И јас сум само човек

„И јас сум само човек“, овие зборови честопати ги среќаваме во житијата на преподобните отци. Најчесто, ова го говореле старците – духовници кога ќе забележеле дека монасите, кои дошле за да ги исповедаат нивните помисли, од срам не можеле во целост да го отворат своето срце.

Во Старечникот можеме да прочитаме сведоштво за еден монах кого го мачела блудната страст, и кој три години доаѓал кај авва Зинон за да ја исповеда оваа своја борба; и секој пат срамот му го врзувал јазикот, и тој си заминувал без да му ги открие срамните помисли. Аввата, секако, разбрал за што се работи, но не сакал да изнуди исповед од монахот, туку чекал овој своеволно да го стори тоа. Кога братот на крај ја исповедал својата страст, и од срам паднал пред авва Зинон, старецот воопшто не го презрел, туку го утешил со зборовите: „Но, зошто се срамиш? Не сум ли и јас само човек? Сакаш да ти ги кажам своите страсти?“ И така, утешен и заштитен од молитвите на старецот, монахот се ослободил од блудното искушение.

Авва Макариј
Авва Макариј

Уште попознат пример за помош во надминувањето на срамот, кога старците самите се претставувале како многу острастени, за да ги охрабрат искушуваните браќа на исповед, е случајот со преподобниот Макариј Велики и монахот Теопемпт. Авва Макариј дознал дека Теопемпт им робува на страстите затоа што никому не му ги открива своите помисли. На опитен начин, т.е. – жалејќи му се на братот дека и покрај многуте години поминати во подвиг, и тој, самиот, божем уште трпи искушенија од најразлични помисли, аввата успеал да го наведе да му ја открие неговата совест. После исповедта, и откако авва Макариј го посоветувал, монахот Теопемпт успеал да одбие секаков напад од непријателот.

Но, од друга страна, преподобен Касијан наведува и поинаков случај. Станува збор за еден ревносен монах кој трпел големи напади од демонот на блудот. Му ги исповедал своите помисли на еден старец, а старецот, бивајќи неискусен, наместо татковски да го утеши, го нарекол проклетник и недостоен за монашки чин. Братот паднал во очајание и сакал да се врати во светот, но по Божја промисла го сретнал авва Аполос кој го охрабрил и го вратил назад, во келија.

Архимандрит Мојсеј, игумен Хиландарски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz