И допирот лекува

И ете, една жена, која беше страдала дванаесет години од крвотечение, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова. Зошто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам ”. A Исус, штом се заврте и ја виде, рече: „Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси”! И оздраве жената во тој час.

Матеј 9, 20-22

И којзнае колку години страдам од душопечение, а не сум се сетил да се допрам до облеката Негова. Сум се обидел со народната медицина, со огнената вода и вештачките летала на илузионизмот, со современите ординации со поглед на парк и удобен кревет кој ѝ се потсмева на човечката психологија, дури и со песна од рано наутро, … но ништо. Сè е суета, како што рече проповедникот, и набрзо го почувствував здивот на Лукавиот, засилен пулс што побрзо да ме измами и одвратна миризба од невистини кои изгледаат привлечно. И кој не би сакал веднаш да се трампа со сопствената трагедија и да ја замени за нешто, на прв поглед долго очекувано со предзнаци за лек? Единствено оние со полни светилки со елеј кои со внимание го чекаат Младоженецот и не отвораат врата на никому друг. Бидејќи не бев еден од нив, ми преостануваше тоа да се вразумам и се обидам уште еднаш од почетокот на патот. Нема да биде лесно познавајќи си го полураспаднатиот мост помеѓу духовната и телесната природа. И нема да биде тешко кога се сетам дека тоа нема да биде неискусно.

Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам. Тој ќе биде таму, ќе зборува помеѓу толпата, во чунот покрај езерото, на трпеза со грешниците или во тивка ќелија. Не сакам да ме забележи, да не Го прекинувам во поуката која на многумина спас им значи. Ќе се доближам да дофатам барем конец од ткаенината која Го опашува и исто така невидливо ќе се повлечам да не ги вознемирувам ниту мравките со својата таинственост. Конецот ќе го чувам во мислите за да ме потсетува. За да ме потсетува дека не може да биде во исто тело со извалкани алишта во туѓи постели. Не може да биде заедно со гнев кој стигнал до грлото. Ниту со глупав богатник што го поседува она што крадците го поткопуваат, а рѓата нагризува. Ниту со дебел горделивец полн со его од мраз, наскоро близу до летно сонце. И, конецот ќе го чувам во мислите за да ме уверува. Сум го дофатил Бога ваков нечист, а Тој тоа го дозволил. Значи Тој верува дека ќе се вратам во покаените или ми Го дозволил последниот поздрав пред збогување. Ако беше за збогување, немаше да имам конец во мислите, и онака ќе изгореше во казанот. Веројатно беше нишката водилка. Од нежен памук како големо добро срце и солза како по Лазар.

Крвоточивата жена

Верата моја ќе ме спаси. Значи конецот не бил волшебен, ни малку повеќе од цврстината на идејата дека ако Го допрам ќе се излекувам. Допирот сега е невозможен, но потрагата по Него, можноста да се разговара во секој миг наоколу и поделбата на радоста и тагата низ молитва ќе го сторат своето. Конечно, не сме сами во овој свет во кој само се помируваме дека сфаќаме како функционира. Анархијата не е некоја функционалност, а ние треба да останеме непомирени до секогаш. Да се вратам на верата, која ме враќа на единственото логичко објаснување: зошто горе!

И ќе оздравам во тој час. Кој рече дека допирот е невозможен, кога ако ги протегнам рацете ја дофаќам слободата од забранетите мисли и недостојните дела. Првоутринското сонце ме гали кога го објавува новиот ден за рајот. Веселите лица во бела облека ме гаѓаат со палмови гранчиња и како секој поен да ми отстранува по една дамка од минатото. Ја бранувам водата во реката која извира од Престолот и потпевнувам по круговите кои ги формира мојата детска игра. Тие сите се допири, и тоа како возможни во силната вера. Кога ќе имам таква, ќе ме напуштат моите болести од кои којзнае колку години страдам и ќе паднат во заборав до крајот на светот.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz