Информативен пресек [03.10.2016]

Прославен Соборот на сите македонски светители во Охрид

Со света Архиерејска Литургија, во храмот на Премудроста Божја во Охрид, на која чиноначалствуваше Блажениот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Високопреосветените Митрополити Тимотеј, Петар, Наум, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф, Јосиф, Преосветениот Епископ Климент, како и бројно свештенство и свештеномонаштво, на 2 октомври беше прославена Неделата на сите македонски светители.

По Литургијата, се одржа и промоција на делото „Св. Климент Охридски – хагиографија и химнографија“, заеднички труд на протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, м-р Виктор Недески и Александар Димоски, во чест на 1100-годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски.

Г.Г. Јероним: Православието и Грција не се на продажба.

Среде сè позатегнатите односи меѓу Грчката Црква и Влада, а во врска со измените во законот за образование и регулирањето на верското образование во јавните училишта, Блажениот Архиепископ Атински, г.г. Јероним во петокот изјави дека „во Грција има луѓе што не си ја сакаат својата земја, и сакаат да ја деелизинираат, но и такви што не си ја сакаат Црквата, и сакаат да ја дехристијанизираат.“

Обраќајќи се пред деца и младинци во еден црковен камп на северо-истокот од Атика, Архиепископот им порачал да си ја љубат земјата и православната вера, нагласувајќи дека „Православието и Грција не се на продажба.“ Тој потенцирал и дека долг на сите грчки жители е да ја предадат љубовта кон татковината и Црквата на следните поколенија: „Историјата ни покажала дека кој започнал борба со Грција или Црквата, изгубил.“

Инаку, веќе неколку недели грчките медиуми јавуваат за контроверзата со новите измени на верското образование. Министерот за образование во владата на СИРИЗА, г. Никос Филис се залага за имплементација на програма со која би се изучувала историјата и социологијата на религиите, наместо досегашната, катихетска програма.

Руската свештена обител на Света Гора го избра својот игумен

Рускиот свештен манастир „Свети Пантелејмон“ на Света Гора, на 2 октомври го избра новиот игумен на манастирот, јероѓаконот Евлогиј (Иванов), – соопштува порталот Русский Афон, а пренесува ПППЕ.

Процедурата на изборот била во согласност со т.н. „Светогорски Устав“, потврдена од владата и парламентот на Грција во 1926 г. Според неа, во гласањето може да учествуваат монаси, кои имаат монашки стаж не помал од 6 години (или монаси од други манастири, кои живеат во манастирот, не помалку од горенаведениот рок). Согласно тоа, во гласањето учествувале 37 од 103 луѓе, кои живеат и се подвизуваат во манастирот.

Папата Франциск во официјална посета на Грузија

Папата Франциск оствари дводневна посета на Грузија, и се сретна со Неговата Светост, Католикосот-Патријарх на Грузиската Патријаршија, Илија II. Во обраќањето, меѓу другото, Патријархот Илија истакна: „Возљубен брату Франциск, се радувам што дојдовте во Грузија, и на тој начин на продолживте оваа многувековна традиција, чија основа е поставена во првиот век. Дваесет века ние живееме во братска љубов, и ќе продолжиме така“. Тој не избегна да нагласи дека во односот меѓу Ватикан и Грузија имало многу проблеми: „Но, важно е да кажеме дека сите проблеми беа надминати со Божји благослов. Ова е навистина историска посета. Господ да ги благослови нашите две цркви“. (видео: Папата во Грузија)

Истовремено, грузиската црковна јавност го изрази својот протест поради дозволувањето на Папата да влезе во патријаршискиот соборен храм „Светицховели“ во Тбилиси. (видео: Ватикан е духовен агресор)

Настани и промоции

Промоција на „’Несвети, а свети’ и други раскази“

На 4 октомври 2016 година (вторник), со почеток во 12:00 часот во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје, ќе се одржи промоција на македонското издание на бестселерот „Несвети, а свети и други раскази“ на Епископот Тихон Шевкунов, во издание на Кумановско-осоговската епархија. Книгата беше издадена во пресрет на 28. Саем на книгата, во април годинава. На промоцијата ќе говори и авторот, Преосветениот Епископ Тихон, кој е во неколкудневна посета на Р. Македонија.

Промоција на „Свештеници маченици – Репресијата над македонското домородно свештенство по Втората светска војна“

Промоцијата на книгата на м-р Билјана Петковска ќе се одржи во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, (спроти МАНУ), на 13 октомври, 2016 година (четврток), во 12 часот.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz