Икони на поп-културата

Фотиј Вартис е атински иконописец, резбар и дигитален уметник кој користејќи ги техниките на византиски иконопис ги има насликано ликовите од современата популарна литература и филм, меѓу кои Гандалф од „Господарот на прстените“ (Gandalf the Grey, “Lord of the rings”), Волтер Вајт од „Чиста хемија“ (Walter White, “Breaking Bad”), Чубакка од „Војна на ѕвездите“ (Chubakka, “Star Wars”) и Еддард Старк од „Игра на тронови“ (Eddard Stark, “Game of Thrones”). Сите овие ликови на одреден начин се одраз на архетипот на херои и антихерои во очите на публиката, со што употребата на оваа техника се чинела најсоодветна за овој млад автор.

Според Фотиј, целата византиска серија на цртежи се родила од грешка: „За мене, овој концепт на сликање на познати измислени ликови во византиски стил започна од една грешка кога, при обид да насликам еден пророк, ликот што го насликав ме потсети на Саруман!“ Сепак, младиот иконописец решил да ја искористи оваа грешка и дополнително да експериментира, на огромно задоволство на фановите на овие ликови.

Во неговата објава на Фејсбук, тој дополнително објаснува:

Кога го започнав овој проект, очекував дека некои луѓе погрешно ќе го толкуваат моето дело, па дозволете ми да објаснам неколку нешта со мојот слаб англиски. Јас сум Грк и сум воспитан во православната вера. Немам никаква намера да го исмевам Православието. Може да видите дека на сликите нема хало-а, така што не ги обоготворувам овие ликови. Црквата никогаш не полагала ексклузивно право врз византиската техника на сликање, и истата се користела за создавање секуларна уметност. Она што го гледате се модерни портрети насликани на византиски начин, а не свети икони. Тоа што сме навикнати да го гледаме овој стил во црквите не значи дека истиот не може да се искористи за теми надвор од тој контекст. Јас имам голема почит кон старите мајстори како Мануел Панселин, Андреј Рубљов, Теофан Гркот и многу други, и не сум ни одблизу добар колку нив. Но, особено во балканските земји и во Русија, вообичаено да се користи овој стил на сликање надвор од религиски контекст. Се работи за уметнички јазик.

Фотиј Вартис е роден во Атина, во 1983 година. Студирал графички дизајн, а денес студира на Атинската школа за ликовни уметности, на катедрата за резба (кај проф. Јанис Гурзис) и печатарска уметност (проф. Михалис Арфарас). Изучувал и визуелна уметност (проф. Мариос Спилиопулос) и иконопис (проф. Јоргос Кордис).

Неговиот налог на Behance мрежата може да го погледнете на следниов линк: www.behance.net/FotisVarthis

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz