Икона наспроти огледало

Да гледаш икона, значи да гледаш од онаа страна, таму да ја преселиш способноста да се види, препознае и дознае, а овде да го оставиш испразнетото тело. Значи таму да го преселиш погледот, а овде да го оставиш окото. Кога со погледот ќе прејдам таму, на пример, Синајската Гора ќе ми биде од десна страна, како и на Христа, што значи дека мојата позиција се изедначила со Неговата, и дека на мојот поглед му е обезбедена вечност т.е. јас со дух сум влегол во животот вечен.

Значи иконата покренува механизам обратно-пропорционален од механизмот што го покренува огледалото: погледот во огледало таму преселува испразнето тело, иконата преселува ослободен дух; иконата воведува во вечен живот, огледалото во моментална смрт. Ако пропорцијата се спроведе доследно, силата која ги свртува страните во иконата би морала да се смета за спротивна од силата која тоа го прави во огледалото. Бидејќи иконата тражи изедначување на погледот со Христовиот, може да се каже дека страната во неа ја свртува света сила.

Оттаму и свртувањето на насоките: иконата како и приказот на градината во Книгата на мртвите, бараат да бидеш внатре, а огледалото секогаш те остава надвор. Од иконата ме гледа мојот (и Синовскиот) поглед, а од огледалото моите испразнети очи, без можност да видат, бидејќи способноста за гледање останала надвор, од оваа страна.

Понатаму, иконата бара светлина и ја впива (пред неа секогаш свети кандило), а огледалото ја одбива [светлината]. Можеби во тоа треба да се тражи зоштината (или поточно причината) за обратно-пропорционалниот однос на огледалото и светата слика: додека иконата изедначува, помирува, ускладува, огледалото се однесува како граничен простор, место на разделување, на одвојување.

Џевад Карахасан, „За јазикот и стравот“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz