И омраза во хаос

И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко – чедото свое, и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат, и ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но кој претрпи до крај, ќе биде спасен.

Матеј 10, 21-22

Отсекогаш со неспокој сум го препрочитувал овој дел од Писмото длабоко уверен дека ниту мудроста ниту понизноста ми беа доволно силни за да го протолкувам на начин кој ќе овозможи и понатаму овие стихови да останат свети според местото од кое потекнуваат. Битисувањето низ светот и годините кои носат искуства од средби или од и по неколку пати прераскажани преданија во озборувачките кругови, почнаа да ми ја подигаат маглата од моите застрашени размислувања околу суровата вистина на овие зборови и се поцврсто да ме убедуваат во Христовото дека ниту јота од пророштвата ќе биде променета додека се не се исполни. Жалосни сознанија за неразумноста.

Ќе предаде брат брата си на смрт и татко чедото свое. Егоцентричноста и веќе абнормалниот приод кон земскиот живот, кон неговата краткотрајност и настојување да се грабне што повеќе од него, ги претворија мнозинството од жителите на светот во суштества со канибалски порив кои сигурно нема да се обидат да се хранат со телото на својот ближен, но доста потврдено би пробале, а подоцна и би ги присвоиле неговиот имот, среќа, насмевка, па и дел од душата доколку би можеле да ја вклопат во сопствената конструкција. За да дојдат во позиција да земат, мора прво да предадат и тоа најчесто со откажување од својот ближен, или поточно со отфрлање на заштитничката улога кон него, односно она што требаше да значи правење милост и љубење како себе си. Потоа е лесно, исконските врски се во прекин, а Лукавиот веќе почнал ближниот да го претставува како објект на сеисполнетост кој ако не сака да подели ќе мора да биде ограбен. Но, обично тоа не е доволно. Ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат. Ближниот е веќе лишен од она што го правеше примамлив, понижен и истоштен пред судови, вчудоневиден и згрозен во пустошот. Зошто сè уште ќе биде цел на напад и волја да се ексхумира неговата празнина? Дали обидот за физичка ликвидација е начин и сосема да се избришат спомените на него кои сепак оставиле траги од една добрина или кроткост барем во градината, помеѓу цвеќината? Или можеби неговото непостоење ќе го намали гризењето на совеста, ако така може да се нарече нештото на нејзиното место, и ќе обезбеди спокој и покрај толку гревови? Или тоа беше плодна омраза во сомнителен правец?

Предавство, смрт и омраза од сите заради Неговото име. Поменувањето на тоа Име требаше да биде лозинка до секое срце кое макар малку посакува спокојни денови. Но, сега тоа стана пречка поголема од каменот за сопнување. Омраза од оние кои не го прифатија како Бог бидејќи си имаат други, свои. Омраза и од оние кои се плашат од Него, но таа е поголема од стравот, а тлее поради погрешното толкување на Неговата љубов. Омраза во хаос, проширена по земјата со една зла и многу лукава долгорочна стратегија.

Но, кој ќе претрпи до крај, ќе биде спасен. Ќе го подигнат бели, меко мовлести крилја и оддалеку ќе го гледа огнот во кој омразата врескајќи ќе си споменува за своите пакости. Таму високо нема да го чувствува смрдливиот здив на едни зборови кои не беше можно да излегуваат од човечко срце, толку мало за толку голема темнина, толку празно за толкав број на влекачи кои сами по себе претставуваа презир. Нема ниту да забележи колку му недостасувала утринската молитва со која го каеше гневот насобран против секој кој Него му го проколнуваше. Ќе биде вечен со новите погледи кон содржината на душата, силно осветлена дури и во пластовите кои некогаш обилно крвареле.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz