Христовото влегување во Ерусалим

Цветници

Покрај акламациите на народот за воскреснувањето на Лазара и покрај неговите очекувања, сепак, „царското влегување“ (свети Кирил Александриски), т.е. влегувањето на Царот Христос во Ерусалим, се случува со најдлабоко смирение.

Настаните што се случија при Христовото влегување во градот, каде што по неколку дена ќе претрпи многу измачувања и ќе биде распнат и ќе воскресне, ги опишуваат евангелистите (Мт. 21, 1 – 11; Мк. 11, 1 – 10; Лк. 19, 28 – 41; Јн. 12, 12 – 16.).

Влегувањето на Христа во Ерусалим, впрочем како и сите Господови собитија, беа пророкувани во Стариот завет од пророците. Пророкот Захарија прорече „Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата. Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрема и коњите на Ерусалим, и ќе се скрши убојниот лак; и Он ќе објави мир на народите, и царството Негово ќе се протега од море до море и од реката до краиштата на земјата“ (Зах. 9, 9 – 10).

Присуството на Христа е присуство на човекољубие, а не на правосудие, на снисходење, а не на казна. Христос се вочовечи и дојде во Ерусалим во вид на слуга, како младоженец и како јагне непорочно што се принесува за жртва, многу смирено, како капка што паѓа врз волнено руно, и на тој смирен начин ги симна силните од престолите, а ги издигна смирените (свети Кирил Александриски). Како што младоженецот не стапува во брак со власт и сила, туку со љубов и смирение, така и Христос дојде при луѓето. Впрочем љубовта не може да се поврзува со господството и со тиранијата.

Христос е Царот на новиот Израил на Божјата благодат. Но Он не го прави Своето Царство со световна слава и со световен начин на мислење. Тоа е царство на љубов и на смирение. Христос не доаѓа во Ерусалим и во историјата како другите цареви и господари, не е некој злосторник и угнетувач кој е придружуван од бранители, ниту влече со себе мноштво војници. Не е како царевите и господарите кои бараат од луѓето даноци, робувања и груби служења. Знаме дека Христови се смирението, сиромаштвото и понизноста (свети Григориј Палама).

Светите отци, кога го коментираат Христовото влегување во Ерусалим, ја имаат предвид вообичаената слика од својата епоха, кога разни цареви и војсководци влегувале во градовите со власт и со многу сила. Меѓутоа, Христос нема таква власт, ниту сака да им се наметнува на луѓето на таков начин. Затоа, свети Епифаниј Кипарски ќе рече дека Христос немаше жезли и труби, туку се појави со крајно сиромаштво. Не беше носен со придружба од мечеви, оружја и копја, како што тогаш правеле земните господари, туку беше придружен од крајно смирение. Немаше вооружни луѓе, штитови и шлемови, туку крајна кротост, бескрајна незлобивост и надмерна умереност.

Христовото смирение не е една лицемерна надворешна добродетел, туку е израз на Неговата љубов и на Неговата едноставност. Оној кој е едноставен (прост) во однос на природата, но и љуби, истовремено е и смирен. Според тоа, поврзувањето на Христовото смирение со Неговата едноставност и љубов, всушност, е Неговата несоздадена енергија, која произлегува од простата природа на Божеството. Затоа, кога светителите се удостојуваат да Го видат Христа во Неговата слава, биваат поробени од Неговата љубов и смирение. Христос е кроток и смирен по срце, како што впрочем тоа Самиот го објави.

Митрополит Јеротеј Влахос
„Господовите празници“, СПЕ 2012
Превод: Отец Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

1 Comment on "Христовото влегување во Ерусалим"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Христовото влегување во Ерусалим […]

wpDiscuz