како при сето тоа да останеме при Христа и да Го најдеме Христа?

Отец Рафаило: Да Го најдеме Христа можеме ако Го слушаме Неговото слово. Господ е присутен во Црквата и присутен е во Неговото Евангелие. Во Своите зборови кои ги имаме во Евангелието Он е присутен. И не можеме да Го најдеме ако се одвојуваме и одрекуваме од Евангелието. Во истото тоа Евангелие Господ сè ни открил. И како да живееме, и како богати да бидеме, и како со Бога да се богатиме. И еден од благословите, или ако сакате, да се изразам со современ јазик, од економските проекти, кој неспоредливо надминува сè што луѓето ни нудат, е и Неговиот благослов и заповед, најпрвин да го бараме Царството Небесно и правдата негова, а сè друго што ќе ни биде потребно, и во времето, и во просторот, ќе го добиеме. Зашто, како што Самиот кажува и Самиот знае: „Знае Отецот што ви треба вам“. Значи, ако го тражиме Царството Небесно со Евангелски, со добродетелен, светотаински, литургиски, светопредански, апостолски живот, ние без дилема ќе имаме сè што ни е потребно – во времето, при тоа нагласувам, во онаа мера во која тоа нам ни е потребно, зашто знаеме дека од вишок можат да се зачнат и големи проблеми.

Желбата може да се излие во она неблагословено тражење, да повлече со себе оптовареност на срцето преку разни тешки чувства, да привлече многугрижие, кое со себе ќе повлече и среброљубие и така во човекот постепено да се всели еден богоборен дух. Тогаш доаѓа до брзо, прогресивно развивање на страста преку која во нас, човекот поединец, а и во народот – а денеска за жал тоа е и случај, влегува отстапничката енергија на паднатите сили. Затоа да се вратиме на Евангелието.

Да го послушаме Оној Чие Име е над секое име, Оној во Чија десница се наоѓаат сите блага, и вечни, и овоременски и Кој сите тие блага може да ни ги даде, но не на штета на нашето спасение. Тогаш каков би бил тој господ, кој би ни ги исполнувал желбите кои не стремат кон вечност? Каков би бил тој господ и спасител, кој би ни го давал тоа што нè одвојува од него? Каков би бил тој цар небесен, кој би ни давал само тоа што нè врзува за земја?

Значи и ова наше време и оваа криза во која се наоѓаме има и свое друго лице, а тоа лице е грижата Божја, Промислата Божја, која не дозволува да се заплеткаме во мрежите на кнезот на овој свет, туку преку страдање, преку пустина, да не заборавиме дека одиме кон ветената земја, кон Царството Небесно. И уште нешто: и модерниот човек го има истиот проблем што го имале нашите предци. Модерниот човек го има истиот проблем кој не може да го реши сам, ниту тој, ни сета негова технологија, ни сета негова наука, сето негово знаење, сите негови моќи… Го има проблемот на смртта, проблемот на гревот и проблемот, односно, оној кој ги предизвикал проблемите, на паднатиот архангел. И модерниот човек, и сите луѓе кои живееле пред нас од Адама, и сите оние кои ќе живеат од нас до крајот на светот и векот ќе имаат Еден и Единствен Спасител – Господ Исус Христос, зашто само Он може да нè ослободи од тие три непријатели: гревот, смртта и духот на овој разорен свет т.е духот на нечестивиот.

И еве уште едно прашање оче. Кои се почетничките чекори кон духовниот живот? Како и кон што човек треба да стреми?

Отец Рафаил: За да влезе во просторот на вистината, духовната вистина, човек треба да сфати дека се наоѓа надвор од неа. И треба да ја прифати вистината, или догматот, дека сме отпаднале од тој простор, односно дека сме паднале со удар. Со ударот на оној кој паднал од небесата како молња и со своето паѓање, силно удрил и во нас, со вешто поставената замка – во волјата наша, слободната волја, која ние, ете, ја злоупотребивме послушувајќи го, а него слушуваќи го, не Го послушавме Господа наш, и Неговата заповед и Неговиот благослов: да не јадеме од дрвото за познавањето на доброто и злото.

Значи, со непослушност отпаднавме, со послушност се враќаме кон Бога. Затоа Православната Црква во нејзината јерархиска структура инсистира на послушание. Постои јерархиски принцип, постои структура на Црквата, како во небесната и како во духовнот свет (мислам на светите ангели – зашто непослушанието во ангелскиот свет предизвикало пад и рушење), така и во овоземната Црква, во структурата, принципот на послушание е еднаков на живот.

Затоа сите треба да бидеме соединети со Црквата, со нејзиниот организам, зашто таа е Една, таа е едно тело и една глава. Да бидеме послушни, за да можеме да влеземе во просторот на духовниот живот, и за херувимот кој стои на дверите на духовниот едем, гледајќи го на нас печатот на Божјиот благослов и нашата послушност со која го прифаќаме да го запре својот меч, за да можеме да влеземе и да се насладуваме во благодатта на духовниот живот, и духовното царство – Литургијата, која ги претставува дверите во времето и просторот на она вечно и неминливо царство.

Така, и за народот во целина, за Црквата во целина, а и за нас поединечно и лично, принципот на непослушание е од пресудно значење за духовниот живот, како во неговиот почеток и зачеток, така до неговиот крај во времето; духовниот живот кој е поставен врз добри темели нема крај, зашто секој послушник Го подражава, со своето послушание, послушанието на Подвигоначалниот т.е. Самиот Христос, кое Он го пројавил кон Својот Отец, доброволно.

Така и ние да ја слушаме нашата Црква, зашто кој не ја слуша Црквата и нејзината јерархија, тој и Господа не Го слуша. Како што и Сам Господ им рекол на светите апостоли: „Кој вас ве прима, Мене ме прима, а кој од вас се одрекува, од Мене се одрекува“. Тој благослов е и понатаму во сила и јерархијата на Црквата го носи, и нашиот однос кон неа еднаков е на нашиот однос кон Господа, кон Света Троица.

Така да, еве и себе си велам, а и на оние кои ме прашуваат им повторувам, дека треба да бидеме послушни на Мајката Црква за Отецот навистина да ни биде Отецот и Синот Негов да би го имале како брат и Духот Свет да може да почива на нас, божјиот народ, Новиот Израил.

Интервјуто го водеше Милош Дрпа
Фотографија: Манастир Подмаине

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz