Иконографија и порнографија: два спротивставени светогледи

Како православни Христијани, окружени сме со икони и в црква и дома, но истовремено се среќаваме и со мирјада други слики во светот околу нас – на телевизија, во нашите компјутери, телефони и на други места. Mеѓу овие сеприсутни слики спаѓаат и порнографските слики, кои во минатото се наоѓаа во магазините со ниска содржина, а кои денес се достапни за масовна потрошувачка преку интернет.

Православната иконографија и порнографијата би ги дефинирале како „икони“ на два спротиставени светогледи: од една страна, иконите нè воведуваат во Христовото откровение и богословието на Црквата; од друга, пак, порнографијата го отелотворува трагањето по задоволства како цел само по себе, нешто со што честопати се среќаваме во светот. И двата вида „икони“ како централен субјект ја имаат човечката личност, иако православните икони и порнографијата прикажуваат две различни визии за човечката личност како икона Божја.

Основа на христијанското разбирање на човечката личност е нашето создавање како битија според ликот Божји:

Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над рибите морски, и над птиците небески, и над ѕверовите – над целата земја и над сите гадинки што се движат по земјата!” И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде. (1Мојс. 1,26-27).

Дел од она што го означува „образот Божји“, и нешто што истовремено нè прави различни од растенијата и животните, е тоа што ние имаме слобода да вршиме разумни [умни, словесни, логосни] избори. A токму ова им е заедничко на иконите и порнографијата: визијата за човекот како слободно битие. Но, двете визии за слобода што иконите и порнографијата ни ја прикажуваат тешко дека би можеле да бидат поразлични.

Во антиката и поголемото време од Црковната историја на слободата се гледало како на непречена способност за разбирање на вистинската сопствена природа како битие создадено од Бога. Дури подовна, за време на Просветителството и во современието, слободата била „повторно измислена“ како индивидуално право да се избере било што, дури и нешто спротивно на својата природа.

Порнографијата претставува едно гледиште на спонтаната потрага по човечките физички желби, нешто на што Отците гледале како на трагична злоупотреба на природните енергии. Св. Григориј Нисски пишува:

Оние квалитети, со кои животните се обдарени за да се себеочуваат, пренесени во човековиот живот, стануваат страст… Оттука и нашата љубов кон задоволства потекнува од сродноста со бесловесната природа, а се зголемува преку гревовите човечки, раѓајќи многуобразни гревови какви што не можеме да најдеме кај бесловесните животни.

Природните инстинкти, заеднички за човечката и животинската природа, а дадени од Бога, се добри кога со нив раководи словесниот извор за послушност кон Бога. Но, кога се нераководени, желбите прават да бидеме подиви и од ѕверовите. Св. Григориј продолжува: „Ако разумот ги отфрли уздите, и како некој заплеткан кочијаш се влече после кочијата, бивајќи воден од разузданите животни, токму тогаш (природните) импулси се претвораат во страсти“.

Наместо да нè ослободат, страстите нè поробуваат. Нашето човечко искуство ни го потврдува ова: компулсивното прејадување, зависноста од дрога, алкохолизмот и епидемијата од сексуална зависност се примери за изгубената слобода пред непроверените желби. Повикувајќи се на зборовите од Првата книга Мојсеева, св. Василиј нè предизвикува:

Прво ти беше даден дарот на владеење. О, човеку, ти си битие кое владее. Тогаш, зошто им робуваш на страстите? Зошто се откажуваш од своето достоинство, и му робуваш на гревот? Поради што од себе правиш затвореник на ѓаволот? Беше назначен за владетел на созданијата, а се откажа од благородноста на својата природа.

Прикажувајќи илузија на слободата, порнографијата е всушност слика на ропство. Личноста која во желбите гледа цел сама по себе, се лишува од способноста да носи разумни одлуки, и ја следи неразумноста на импулсите и нагоните. За жал, порнографијата е икона на човечка личност која се откажува од ликот Божји според кој тој или таа е создадена.

Од друга страна, иконите ни откриваат едно гледиште на човечката личност, според кое таа е слободно битие создадено според ликот Божји, нешто сосем спротивно од порнографијата. Иконите на кои е прикажано создавањето на Адам и Ева ни пренесуваат подлабок увид во тоа што значи да се биде создаден според Божјиот лик.

Божјите зборови во Првата книга Мојсеева, „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние“, добиваат ново значење кога во иконата на создавањето гледаме дека Христос е Оној Којшто го создава човекот. Тоа што ние сме создадени според „образот“ Божји станува конкретно кога во овој „образ“ Го гледаме Христа.

Светото Писмо, а исто и Отците потврдуваат дека Христос е икона на Отецот par excellence. Да се гледа Христос значи да се гледа Бога. А ова е особено точно кога Го гледаме Христа распнат и воскреснат. Токму во Неговата послушност на волјата на Отецот, преку Неговата доброволна крстна жртва за спасението на светот Христос го открива ликот Божји на созданието.

Важно е да нагласиме дека дури и во иконата на создавањето на човекот, Христос ни се открива како распнат и воскреснат. Доколку погледнеме на Неговиот нимбус (хало, нимб, ἅλως), Го гледаме Крстот.

На овој начин иконите нè учат дека да се биде создаден според Божјиот образ значи нешто повеќе од бескрајната индивидуална слобода. Тоа е нешто многу поразлично од слободата да се следат страстите, како што е тоа предвидено во порнографијата. Иконите ја откриваат вистинската слобода како слобода од страстите кои нè поробуваат и заплетуваат, за да можеме да Му се уподобиме и приближиме на распнатиот и воскреснат Господ.


Ова го гледаме во иконата од 12-тиот век на која е прикажана Лествицата на св. Јован Лествичник.

На оваа икона ги гледаме монасите, како се борат за да го надминат ропството на страстите кои ги одвлекуваат од Христа. Преку нивната аскеза овие монаси Му се приближувале на Христа. А тоа е таа иста аскеза против страстите и кон Бога кон која не само монасите, туку и сите Христијани, се повикани.

На сличен начин, на оваа икона од 21 век на св. Марија Скобцова гледаме слика на една жена која е преобразена во ликот Христос преку нејзиното соучество во Страданијата Христови. Во нејзината волност
да го жртвува својот живот за животот на другиот во концентрациониот логор Равенсбрик на Велика Сабота во 1945 година, св. Марија дозволила да биде создадена според образот на распнатиот Христос, облекувајќи се во Неговата смрт со надежта на Неговото воскресение.

Иконите нè потсетуваат дека нашето создавање според образот Божји е нешто што треба да се изобрази во нашите животи и дела. Исто онака како што иконите ни ги откриваат духовните вистини преку боите, Бог нè повикува да му Го откриеме Бога на светот преку нашиот живот, па дури и преку нашата смрт.

Свети Григориј Нисски ни кажува:

Нашиот Создател, сликајќи го нашиот лик (така) да наликува на Неговата сопствена убавина, со додавањето на добродетели, како со бои, ни го покажува Неговото Господство: многубројни и различни се боите, да речеме, со кои се изобразува Неговиот вистински облик – ни црвената (боја), ниту белата, ниту мешавината од овие две, како и да се нарекува, ниту малку од црната со која се сликаат веѓите и окото, ни сенките, ни длабнатините во обликот, ни сета уметност што произлегува од рацете на уметникот; напротив, со чистотата, слободата од страсти, благословеноста, отуѓувањето од злото, и таквите својства кои помагаат да се изобрази подобието Божјо (во човекот), со такви тонови Создателот на Својот образ ја обележал нашата природа.

Како православни Христијани коишто живеат во 21-от век, окружени сме со икони: светите икони на Црквата, и разнообразните икони со коишто се среќаваме во светот. Претставувајќи ни една илузија на слобода, порнографијата е икона на робување на страстите. Сепак, православните икони ни откриваат еден поинаков поглед на нашата човечност: мажи и жени вистински слободни и вистински создадени според образот на распнатиот и воскреснат Христос.

отец ѓакон Иван Фримен

Оставете коментар

2 Comments on "Иконографија и порнографија: два спротивставени светогледи"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] дека религијата е во право по ова прашање: сексот и порнографијата може мошне лесно да ги заробат нашите умствени […]

[…] дека религијата е во право по ова прашање: сексот и порнографијата може мошне лесно да ги заробат нашите умствени […]

wpDiscuz